Дневна доза на превенцијаДушан Гољиќ
м-р по фармација
Со земање ниска доза ацетилсалицилна кисела од 75 до 100 мг дневно се превенираат тромбоемболиски болести, така што се спречува агрегација на тромбоцити и на тој начин се намалува шансата да дојде до создавање тромб во крвните садови, но пред првата примена на лекот е неопходно да се консултирате со лекар
Заболувањата кои се први по смртност во светот и кои ја зафаќаат старосно растечката популација во светот се тромбоемболиските болести. Попознати се како шлог (мозочен удар), инфаркт на миокард (срцев удар), тромбоза на длабоки вени, тромбоза на бели дробови и др. Во центарот на овие заболувања е затнување на крвните садови, при што следува прекинување на циркулацијата низ ткивата и органите и низа придружни последици.
Прво доаѓа до таложење на штетни материи (лош холестерол и маснотии) во ѕидовите на крвните садови. Потоа околу наталожените супстанции се врзуваат протеини од крвта и тромбоцити, создавајќи така цврст седимент. Понекогаш, може да дојде до негово одвојување, при што се создава тромб (крвно згрутчување) кое влегува во циркулацијата и може да ги затне крвните садови и да го онеспособи кардиоваскуларниот систем на целото тело.
Главни ризик-фактори за настанување на вакви заболувања се животните навики: пушење, алкохол, дебелина, седечки начин на живот, неизбалансирана исхрана и стрес. Таквиот начин на живот сè повеќе пушта корени во модерното општество, па може да се каже дека секој од нас ги препознава ризик-факторите во своето опкружување.
Модерната медицина ни нуди ефикасна профилакса. Во последната деценија актуелна препорака кај сите ризични групи на пациенти е: да се земаат ниски дози на ацетилсалицилна киселина еднаш дневно како превентива на тромбоемболиските болести. Меѓутоа, пред првата примена на лекот е неопходно да се консултира лекар.
Ацетилсалицилната киселина постои повеќе од 110 години и е општо позната нејзината употреба кај болни состојби или за намалување на покачена температура. Меѓутоа, ниски дози од оваа киселина, 75-100 мг/дневно, не се доволни да постигнат аналгетско или противвоспалително дејство. При тие дози лекот успешно ја спречува агрегацијата на тромбоцити, па се намалуваат шансите воопшто да дојде до создавање тромб во внатрешноста на крвните садови.
Со оглед на тоа дека ацетилсалицилната киселина може да има штетно дејство на слузокожата на желудникот, денес се дизајнираат посебни облици на гастрорезистентни таблети кои го спречуваат растворањето на лекот во горниот дел од дигестивниот тракт.
Кој смее да зема ацетилсалицилна киселина Доколку лекар ви препорачал превентивно да земате ацетилсалицилна киселина, земајте ја еднаш дневно. Клинички не е значајно во кое време од денот сте го зеле лекот, иако е забележано дека со земање вечерна доза се намалуваат шансите за потенцијални стомачни тегоби. Доколку имате крвавење или историја за хематолошки заболувања, престанете со земање на лекот. Овој лек не се препорачува на деца помали од 16 години, освен во посебни состојби. Трудниците не би требало да го земаат овој лек, освен ако бенефитот во бременоста е поголем од ризикот, што ќе одреди лекар. Доколку имате планирана операција, престанете со земање ацетилсалицилна киселина најмалку седум дена пред операција. Не се препорачуваат нагли прекинувања со земање на овој лек, бидејќи тоа може да резултира со нагло зголемен ризик за формирање тромб. Ако при земањето на лекот почувствувате мачнина или која било друга непријатност, посоветувајте се со вашиот лекар или фармацевт.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци