Помагаат лосиони, пасти и микстурид-р Кристина Давидовиќ
Најчесто се јавува при пад на имунитетот, исцрпеност и замор, стрес и трауми, исклучително јак физички напор и изложување на екстремни температури, а најчест начин на пренесување е преку капки од заразеното лице
Постојат два типа на симплекс вирус, и тоа херпес симплекс тип 1 (HSV-1) и херпес симплекс тип 2 (HSV-2). Првиот, HSV-1, најчесто предизвикува орален херпес, иако може да се јави и на други делови на телото, додека HSV-2 се појавува како генитален херпес. После првата инфекција вирусот останува во нервните ганглии на ՚рбетниот мозок и може повторно да се активира.
Инфекција
Херпес симплекс тип 1: најчест облик на инфицирање со HSV-1 е преку капки, значи со кашлање и кивање, но може да се пренесе и со консумирање храна и пијалак по заразеното лице, како и со бакнување. Можноста за инфекција се намалува со избегнување директен контакт со отворената лезија, односно со носење заштитна маска во близок контакт со лицето кое има HSV-1 и кое кашла и кива. Употребата на личен прибор за јадење се подразбира, како и високо ниво на хигиена.
Херпес симплекс тип 2: Најчесто HSV-2 се пренесува преку полов контакт со инфицирано лице. За време на инфекцијата на лицата со генитален херпес им се препорачува апстиненција, односно информирање на партнерот и користење кондоми, со што се намалува можноста за ширење на инфекцијата.
Симптоми
Примарната инфекција со HSV-1 обично се манифестира со црвенило, јадеж и пецкање на усните, околу носот, или во усната шуплина, во некои случаи со покачена температура, чувство на нервоза и исцрпеност, течење од носот, отекување на лимфните жлезди на вратот. Може да се јави и непријатен здив, а многу брзо на чувстителното и зацрвенето место на кожата се јавуваат и ситни, воденикави меури чие пукање предизвикува болка и ранички, кои за околу една недела зараснуваат, се претвораат во красти и се сушат.
Примарната инфекција со HSV-2 обично е проследена со јадеж, пецкање, исцрпеност и загуба на енергија, како и отекување на лимфните јазли во препоните. Околу гениталиите и на гениталните органи и анусот се јавуваат ситни меурчиња во вид на грозд кои пукаат, па се формираат красти кои се сушат, отпаѓаат, а на нивно место се јавува ново ткиво.
Лекување
Лекувањето на инфекции со симплекс вирусите се спроведува во договор со лекар, кој препишува терапија и со консултација со фармацевт, посебно во случај на генитален херпес. Кај орален херпес, помагаат разни лосиони, пасти и микстури, кои ги олеснуваат симптомите, односно пецкањето и јадежот, а во консултација со лекар или фармацевт се применуваат и антивиротици кои спречуваат понатамошен развој на вирусот.