Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, jануари 2017

јануари 3, 2017

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/12/Cover_jan_2017.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]

Филип Талески



Сон ми е со Македонија да освојам медал



Broj 35, jануари 2017

Дваесетгодишниот Филип Талески е едно од оружјата со кои Македонија ќе настапи на Светското првенство во ракомет во Франција. Младиот ракометар, кој е капитен на РК Металург, во Светското првенство гледа голема мотивација и желба за докажување. Талески открива дека во македонската репрезентација се работи напорно и дека очекува да се освои најдобар пласман досега. За тоа кои се предизвиците на Талевски и каде тој ќе ја продолжи својата кариера, дознајте во ексклузивното интервју на младата ракометна надеж за BETTY магазинБојана Симоновиќ

BETTY: Ве нарекуваат младото оружје на Металург, со своите 20 години веќе имате забележителни настапи во Лигата на шамиони. Од каде потекнува Вашата љубов за ракометот?
Доста интересна приказна е тоа. Мојот почеток во ракометот е причината поради која се преселивме од  мојот роден град Крушево тука во Скопје заедно со моето семејство. Виновници за започнување со овој спорт се моите родители, односно мојата мајка. Отидовме во школата на „Металург“ и прашавме како стојат работите. Видовме дека може да почнам таму и почнав. Првите два месеца беше некако запознавање со тој спорт, поради тоа што во Крушево не сум играл ракомет. Потоа во школата на Металург со тренерот Александар Јович почна моето вљубување во тој спорт и денес сум капитен баш на мојата екипа каде започнав да тренирам  ракомет.

BETTY: Дали потекнувате од спортско семејство?
Татко ми се занимаваше професионално со одбојка, во помладите години, мајка ми рекреативно со ракомет, но повеќе татко ми. Јас сум спортско дете, во Крушево се занимавав повеќе со скијање и во моите помлади години бев првак во Македонија во таа категорија. Тоа е уште еден мој талент и вклученост во спортските води.

BETTY: Во екипата на Металург настапувате подолго време, кој натпревар до сега можете  да го издвоите како највпечатлив и најуспешен за Вас?
Највпечатлив натпревар и натпревар кој никогаш нема да го заборавам е моето прво деби во Лигата на шампионите со таа екипа, со Наумче Мојсовски и Ренато Вугринец. Загубени беа шансите за поминување во следната фаза во Лигата на шампиони и таму ми се укажа шанса од 15 минути да играм и едноставно ги искористив тие 15 минути на максимален начин. Тоа беше моето прво видување на цела европска јавност како талент и оттогаш почнав да работам и се вложив повеќе во спортот. После 3 години од тоа деби повторно играм во најголемото натпреварување и сум главна виолина во мојата екипа.

BETTY: Со 20 години сте капитен на клуб кој настапува во Лигата на шампиони, што за Вас ова значи и како се снаоѓате во лидерска улога на Вашиот тим?
Многу ми е мило што тренерот и управата ми дадоа таква одговорност да бидам капитен. Ми претставува голема чест и привилегија да бидам капитен на екипа од каде потекнувам и да бидам капитен каде играле имиња како Наумче Мојсовски, Ренато Вугринец, Филип Миркуловски.  Но, како што е задоволство така е и еден товар каде што морам  повеќе да се вложам и да бидам сконцетриран,  мислам дека сега-засега се справувам со тој притисок.

BETTY: Со македонската репрезентација ќе настапите на Светското првенство во Франција во јануари, колкав предизвик за Вас се крие во овој настап?
Морам да кажам дека досега имав две шанси да настапувам на големи првенства, Светско првенство во Катар и Европско првенство во Полска, но ете како сон на млад спортист тоа не ми се оствари, се надевам дека сега ќе ја добијам таа шанса да одиграм прво Светско првенство на овие години, тука се крие голема мотивација и желба за докажување, бидејќи цела европска и светска јавност е насочена кон тоа Светско првенство поради тоа што се игра кај најтрофејната репрезентација, репрезентацијата на Франција. Мислам дека ние помладите ќе добиеме една шанса, а јас гледам да искористам еден добар начин за мое најдобро покажување во најдобро светло.

