[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/09/Cover_oct_2016.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]
ЉУБОЈНА
Вера Милошевска
Докажавме дека и народното е забавно
Broj 32, октомври 2016
Групата која е популарна меѓу млади и стари и која создава единствена музика, Љубојна, ексклузивно за BETTY магазин oткрива од каде се родила идејата за создавање на овој уникатен состав. Љубојна велат дека тие своите настапи ги доживуваат како чувство на славење на музиката на сцена и дека тоа се прелева и во публиката. Групата годинава прави 15 години од своето постоење. Тие најавуваат период кога треба да се направи многу повеќе надвор од рамките на нашата државаБојана Симоновиќ
BETTY: Вашата музика се опишува како истражување на ритам кој раѓа успех. Подеднакво е привлечна и за помладата и за постарата публика. Од каде се роди идејата за создавање на Љубојна и како се решивте за творење во духот на етно музиката?
Љубојна се роди од нашата жед за музика истовремено желба за свежа популарна македонска музика. Поминувавме часови и часови преслушувајќи ги песните и воопшто музиката на нашите стари мајстори, прашувајќи се како е можно ваква моќна, освојувачка и емотивно густа музика да оставила толку бледа трага во денешницата? Како полека луѓево да се изродиле од сопствениот народ и станале гастарбајтери во сопствената земја!? Тој порив да се создаде звук кој ќе ја носи емоцијата, пред сè, моќта и радоста на музиката, создаде цела приказна од истражувања во една музика која ги допре срцата на публиката, стана популарна и ги наполни концертните сали.
BETTY: Во Вашите звуци може да се слушне традиција, чалгија и класика. Каде се крие рецептот за успешниот микс на овие состојки кои го креираат Вашиот звук?
Низ нашите раце, и индивидуално и заедно, проструи многу музика. И македонска и светска. Искуството кое го стекнавме покажува дека постои точка каде што секоја музика може да се сретне. Во секоја музика можете да препознаете естетика која ја има и во друга музика на другиот крај на светот. Нешто како општочовечки принцип на творење или став кон музиката. Еднаш кога ќе го разберете тоа, неважно е како ќе го вртите аголот на перцепција на музиката, таа секојпат ќе звучи блиско. Токму тоа е она што ја прави музиката на Љубојна единствена, бидејќи зазвучува и блиско и егзотично, и фанки и елегично.
BETTY: Долги години важите за чувар на македонската култура преку песна и музика. Како Вие го доживувате тоа што успеавте да го постигнете на македонската музичка сцена?
Тоа е огромен комплимент. Сепак, повеќе би сакале вистинскиот епитет да е вљубеници во македонската култура преку песна и воопшто во добрата музика. И во таа љубов, Љубојна спои многу различни генерации. Создаде канал низ кој една бесмртна, но заборавена музика ги разби стереотипите за нејзината старост и ги освои младите луѓе. Докажа дека и народното е забавно. Тоа што Љубојна успеа да го направи тој мост и да создаде музика со ултра моќен звук кој сериозно конкурира на сцената, буди еуфорична радост. На тој музички мост денес се среќаваат и стари и млади и рокери и панкери и сканкери и моторџии и банкари и хирурзи и уметници и блузери и турбофолкери и во еден глас ја пеат „Твојтее оочиии Леено морииии...“
BETTY: Кој Ваш албум сметате дека најмногу Ви го отвори патот и ја освои публиката?
Кога го издадовме деби албумот „П.С.О.“ (2005) почна да се шушка за Љубојна, се начна она што подоцна „Песна за мојата песна“ (2009) го вивна како нов џиновски бран на музичка сцена. Тоа беше првата отскочна штица за нас и вистинско освежување на сцената, бидејќи никој тоа не го очекуваше од нас. Со авторска музика која за прв пат се појави со таква форма на македонската популарна музичка сцена и со сосема нов авторски пејачки сенс. Конципирана како поп-рок бенд и со богата музичка естетика. Освои многу фанови, особено оние со изострени и високи музички критериуми и беше најпродаван албум таа година. Високо оценет на повеќе музички портали. Сепак, излегувањето на „Brass Fantasy“(2012) направи огромен музички бум на Љубојна. Го зазема целото внимание на јавноста, влезе во секој дом, на секоја веселба, оствари многу масовни концерти. Отвори широка мета на публика и нè спријатели со многу интересни и реномирани музичари. И што е најважно, остави огромна задача пред нас, а тоа е: Што понатаму?
BETTY: Познати сте по Вашите настапи на атрактивни локации кои имаат дух, каде според Вас се случил вашиот најдобар настап кој често знаете да го споменете?
И покрај тоа што сме одржале бројни концерти на навистина „магични“ места, по сите овие години, атрактивноста на локацијата ѝ ја припишувам на комуникацијата со публиката. Љубојна на сцена создава чувство на славење на музиката и тоа се прелева и во публиката. Со еден збор, журката од сцена преминува во публиката. Сме поминале незаборавни концерти и во мали и во големи сали, и со брас и со минималистичка камерна формација. Доживувањето на сцена и интеракција со публиката ги направила такви. Состојбата на Љубојна на сцена е чиста енергија и се движи многу лесно и спонтано.
