Фармацевти
Контакт

<< Назад

Бронхитис

јануари 3, 2017

Акутно и хронично воспаление на бронхиитед-р Ивана Беговиќ-Лазаревиќ, спец. по епидемиологија, Градски завод за јавно здравје Белград

Додека акутниот бронхитис обично поминува после две недели, тегобите од хроничниот бронхитис траат најмалку три месеци за време на две последователни години и се последица на хронична иритација на слузокожата на трахеата и бронхиите од чадот од цигари, штетни гасови или професионална изложеност на органски или неоргански прашини

Бронхитисот е воспаление на слузокожата на долните партии на респираторниот тракт – душникот и бронхиите. По должината на траење на симптомите, причинителот на настанување и начинот на лекување, се дели на акутен и хроничен бронхитис.

Акутниот бронхитис е акутно воспаление на слузокожата на душникот и бронхиите. Се јавува главно во текот или непосредно по инфекции на горните респираторни патишта, настинка, воспаление на грлото или грип. Акутниот бронхитис е почест во текот на зимските месеци, а во повеќе од 90 насто од случаите го предизвикуваат различни вируси: риновируси, респираторен синцицијален вирус, аденовируси, вирус на инфлуенца и параинфлуенца. Најчести причинители меѓу бактериите се: Bordatella pertussis, Mycoplasma pneumoniae, Chlamidia pneumoniae.

Ризик-фактори за појава на акутен бронхитис се: контакт со лице кое боледува од акутен бронхитис, изложување на чад од цигари, различни хемикалии, прашина или аерозагадување. Лицата со ослабен имунолошки систем (доенчиња, деца помлади од 5 години, постари лица), се поподложни на оваа акутна инфекција, како и  пушачи, срцеви и белодробни болни.

Симптоми
Во клиничката слика на заболениот од акутен бронхитис се присутни следниве симптоми и знаци: кашлање, кое во првите неколку дена е суво и надразнително, а потоа станува продуктивно (со искашлување), свирење во градите, болка во грлото, главоболка, малку покачена температура, болки во мускулите и зглобовите и изнемоштеност. Повеќето симптоми поминуваат за две недели, но кашлицата некогаш може да трае и до осум недели.

Дијагноза
Дијагнозата на акутен бронхитис се поставува врз основа на клиничката слика и во повеќето случаи  болеста минува сама од себе. По потреба се вклучува симптоматска терапија (антипиретици и аналгетици за намалување на покачена температура и ублажување болки, лекови за кашлица) со мирување, одмор и внес на доволна количина течности. Антибиотската терапија е оправдана само во случај на компликации, во вид на секундарна бактериска инфекција, кога доаѓа до влошување на клиничката слика (површно, забрзано и отежнато дишење, пораст на температурата над 38˚C, пролонгирано траење на тегобите подолго од три недели), во случај на сомнеж на голема кашлица или појава на пневмонија како најсериозни компликации. Кај компликации од поблаг облик на вирусен акутен бронхитис може да се јави бронхијална хиперреактивност, која може да трае повеќе недели. Болниот тогаш се жали на епизоди на сува кашлица и свирење во градите при изложување на суд, на сув воздух или чад од цигари.

Превенцијата на акутен бронхитис се сведува на избегнување пушење (активно или пасивно), редовна хигиена на рацете и вакцинација која штити од бактериски предизвикувачи на болеста (Bordatella pertussis, Streptococcus pneumoniae, Haemophilus influenzae тип Б). 

Хроничниот бронхитис го карактеризира трајна секреција на поголеми количина на трахеобронхијална слуз, што се манифестира со кашлање, со искашлување на поголема количини слузест или слузестогноен секрет. Тегобите траат најмалку три месеци во текот на две последователни години. Се јавува како последица на хронична иритација на слузокожата на трахеата и бронхиите, најчесто од чад од цигари кај пушачи, штетни гасови (атмосферско загадување) или како последица на професионална изложеност на органски или неоргански прашини. Болеста се карактеризира со бавна прогресија, така што најчесто се среќава кај лица во петтата деценија од животот и постари.

Според прифатената класификација, постојат три облици на оваа болест;

– Обичен хроничен бронхитис (Bronchitis chronica simplex), каде искашланата содржина е слузеста;

– Хроничен мукопурулентен бронхитис (Bronchitis chronica mucopurulenta), кој се карактеризира со трајно или повторувачко искашлување на пурулентен (гноен) исплувок кај болни кои немаат бронхиектазии;

– Хроничен опструктивен бронхитис (Bronchitis chronica obstructiva),  настанува кога во еволуција на хроничен бронхитис доаѓа до опструкција во протокот на воздухот низ дишните патишта.

Ризик-фактори
Ризик-фактори за појава на хроничен бронхитис се изложување на респираторната слузокожа на хронични иританси, најчесто чад од цигари, професионална изложеност при работа во рудници, леарници, предилници на памук. Честите респираторни инфекции, особено во детството, исто така, се наведуваат како ризик-фактори. Предиспозиција, т.е. склоноста кон појава на оваа болест има и генетска подлога.

Во почетокот болеста се манифестира со повторувачки напади на продуктивна кашлица, обично после „настинка“ во текот на зимските месеци. Тегобите постепено се влошуваат, од година во година траат подолго, додека кашлицата не е присутна скоро цела година. Во натамошниот тек на болеста се јавува чувство на недостиг од воздух, притискање во градите и свирење, особено во утринските часови додека со кашлање не се исфрли секретот. Исплувокот е оскуден, слузест или густ, понекогаш со крв поради ерозија на слузокожата. Гнојниот трахеобронхијален секрет се јавува во случај на бактериска суперинфекција, која е честа кај овие болни. Чувството на недостиг на воздух е последица на стеснетост на дишните патишта, а се влошува за време на инфекции, поради прекумерно пушење или неповолни атмосферски прилики. Болните со хроничен бронхитис често се дебели и цијатонични, односно крвта и слузокожата им се синкави, што е последица на намалена количина на кислород во крвта.

Хроничниот бронхитис и емфизем на белите дробови се манифестации на хронична опструктивна болест на белите дробови. Три четвртини од овие болни се со  намалена работна способност и сериозно нарушен квалитет на живот.

Лекување
Во лекување на хронична опструктивна болест нa белите дробови постои одредена методологија и принципи на избор на лекови и методи на лекување. Пред сè, неопходно е да се постави точна дијагноза на основната болест, потоа да се утврди дали болеста е во стабилна состојба или во акутно влошување и да се процени степенот на оштетување на белодробната функција. Дури после деталниот преглед и испитувања, се пристапува кон медикаментозно лекување и други облици на лекување. Основни цели на лекувањето се отстранување на симптомите и повторувачките влошувања, зачувување на оптималната функција на белите дробови, како во непосредна така и во подалечна перспектива, подобрување на секојдневните активности и подобрување на квалитетот на живот.

За отстранување на симптомите се користат бронходилататори, кои доведуваат до попуштање на спазмата на бронхиите и се зголемува протокот на воздух низ дишните патишта и се намалува чувството на недостиг на воздух. Секако, основна превентивна мерка останува борбата против пушење.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>