Фармацевти
Контакт

<< Назад

Кортикостероиди

септември 28, 2016

Се препорачува вниманиеДушан Гољиќ
м-р по фармација

Информациите за употребата и злоупотребата на препарати на база на кортикостероиди често создаваат конфузија кај пациентите, што често го слушаме и во аптека при издавање терапија, па време е да ги надминеме предрасудите и да ги разрешиме дилемите за овие лекови

Што се кортикостероиди, кога и како се користат? Стероидите се молекули со карактеристична хемиска структура кои настануваат како продукт на метаболизмот во целиот жив свет. На клетките на растенијата, животните и луѓето им се неопходни за нормално функционирање. Во човечкиот организам се создаваат во кората на надбубрежната жлезда, се лачат во циркулацијата и ја контролираат работата на ендокрините жлезди, функцијата на имунолошкиот систем, физиологијата на кожата итн. Во текот на денот го регулираат нивото на шеќер во крвта, ритамот на спиење, нивото на стрес и издржливост.

Како лекови се користат хидрокортизон, дексаметазон, флутиказон, будесонид и многу други. Тие имаат противвоспалително, антииритирачко, вазоконстрикторно и имуносупресивно дејство, па се користат во разни области на медицината. Аптекарот ги издава исклучиво со рецепт од лекар.

Топикалните стероиди се користат во терапија на заболувања на кожата и слузокожата. Може да се најдат во вид на лековити креми, лосиони или масти наменети за лекување кожа и очи. Достапни се во речиси секоја форма, како препарати кои ги добиваме во аптека или, пак, се разблажуваат или се комбинираат со други лекови според прескрипција од лекар. Често се користат кај кожни заболувања како што се исип, егземи, псоријаза и алергиски реакции. Во повеќето случаи се ефикасни, а симптомите брзо се повлекуваат по употреба. Кај локализарани кожни реакции се препорачува нивна употреба од 5 до 7 дена, по што се прави пауза од неколку недели. Кај заболувања на поголеми површини на кожата иницијалниот третман може да трае дури и неколку недели во комбинација со други масти.

Се препорачува внимание. Неконтролираната употреба може да доведе до истенчување (атрофија) на кожата, создавање лузно ткиво, проширување на крвните садови на периферијата и др. Ако се третира голема површина на кожа, постои можност за продирање на лекот во крвта, кога може да се јават и посериозни ендокринолошки проблеми.

Од оралните форми во аптека најчесто се издаваат преднизон или преднизолон. Се користат кај хронични заболувања на цревата (Кронова болест, улцерозен колитис), автоимуни болести (ревматоиден артритис), алергии и други заболувања. Ефикасни се во сузбивање симптоми на болести. Се препишуваат на пациенти кај кои не постојат побезбедни алтернативи, со оглед на тоа дека може да се јават несакани ефекти, како покачен крвен притисок, скок на нивото на шеќерот во крвта, а се зголемува и подложност кон инфекции и можност за развивање тешки системски болести.

Инхалациските стероиди се користат во терапија на опструктивни заболувања на дишните патишта, како бронхијална спазма или астма. Значително ги намалуваат воспалителните процеси во дишните патишта и го олеснуваат дишењето. Со оглед на тоа што дејствуваат локално (во ткивото на белите дробови или носот), поефикасни се во мали дози, со што се намалува можноста за апсорпција во крвотокот и несакани дејства. Се употребуваат кај деца и возрасни подеднакво.

Со кортикостероиди успешно се лекуваат разни болести, со што животот на пациентот е олеснет, но треба да се земат предвид и несаканите ефекти и за совет да го прашате својот лекар или фармацевт.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>