BETTY: Ваши гости на концертите се познати уметници како Влатко Стефановски, Исмаил Лумановски, Џамбо Агушев. Колку соработката со вакви значајни имиња е важна за Вас?
Ваквата соработка секој пат отвора некое ново неосвоено музичко поле. Музичарите кои ги споменавте, а и воопшто другите музичари кои настапуваат во Љубојна се виртуози со неодминливa присутност на сцена. Но, она што ја создава музиката на сцена е, пред сè, радоста на мeѓусебната пријателска средба на музичарите, за среќа, тие пријателства и размената на искуства ја прават музиката неверојатна, голема и, пред сè, важна! Тоа е она што ја движи музиката и ѝ дава перспектива. Љубојна сите овие години создаде јадро од кое се напојуваат и околу кое гравитираат многу музичари. Прерасна во бенд кој грижливо го насочува трудот на секој од нив и обратно. Зрачи со еден невиден музички флуид и радост, поради кои Љубојна станува препознатлива на сцена.
BETTY: Со оглед на тоа што се занимавате со специфичен тип на музика кој во земјава ретко е експлоатиран, колку уметниците како Вас може да живеат во земјава занимавајќи се со ова?
Типот на музика е специфичен, но е логичен, затоа што по структура е поблизок до светската музика, отколку до македонската популарна музика во моментов. И да, штета што е ретко експлоатиран, затоа што е поинтересен и како идеја и како производ. Животот на уметниците е комплексен и е прилично трнлив, иако професијата е благородна. Среќна сум што Љубојна започна нова страница во музиката кај нас и во критериумот за музика на луѓето, но и свесна за тоа како, сè што изградивме за овие 15 години, е градено со многу љубов, слој по слој и на „мускули“. И многу е важно што публиката го препознава тоа кај нас и во нашата музика.
BETTY: Како ги носите одлуките во Вашиот бенд во однос на тоа со кого ќе соработувате и на кој проект ќе се посветите?
Идејата е најчесто спонтана и се случува сама од себе. Ѝ треба само еластичност да се приспособи на условите во кои се јавува. Веројатно треба да се има сенс за моменталните околности во кои се движиш и твориш, за да ја сознаеш насоката и тенденциите на времето. Тоа се однесува и на секој следен проект кој сакаш да го работиш и со кого сакаш да работиш. Тоа го одлучуваме секогаш заеднички јас и Оливер, во консултации со тимот кој го продуцира проектот. Инаку, секоја продуктивна соработка е мотивирачка и ни го освежува чувството за музика. Музичарите со кои сме инаку браќа по оружје и кои свират во Љубојна се бескрајно инспиративни и често пати се тргнува од една навидум мала и безначајна музичка искра.
BETTY: Кој е најголемиот музички предизвик на Љубојна, кон што се стремите?
Љубојна годинава прави 15 години од своето постоење. Сега следува период кога треба да се проба да се направи многу повеќе надвор од рамките на нашата држава. Контактираме за издавање со неколку странски издавачки куќи, и паралелно сме во преговори за концерти на поголеми фестивали надвор од нашата земја.
BETTY: Колку Вашата професија Ви дозволува да се храните здраво?
Се трудам да се хранам здраво според моите потреби. Знам да си дозволам секаква храна, бидејќи сум гурман и многу сакам богати мезиња со чашка ракија и разновидни оброци. Има моменти кога ми треба покалорична храна, но и кога ми треба посвежа храна. Но, како и да е, поради енергијата која се троши на сцена, мислам дека пиењето вода е клучно и консумирањето течна храна или барем сочна. Избегнувам залажување глад со чоколадо, енергетски напитоци и замена на сон со кафе.
BETTY: Kога сте на патувања, кој најмногу се грижи за тоа што ќе се најде на Вашето дневно мени?
Оливер е најголемиот поборник за здрава храна во бендот, јавно му признавам се смее). Навистина се грижи за сите. Но, кога имате десет гладни музичари доцна по концерт во странство, без многу мислење ги носите во единственото отворено место за храна, вообичаено некоја сендвичарница, јадете по еден фин „здрав“ донер и добивате десет „здраво“ најадени насмеани лица се смее).
BETTY: Дали практикувате некои заеднички физички активности и кој член на Вашата група е најспортски тип?
Во Љубојна има музичари од различни места. Дури и истовремено да спортуваме не сме на исто место. Па така дел од бендот игра фудбал во Виница, дел кошарка и пилатес во Скопје, дел трча во Битола под Тумбе Кафе. Што значи, приматот „најспортски тип“ сезонски менува локација се смее).
BETTY: Која е Вашата порака до читателите на BETTY магазин?
Негувајте ги телото и душата, слушајте „Љубојна“ и посветете внимание на себеси – експериментирајте и поставувајте си прашања, бидејќи тоа е патот до себеостварувањето. Ви праќам прегратки и бакнежи![mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/09/App_cover_2016.jpg" image_size="full" align="center"]