BETTY: Во група со Македонија на Светското првенство се и Шпанија, Словенија, Тунис, Исланд и Ангола, како Вие може да ја оцените оваа група?
Има три фаворит репрензентации за групната фаза, другите се борат за последното место фактички четвртото, но морам да потенцирам дека во денешно време не може да се одвои фаворит поради тоа што сите играат ракомет. Сега имавме доста изненадувања на квалификациите за Европско првенство каде што една Франција се мачеше до последна секунда  со Белгија и тоа не е мала работа. Треба со секој противник да се оди на секој натпревар максимално, не е исклучена шансата да се победи секој натпревар, треба да бидеме подготвени доста, мислам дека имаме шанса за поминување на првата, но како што кажав натпревар по натпревар треба да се оди постепено, па како биде нека биде...

BETTY: Што очекувате од настапот на Светското првенство во Франција?
Прво сакам да ја поминеме групната фаза, и потоа да се бориме за најдобар пласман досега, потоа ние младите очекуваме да добиеме една голема шанса  на тоа првенство, мислам дека секој од нас ќе биде максимално подготвен и фокусиран на својата задача која ќе ни ја даде селекторот. Не се сомневам во тоа дека ќе одиграме едно добро квалитетно Светско првенство, колективно како Македонија. Одиме да одиграме најдобро што можеме за доброто на Македонија.

BETTY: Во медиумите се појавија информации дека Ваша нова дестинација ќе биде германскиот првак Рајн Некар Ловен. Колку ова е точно?
Можам да кажам дека е точно, бев во Германија и мислам дека се договоривме и останува само дали ќе одам ова лето или ќе одам за година и половина, мислам дека ќе има тука некој договор и ќе се согласат клубовите да одам ова лето за Германија.  Ми беше предизвик и добив една понуда која не се испушта и со моето семејство мислам дека ја донесовме правилната одлука, ова е големо искуство и шанса за мојата кариера.

BETTY: Со оглед на Вашите успеси досега, што е за Вас најголем предизвик во ракометот?
На секој спортист прв предизвик му е освојување на Лигата на шампионите со клубот каде настапува,  потоа да освои нешто со својата репрезентација. Мислам дека треба да се работи многу на тој план. Се работи доста напорно за репрезентација и мислам дека еден ден ќе се оствари сонот на оваа нација Македонија да освои некој медал на светско или европско првенство, но тоа е многу тешко и треба многу работа и вложување. Сон  ми е со Македонија да освојам медал.

BETTY: Дали имате некој идол од ракометот на кого се угледувате?
Од почеток идол ми е германската екипа Кил, но исто и играчот на Кил, Филип Јиха, кој  сега настапува за репрезентацијата на Чешка и за екипата на Барселона, играме иста позиција и мислам дека од него најмногу учам. Го гледам на натпревари, но не можам да го испуштам Кире Лазаров кај нас и Пепи Манасков, посебно Кире Лазаров, на настап со репрезентација ми дава многу совети кои гледам да ги искористам за мое добро.

BETTY: Како изгледа еден Ваш работен ден?
Станување во 8 часот, појадок,  подоготовка за првиот тренинг, потоа после тренинг одам со колегите на кафе, ручам, одморам, потоа попладне имам повторно тренинг. После тренинг гледам да го искористам времето со моите родители и мојата девојка и гледам секој момент од денот да го искористам како што треба и сега-засега добро ми оди.

BETTY: Како го поминувате слободното време?
Многу ретко имам слободно време, но гледам да го искористам повеќе со мојата фамилија, најчесто одам во кино, гледам филмови, едноставно уживам во прошетките во природа.

BETTY: Колку се храните здраво, што најмногу сакате да јадете?Како секој спортист гледам претежно пред натпревар да бидам максимално подготвен и се придржувам до исхраната, па претежно јадам стек, со ориз и салата, добро ми оди и мислам дека нема да ја сменам таа исхрана. Морам да кажам си допуштам сè да јадам и пица и хамбургер, не редовно, но, сепак, има некој дел кој треба да се внесува дневно и гледам да се придржувам до тоа.

BETTY: Што според Вас е клучот за здрав живот?
Здравата исхрана, во денешно време се забрза темпото на живот и мислам дека треба секој максимално да си посветува внимание на себеси поради тоа што животот е краток, од исхраната сè почнува и мислам дека секој треба да внимава на неа за подобро утре и подолг живот.

BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин?
Моето мото е „Никогаш не се откажувај“ и мислам дека тоа е успехот во животот да не се откажуваш никогаш и треба максимално да работиш за да успееш и да бидеш како што сакаш.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/12/App_cover_jan2017.jpg" image_size="full" align="center"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>