Фармацевти
Контакт

<< Назад

Свила

декември 1, 2016

Гламурозна, елегантна и шикПод закана од смртна казна производството на свила илјадници години  било добро чувана тајна, а тој чудесен природен материјал смееле да го користат само членовите на царските семејства и највисоките државни официјални лица

Здолништа од тешка свила со богати набори, тенки и нежни блузи од свилен муслин, костуми од шантунг свила, свечени фустани од свилен органдин, сатен, тафт или брокат, само се дел од вековните понуди на прекрасните тоалети  кои мамат воодушевени воздушки од дамите, а модните дизајнери ги инспирираат за нови креации. Бидејќи од овој волшебен материјал за кој велат дека во лето лади, а во зима грее се прават и ракавици, торби и долна облека, а ентериеристите со свила ги опремаат и луксузните, ексклузивни простори, од која прават завеси, перничиња, абажури за ламба и навлаки за софа и фотелји. Синтагмата „живот во свила и кадифе“ долго го означувала статусниот симбол на богатите, а денес има и преносно значење и зборува за тоа дека некој живее во изобилство и удобно.

Во градината на Жолтиот цар
Според легендата, сè започнало во градината на Жолтиот цар, славниот кинески владар по име Хуанг Ди (2698-2599 пр.н.е). На него му се припишува дека го измислил волшебниот компас, најстар облик на кинески календар и начелата на традиционалната кинеска медицина собрани во делото „Медицински канон на Жолтиот цар“. Иако многу историчари не се сложуваат со овие тврдења, факт е дека Жолтиот цар имал голем интерес за здравјето, превенцијата и лекувањето на болести, дека живеел неверојатни 111 години и дека историјата на свила на некој начин почнува во неговата градина.

Божица на свилата
Еден ден, љубопитен да дознае што ги јаде лисјата на стеблата дудинки во неговата градина, Жолтиот цар ја пратил својата сопруга Луо Цу тоа да го испита, а таа на гранките на дрвото открила бели бубачки како предат блескави, меки кожурци. Според легендата, еден кожурец паднал право во нејзиниот врел чај, па мрежата од топлина се размотала, а Луо Цу добила идеја на кој начин би можела да ги искористи. Така е родена свилата, но и кинеската божица на свилата, жената на Жолтиот цар Луо Цу, која се смета за заслужна за почеток на одгледување свилена буба и пронаоѓање разбој за ткаење на свилата. Овој мит го потврдиле и истражувањата на археолозите, кои на наоѓалиштата по должина на најголемата река во Азија Јангцекјанг пронашле вретена за свила, делови од свилени ткаенини и остатоци од свилен конец. Во 2007 година во гробот во провинцијата Ќианѓи археолозите откриле комплицирано ткаена и боена свила стара околу 2.500 години.

Патот на свилата
Илјадници години Кинезите ја чувале тајната за производство на свила, а оној кој би се осмелил да прокриумчари јајца или кожурец од свилена буба надвор од границата на Кина бил осуден на смрт. Со време свилата од Кина преку Тајланд и Индија се проширила на југоисточна и јужна Азија. На Тајланд жените свилата ја ткаеле на традиционални разбои и го пренесувале знаењето на своите ќерки, што се сметало за подготовка за брак. Во Индија денес традиционалниот свилен сари со интензивни бои и понатаму е симбол на повисоките класи. Се претпоставува дека свилата први во Европа ја донеле византиските монаси на царот Јустинијан I во шести век, криејќи ги јајцата од свилена буба во шупливи бамбусови стапови. Во Константинопол разбоите и ткајачите биле сместени во комплексот на палатата, а ткаенините кои ги произведувале се користени за изработка на царска облека и како подарок на странски великодостојници.

Свилата била толку популарна низ историјата и така важен артикл на трговија што  главниот трговски пат по кој оделе карваните со стока од Азија кон Европа го добил името Патот на свилата, па со причина се вели и дека тој волшебен природен материјал придонел за побрзо запознавање на различни цивилизации. По Патот на свилата во Европа стигале и зачини, жад, слонова коска и порцелан, но и знаење за хартија и барут. Карваните често имале и воена придружба, бидејќи ги напаѓале разбојници и ја краделе стоката која ја носеле двогрбите камили, па поради тоа и прочуениот Кинески ѕид е продолжен покрај караванскиот пат. Денес Патот на свилата, пред сè, е туристичка рута, а аранжманите кои често се нарекуваат „по трагите на Марко Поло“ привлекуваат и голем број луѓе од цел свет. Свилата се спомнува во многу древни дела, како што е, на пример, Хомеровата „Одисеја“, во која постои опис на туниката на Пенелопа од тој материјал во која го следела Одисеј.

Венецијански трговци
Во 13 век италијанската свила од провинцијата Комо била многу ценета, како и онаа изработена во Фиренца. Наводно францускиот крал ги повикал италијанските производители на свила за да го покрене нејзиното производство во Лион. И англискиот крал Џејмс I се трудел да основа производство на свила така што посадил 100.000 стебла со дудинка. Кон крајот на 19 век, Италија, Јапонија и Кина биле најголеми произведувачи на свила на светот.

10 милијарди кожурци
Денес индустријата на свила убива околу 10 милијарди кожурци свилена буба годишно, а научниците истражуваат техника на одвојување на нишките на сировата свила без убивање на гасениците. Најценета е свилата која се добива од кожурец од свилобуба, кои се вештачки култивирани, иако се добива и од кожурци собрани во дивина.

Висока мода
Познато е дека дизајнерите на облека обожаваат свила, а Либанецот Ели Сааб од тој прекрасен материјал креира вечерни и невестински фустани, толку убави што меѓу неговите клиенти се и принцезите и филмските ѕвезди. Тоалети од свила кои пленат со мешавина од ориентален и западен стил, Сааб ги претставува на ревиите ширум светот, а модните критичари ги гледаат како синоним за елеганција и неминлива убавина.

Видови ткаења

Свечени тоалети
Свилата е материјал само по себе толку убав и елегантен па свечената тоалета може, но и не мора дополнително да се украсува. Фустани со рамен крој од црна свила никогаш не излегуваат од мода, како ни долги, раскошни здолништа од свилен брокат со кои се носат едноставни блузи или туники од сирова свила. Дури и летен, лелеав, краток фустан од свилен органдин може да биде унапреден во вечерен фустан или туника со панталони што одговараат од свилен сатен или тесно здолниште со едноставен крој. Облекување во свила од глава до пети во свечени прилики секогаш е добар избор, а ако кроевите се класични, тогаш е гламур кој нема век на траење и таквата облека може да се комбинира и да се носи со години. Вечниот женски проблем „немам што да облечам“ се решава со добро избрана свилена марама и шалови кои можат да се врзуваат на многу начини, со еднобојни панталони од свила со кои се носи сè, свилено здолниште со умерена должина и барем една кошула сошиена од овој шик материјал. А бидејќи основата на елеганцијата е добра комбинација, веќе само со еден детаљ од свила, како ракавици, вечерни торбички или ешарпи, го дава оној посебен, свечен тон за кој размислуваме секој декември.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>