Фармацевти
Контакт

<< Назад

Миоми на матка

декември 1, 2016

Важна е навремената дијагнозад-р Глигор Ложанковски
гинеколог
ПЗУ „Д-р Ложанковски“, Скопје

За дијагностика на помалите миоми и одредување на точна локализација во матката златен стандард е ултразвучната дијагностика, со која се одредува локализацијата и големината на миомите, од што зависи понатамошниот третман

Миомите претставуваат бенигни тумори на матката кои се создаваат од мазната мускулатура на утерусот, а по обликот се најчесто тркалезни како топчиња, кои можат да варираат по големина, од неколку милиметри до дваесет и повеќе сантиметри, односно можат да го исполнат целиот стомачен простор. Се јавуваат кај 20 – 50% од женската популација, а поради природата на туморот оваа состојба често останува неоткриена. Најчесто се поврзувани со естрогенски хормонски влијанија, иако многу жени имаат високо ниво на естроген, а немаат миоми на матка и обратно.

Симптоми
Миомите најчесто се појавуваат по триесеттата година, но можат да се појават и порано. Ги карактеризираат симптоми како што се: крвавење, болки и интензивен раст, кој може да го исполни целиот стомак. Доколку жената ги нема овие знаци, а не посетува редовно гинеколог, миомот може да остане неоткриен. Ова многу често се случува кај жени кои завршиле со репродуктивниот период, односно раѓање, а не посетуваат редовно гинеколог. Кај нив, при случаен наод, најчесто кај интернист поради лекарски преглед од некоја друга причина, се открива постоење на миом.

Локализација
Во однос на местото на локализација, миомите можат да бидат субмукозни, или народно кажано внатрешни, веднаш под слузницата, или ендометрумот на матката (место од каде се храни бебето во текот на бременоста), можат да бидат интрамурални, или лоцирани во средишниот дел на матката, како и субсерозни, односно на надворешната површина на матката. Сепак, сите тие на почеток се интрамурални, а во зависност во кој правец ќе се развиваат стануваат субмукозни или субсерозни.

Субмукозните и интрамуралните, или внатрешни, имаат продолжени, обилни и неправилни менструални крвавења, кои ја водат жената во анемија после секој месечен циклус. Крвавењето не зависи секогаш од големината на миомот, туку, пред сè, од локализацијата. Имено, малиот субмукозен миом може да предизвика сериозна анемија поради обилни менструални или интерменструални крвавења, додека субсерозните или надворешните миоми најчесто нема да предизвикаат вакви симптоми. Кај нив може да се јави напнатост при мокрење и притисок, поради притисок на миомот на мочниот меур.

Опасности
Друга опасност од субсерозни или надворешни миоми е да се свртат околу сопствената петелка и да предизвикаат некроза на самиот миом поради прекин со снабдувањето со крв, што се манифестира со бурна клиничка слика на акутен абдомен со јаки болки во целиот стомак, што неизоставно води на посета на лекар, со оперативен третман и вадење на миомот.

И на крај, како многу редок тип се јавува и mioma uteri nascens, односно „миом кој се раѓа“. Имено, внатрешните или субмукозни миоми можат некогаш при раст кон внатрешноста на матката да ја исполнат целата утерусна празнина и да го прошират грлото на матката, стремејќи да се „породат“. Оваа состојба е проследена со болки, а се дијагностицира со едноставен преглед со помош на спекулум.

Дијагноза
Во зависност од големината на миомот дијагностичките методи може да бидат различни, а дури и со самиот преглед под спекулум и бимануелен преглед може да се дијагностицираат поголемите миоми. За дијагностика на помали миоми и одредување на точната локализација во матката златен стандард е ултразвучна дијагностика, при што можат и миомите од еден сантиметар лесно да се дијагностицираат, да се одреди нивната точна локализација и големина, од што зависи нивното следење, односно третман. Една од методите на дијагностика, која овозможува прецизна локализација и одредување на големина, е и магнетна резонанца.

Терапија
Терапевтски, миомите се третираат во зависност од симптоматологијата, односно нивната големина, како и репродуктивните очекувања на жената. Доколку се без симптоми, со големина под пет сантиметри и репродукцијата е завршена, односно раѓањето деца, нема причина за третман, освен редовни контроли на 6 – 12 месеци, за да се предвиди интензивно растење на миомите. Во спротивно, во зависност од тегобите, третманот е секогаш оперативен и се состои од миомектомија, односно вадење само миом, или тотална хистеректомија, која подразбира вадење на миом и матка во целост во еден хируршки зафат. Операциите во поново време се лапароскопски, односно преку три мали дупчиња на стомачниот ѕид, со што се скратува постоперативниот период, односно опоравување на пациентката. За пристапот одлучува гинеколог, во зависност од големината на миомот.

Терапевтски миомите се третираат во зависност од симптоматологијата, односно нивната големина како и репродуктивните очекувања на жената. Доколку се асимптоматски, по големина под пет сантиметри и репродукцијата е завршена, односно раѓањето деца, нема причина за третман, освен редовни контроли.

Субмукозните миоми, односно внатрешни, се оперираат хистероскопски, односно со камера низ вагината, со што се скратува постоперативниот период и самото опоравување е побрзо, а во болница се престојува само еден ден.

Доколку се работи за млада личност со незавршена репродукција, миомектомија, односно отстранување на самиот миом или повеќе миоми е единствена опција, а доколку пациентката е повозрасна, хирургот може да се одлучи за отстранување на матката заедно со миомот. Одлуката е секогаш заедничка, во консултација со пациентката, и пред сè, зависи од репродуктивните очекувања.

Во поглед на стерилитетот миомите не претставуваат скоро никогаш причина за истиот, иако кај миоми над пет сантиметри се препорачува вадење, а после тоа третирање на неплодност.

Бременост и миоми
Што се однесува до следење на миомите во бременост, мораме да напоменеме дека тие  во текот на бременоста растат заедно со матката, и во зависност од локализацијата можат да бидат препрека на патот на бебето при породување. Инаку, во текот на бременоста и после породувањето миомите не се отстрануваат поради сериозни опасности и крвавења. Во текот на самата бременост миомите не предизвикуваат никакви дополнителни тегоби кај трудниците и нивниот евентуален третман треба да се остави по завршување на бременост и доење.

Хормонска терапија
Како тераписка можност постои и медикаментозен третман со хормони, односно лекови кои го намалуваат создавањето на женскиот хормон естроген. Сепак, оваа терапија се спроведува само во консултација со гинеколог и треба да биде краткотрајна терапија при подготовки за оперативен третман, а никако како долгорочен третман, од причина што можат да водат во менопауза и да доведат до рецидив по прекинување на терапијата.

Да се дојде до навремена дијагноза неопходни се уредни контроли кај гинеколог, дури и кога пациентката нема никакви тегоби.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>