Фармацевти
Контакт

<< Назад

Чир на желудникот

септември 21, 2016

Хигиената како превенцијапроф. д-р Мирко Крстевски
гастроентерохепатолог
Центар за внатрешни болести „СРЦЕ“, Скопје

Со благовремена посета на лекар и навреме пропишана терапија, кон која пациентот мора упорно и доследно да се придржува, се намалува можноста за повторно јавување на болеста во околу 90 насто од случаите, за што придонесува и отфрлањето на лошите животни навики, како што се пушење, алкохол, консумирање јака и зачинета храна и изложување на стрес

Чир на желудник (гастичен улкус) е оштетување на слузокожата на желудникот. За појавата на улкусна болест придонесуваат и многу фактори кои ја слабеат заштитната моќ на слузокожата. На прво место се: стресот, начинот на исхрана, односно грубата неџвакана храна, екстремно топла или ладна, зачинета, како и алкохолни пијалаци, пушење и претерана количина кафе.

Исто така, и многу лекови влијаат на појавата на чир на желудникот, на прво место тоа се ацетилсалицилна киселина и нестероидни лекови – антиревматици, како што се ибупрофен, кетопрофен, пироксикам, индометацин и слично, кои често ги користат постари лица. Долготрајната употреба на кортикостероиди, исто така, ја оштетува слузокожата на желудникот.

Како еден од поважните фактори за појава на оваа болест е инфекцијата со бактеријата Helicobacter pylori (H. pylori). Тоа најчесто се случува кога хигиенските услови не се најдобри, кога водата за пиење е загадена со отпадни води или земјоделските култури се наводнуваат со загадена вода, како и поради нередовно и неправилно миење на рацете и намирниците. Пренесувањето на оваа бактерија преку немиени раце е често. Инфекцијата може да се јави во пренаселени интернати, претрупани градинки, но и во семејства каде членовите на домаќинствата ја имаат оваа бактерија. Затоа бебињата и малите деца не треба да се бакнуваат по дланките, бидејќи децата прстите најчесто ги ставаат во уста.

Helicobacter pylori со своите токсини може да предизвика акутна инфекција на слузокожата на желудникот со симптоми на гадење и повраќање. Една недела после акутната инфекција симптомите се смируваат и настанува фаза без симптоми, но слузокожата е зафатена со хронично воспаление, и тоа во долниот дел на желудникот. Доколку инфекцијата понатаму се прошири и на горниот дел на желудникот, се јавува улкус на желудникот.

Присуството на бактеријата Helicobacter pylori кај населението во неразвиените земји е помеѓу 70 и 90 насто, додека во развиените од 20 до 50 насто. Само 15 насто од инфицираните лица со Helicobacter pylori заболуваат од улкус на желудник.

Во внатрешни агресивни фактори се вбројува и претерано излачување киселина поради тумор на панкреас и кој го лачи хормонот гастрин кој го стимулира излачувањето киселина, предизвикувајќи истовремено повеќе улкуси на желудникот.

Симптоми
Симптомите на улкусна болест се болка во желудникот, на празен стомак или во доцните ноќни часови, гадење и поретко повраќање. Доколку тегобите преминат во јака болка која се манифестира со бодежи, остро затегнување на стомачните мускули, тогаш треба да се посомнева на компликација – продор на улкусот кон соседните органи или на пенетрација најчесто кон панкреасот.

Друга компликација е крвавење од крвен сад кој е на дното на улкусот, кога може да се појави измет црн како катран или доколку крвавењето е појако и пообилно, може да се појави течен измет со боја на темна вишна. Можно е и пациентот да се жали на несвестица и ладна пот поради пад на крвниот притисок. Оваа компликација може да биде безболна, особено кај постари лица кои редовно користат антиревматици кои во исто време се и лек за болки.

Трета компликација е стеснување на излезниот дел на желудникот. Поради отежнатото варење храната се насобира во желудникот кој постепено се шири. Тогаш пациентот и при мал внес на храна чувствува подуеност и често повраќа.

Дијагноза
Дијагнозата на некомплицирана улкусна болест е можна со рендгенска снимка, како и со ендоскопија-гастроскопија.

Пациентот со комплицирана улкусна болест која е проследена со крвавење по правило треба да се испрати на ендоскопски преглед во болничка установа заради спречување на крвавење по ендоскопски пат.

Кај улкусна болест висок е процентот на инфицираност со бактеријата Helicobacter pylori, поради што е неопходно секој пациент со чир на желудник да биде тестиран на присуство на таа бактерија. Тестирањето може да се изведе со неинвазивни тестови, тестирање на антитела во крвта на заболениот, во изметот, како и со тестирање на здивот, односно со дишен тест.

Терапија
Секој пациент кој има улкусна болест и докажана инфекција со бактеријата Helicobacter pylori е потребно да зема терапија која се состои од комбинација на лекови против киселина и два антибиотика.

За лекувањето да биде успешно, потребно е пациентот да го информира лекарот, кој ќе ја пропише терапијата, за претходно користење антибиотици, за инфективни или незаразни болести кои ги имал, како и за тоа дали веќе прима некој антибиотик или е алергичен на антибиотици. Ова е од голема важност, бидејќи алергичните пациенти не смеат да примаат антибиотици од групата синтетски пеницилини, како, на пример, амоксицилин, ампицилин и слично.

Исто така, потребно е лекарот да знае дали пациентот примал, на пример, кларитромицин, левофлоксацин или метронидазол, бидејќи повторното користење на тие антибиотици ќе биде неефикасно во лекување на инфекцијата, бидејќи бактеријата после првата употреба на наведените антибиотици стекнува отпорност.

Пропишаната терапија пациентот мора да ја прима со сериозност, да не ја прекинува, освен во случај ако се јават некои посериозни несакани ефекти, што треба веднаш да се пријави на лекар. Гадење, непријатен здив, промена на улкусот, проливите не се причина терапијата да се прекине, треба да се зема најмалку 10, а најмногу 15 дена.

Доколку се јават диареи, потребно е да се земаат пробиотици. Секој лекар кој дава антибиотици повеќе од 7 дена, пропишува и пробиотик. Лековите против киселина се земаат уште 2-3 недели по прекинување на терапијата со антибиотици.

Контрола на излекување
Тестирањето на излекување на инфекцијата е потребно да се изврши 3-4 недели по прекин на терапијата, и тоа тест на Хеликобактер антиген во изметот или со дишен тест, додека тестирањето на антитела во крвта треба да се направи за два месеца, а на најдоцна за 6 месеци по завршената ерадикациона терапија.

Исто така, неопходна е и контрола за излекување на улкусот на желудник со ендоскопија, бидејќи ако за 6-8 недели не се излекува, постои сомнеж дека улцерацијата е од некоја друга природа, поради што е неопходно земање биопсија од работ на улцерацијата.

Многу е важно и да се променат животните навики за болеста да не се врати: да се престане со пушење, консумирање жестоки пијалаци, да се јаде полека, помалку и почесто и добро да се џвака храната.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>