Фармацевти
Контакт

<< Назад

БОЛКА

јануари 3, 2017

Сигнал за посета на лекард-р Јелена Стефановиќ, лекар по општа пракса, ЗЗЗЗР Железница Србија

Имајќи предвид дека чувството на болка е субјективен феномен, самопроценката на болката е златен стандард, па многу е важно пациентот што подетално да му ги опише на лекарот видот и местото на болка, каде се шири, кога и како се јавува, како и да води дневник за болката, бидејќи некои болки траат со месеци, па дури и години

Болката е сигнал на предупредување кое нашето тело го испраќа како резултат на повреда, заболување или пореметување на функцијата на некој орган. Тоа е непријатно телесно и емоционално чувство кое настанува и поради постоечкото или заканувачко оштетување на ткивата и е најчест симптом, односно знак во медицината, како и главна причина поради која пациентите посетуваат лекар.

Чувството на болка, односно неговата перцепција, е резултат на комплициран процес на настанување, спроведување и обработка на болниот импулс на патот од рецепторот за болка до кората на мозокот. Болката е сложено субјективно чувство на кое влијаат психолошки, социјални, емоционални и многу надворешни фактори и околности.

Во зависност од полот, возраста, опкружувањето, воспитувањето и многу други фактори, луѓето различно реагираат на болка. Прагот на перцепција на болка се менува во некои состојби, така што е понизок во фаза на воспаление. Меѓутоа, силните емоции, како страв или лутење, може да го потиснат чувството на болка. Исто така, во состојба на депресија прагот на болка е повисок.

Причини и класификација на болката
Причините за болка се непријатни и штетни механички надразнувања, трауми, хемиски оштетувања, преголем студ или топлина или патолошки состојби на организмот. Болката може да се класифицира на повеќе начини:

Според патофизиолошките промени, болката може да биде ноцицептивна и невропатска:

- Ноцицептивната е последица на активација на рецепторот за болка и настанува како резултат на оштетување на кожата и меките ткива (соматска) или внатрешните органи (висцерална).

- Невропатската болка е последица на директно оштетување на нервниот систем и може да биде периферна и централна. Мешаната болка опфаќа ноцицептивна и невропатска болка кои се преклопуваат. Според јачината, може да се опише како блага, умерено јака, неиздржлива, а според начинот на настанување и траење, се дели на акутна и хронична.

АКУТНАТА болка е симптом на некое заболување, краткотрајна е, со остар, јак интензитет. Може да биде прв знак на заболувања кои се потенцијално опасни по живот, како, на пр., болка во градите кај инфаркт на миокардот или болка во стомакот кај воспаление на слепо црево. Може да биде проследена со знаци на  зголемена активност на автономниот вегетативен нервен систем, како што се покачен крвен притисок, потење, забрзана срцева работа, забрзано дишење.

ХРОНИЧНАТА болка обично се опишува како бавна, тупа и трае со месеци или години, нема одбранбена улога и ги пореметува животните и работните активности и го нарушува квалитетот на животот. За неа е карактеристична и депресијата. Таа не е симптом, туку самостојно заболување.

Болката не треба да се игнорира
Какви и да се природата и карактерот на болката, не треба да се занемарат, особено ако е константна. За разлика од акутната, јака болка која бара итна посета на лекар, долготрајните болки луѓето се во состојба долго да ги трпат, па на лекар се јавуваат дури во моментот кога таа болка им ги пореметува секојдневните активности.

Најважно е раното препознавање и лекување на причината за болка. Хроничните болки се упорни, често од непозната причина, и по правило тешки за лекување. Лекувањето е долготраен процес и бара постојано следење на терапијата и состојбата на болниот. Заради тоа постојат посебни клиники за болка, специјализирани установи за дијагностика и лекување на хронични болни состојби.

Дневник на болката
Проценката на болката почнува со нејзината анамнеза. Имајќи предвид дека болката е субјективен феномен, самопроценката на болката е златен стандард.

Многу е важно пациентот што подетално да ги опише видот и местото на болка, каде се шири, кога и како настанува, како и да води дневник на болката. Лекарот ги  проценува причините, локализацијата, квалитетот, траењето и времето на повторување на болката, фактори кои ја засилуваат и ја ублажуваат, видот и количината на лекови кои пациентот ги користи. Исто така, се проценува влијанието на болката на квалитетот на живот и професионалната активност. Многу е важно да се процени и психичката состојба на пациентот.

Терапија на болката
За мерење на јачината на болка се користат унидимензионални скали, и тоа бројчена скала (0-10), вербална (блага, умерена, јака болка), визуелно аналогна, како и скала на лицето. Анамнезата на болката се дополнува со физички преглед и психосоцијална процена. Дополнителни дијагностички прегледи (МРИ, КТ, ЛАБ) се воведуваат по потреба.

За разлика од акутните болки, хроничните болки се тешки за излекување. Цел на терапијата на хронична болка е да се редуцира интензитетот и зачестеноста на болката и да се унапреди квалитетот на живот. Во терапија на болката се користат фармаколошки и нефармаколошки методи.

НЕФАРМАКОЛОШКИТЕ методи се физикална терапија, хируршки методи, акупунктура, транскутана електрична стимулација (ТЕНС) и психотерапија.

ФАРМАКОЛОШКОТО лекување се насочува кон квантитетот и квалитетот на болката. Скалата на јачина на болката претходи на аналгетската скала.

Важно е лековите да се земаат редовно во правилни временски растојанија како што препишал лекар. Во третманот на хроничните болки се применуваат и блокади (инфилтрации), кои подразбираат вбризгување лек (локален анестетик, кортикостероид, глицерол), директно во нервот или во неговата непосредна околина за да се пресече болката.

Најдобри резултати во ублажување на болката се постигнуваат во комбинација на повеќе тераписки пристапи. Мултимодалниот пристап на лекување подразбира максимална аналгезија, оптимален квалитет на живот и минимум несакани ефекти. Поддршката на семејството и пријателите и добрата соработка со лекарот даваат сигурност и доверба во успешност на терапијата на болка.

Превентива на болка подразбира спортска активност и превенција на стресот. Движењето и рекреацијата ги забавуваат ревматските болести и стареењето. Она што е најважно е дека болката не смеете да ја занемарите, како и дека болката не се трпи туку се лекува.

БОЛКА КОЈА НЕ СМЕЕТЕ ДА ЈА ЗАНЕМАРИТЕ

Поради ваквите болки треба да посетите лекар кој врз основа на локализацијата и карактерот ќе процени за што се работи и врз основа на дополнителна дијагностика ќе даде дефинитивна дијагноза.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>