Фармацевти
Контакт

<< Назад

Исхрана во бременост

септември 21, 2016

Ана Николиќ

Разновидна и избалансирана храна која ги задоволува дневните енергетски потреби на трудницата и нејзиниот плод многу е важна, но и зависна од неколку битни фактори, како што се годините на идната мајка, колку е физички активна, какви ѝ биле навиките во исхраната пред зачнувањето, дали имала вишок килограми или била потхранета, и, секако, во кој месец од бременоста е.

Во првото тромесечје дневните енергетски потреби треба да се зголемат за околу 150 kcal, а во второто тромесечје за околу 300 kcal, но секоја бременост е единствена, па од месец во месец задолжително треба да се посоветувате со лекарот кој ја следи бременоста, затоа што тој најдобро ќе може да препорача здраво зголемување на телесната тежина, имајќи во вид BMI (Body Mass Index) пред бременоста, но и животните навики на трудницата.

Без прејадување: Иако некогаш се мислело дека трудницата треба да јаде за двајца, тоа не е ни точно ни здраво, зашто преобилната исхрана може да доведе до дебелина во бременоста, што може да предизвика различни здравствени компликации. Многу е важно идната мајка да води сметка за дневната количина на храна и да се држи до дадениот режим на исхрана кој ѝ го препишал лекар. Во случај на ненадејно чувство на глад помеѓу оброците подобро е да се изеде јаболко отколку колаче, да се испие чаша јогурт отколку да се посегне по пржени компирчиња и слично.

Разновидна исхрана: Правилната исхрана која ги задоволува потребите на трудницата и нејзиниот плод е разновидна и подразбира доволен и избалансиран внес на витамини, минерали, јаглехидрати, белковини и масти.

Препорачани намирници: Житни растенија (мусли, леб од цело зрно), млеко и млечни производи (јогурт, сирење), месо и риба, јајца (најдобро варени), зеленчук (сиров, варен, печен), овошје (сирово, сушено или цедено, на пр., свеж сок без шеќер), костеливо овошје и јаткасти плодови (не повеќе од 50 г на ден), нерафинирани масла, морска сол.

Намирници кои треба да се избегнуваат: Во нив спаѓаат шеќер и вештачки засладувачи, слатки, торти, колачи, производи од бело брашно, газирани пијалаци, кафе, рафинирани билни масла, маргарин, индустриски грицки, преработки од месо, силни зачини и многу сол. Треба да се избегнува и брза храна и готова храна на улица, од една страна, поради несоодветната нутритивна вредност, а, од друга, поради потенцијална опасност храната да не е бактериолошки исправна.

Редовни контроли на телесната маса: Контрола на тежината и зголемената телесна маса многу се важни и треба да се проверуваат на месечните контролни прегледи кај лекар, зашто тој најдобро ќе може да уочи опасност од дебелина или потхранетост и ќе препорача евентуална корекција во исхраната.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>