Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вежбање на подвижна лента

декември 1, 2016

Предраг Грујиќ

Една од најпопуларните и најмногу користени справи во фитнес центрите е подвижната лента. Најчеста причина за тоа е што на неа можат да вежбаат речиси сите и што веќе на прв поглед и на почетник му изгледа лесна за користење. Поради тоа многу вежбачи решени да ослабат и стекнат кондиција без консултации со тренер, престојот во фитнес центарот го сведуваат на одење по подвижна лента, по системот „додека издржам“. Зошто тоа не е добро?

Многу дебели луѓе и луѓе кои имаат проблеми со колената на подвижна лента смеат да вежбаат само со детална консултација со лекар и тренер, многу ограничено време, бидејќи вежбањето на таа справа може да биде преголемо оптоварување за кардиоваскуларниот систем, зглобовите, тетивите и лигаментите. Кој нема проблем со тежината и зглобовите, може да користи подвижна лента, но секогаш и задолжително со консултација со тренер и лекар, кои врз основа на здравствената состојба и степенот на кондиција одредуваат колку време вежбачот смее да тренира на лента.

Може да се почне со десетминутно одење на подвижна лента три до четири пати неделно, а кога ќе се стекне минимум кондиција, тогаш може и да се трча. Кој нема проблем со вишок килограми и е во добра физичка кондиција, може да трча и 20-30 минути.

Меѓутоа, најдобро е одењето, односно трчањето на подвижна лента да се комбинира со вежби за сила и истегнување. Тоа не треба да се прави напамет, туку треба да се држите до програмата за вежбање која по ваша мера ја направил тренер.

Статистички гледано, лице од 100 кг кое трча еден километар на подвижна лента губи околу 100 калории, а лице тешко 50 кг половина од тоа. На прв поглед ова е едноставна математика, ама и многу лажлива зашто не е целта само да се губат калории туку целта треба да биде да се ослободиме од масните наслаги, а мускулната маса да се зацврсти и зајакне. Поради тоа од суштинска важност е советување со тренер кој најдобро ќе го одреди балансот помеѓу истегнување, вежби за сила и трчање на подвижна лента.

Со други зборови, вежбањето на подвижна лента е многу корисно ако се работи со мера и во комбинација со други начини на вежбање, зашто е здраво за кардиоваскуларниот систем, го симнува зголемениот притисок, ја подобрува циркулацијата, па дури и варењето.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>