План, мотивација, трпение и упорностМарина Брашиќ, специјален педагог, советник и психотерапевт на интегративна психодинамска терапија по О.Л.И метода
Иако секој ден можеме да носиме одлуки и да поставуваме цели, најчесто тоа го оставаме за почетокот на годината, бидејќи нова година асоцира на нов почеток, веруваме дека имаме време цели 365 дена за остварување на желбите, со надеж дека ќе бидат реализирани
Милиони луѓе ширум светот го сумираат направеното или пропуштеното во изминатата година со желба да се впуштат во планирање на нови цели и својата иднина. Со многу ентузијазам се пристапува кон правењето листи со желби кои би требало да се остварат во новата година за таа да биде подобра од претходната.
Секој од нас има многу желби кои се однесуваат на работата, здравјето, емотивниот, семејниот и општествениот живот. Во некои аспекти од животот сме поуспешни, а во некои помалку успешни. Во согласност со постигнатиот успех имаме желби кон кои се стремиме. За тие да се остварат, мора да се претворат во реални цели, а целите во реални планови и страгегии за реализација.Со дефинирање и реализација на целите, ќе дојдеме до успех, односно до остварување на желбите. Меѓутоа, дефинирањето и реализацијата на целите не се лесна задача, вклучувајќи го процесот на размислување за целта, анализа, планирање и стратегија за остварување на целта. Реализацијата подразбира одредена акција, но и постојана мотивираност за таа да се спроведе. За да ви олесниме вашите желби да се претворат во стварност, ќе наведеме некои од чекорите со кои можете да дојдете до успех.
1 чекор: Дефинирајте автентична и јасна желба
Пред да се впуштите во пишување листа со цели за новата година, тргнете од своите желби. Ако знаеме што точно сакаме, појасно ќе знаеме и по кој пат да тргнеме. Често се случува личноста да не знае точно што сака. Има потреба да се чувствува поуспешно или поисполнето во животот, но нема јасна слика за тоа што тоа точно значи за неа. Нејаснотијата во желбите доведува до тоа личноста да се труди и да се вложува себеси, да ја расплинува својата сила и ресурси на нешто за што мисли дека би довело до успех. Таа патува кон желбата на нејасен и недифиниран начин.
Напишете што би ве направило успешни или среќни. Конкретизирајте кои работи би ви дале чувство на успех. Дали се тоа поинакви односи со луѓето или промена на работата или намалување на телесната тежина или нешто четврто? Поставете конкретни нешта или ситуации како јасни желби. Не ги споредувајте своите желби со желбите на другите и дефинирајте ги врз основа на лични потреби. Дури кога сте сигурни што сакате, можете да преминете на следниот чекор, а тоа е формулирање и разработка на целите кои ќе ви овозможат остварување на желбите.
2 чекор: Формулирање и разработка на целите
Дефинирањето на целите е важен чекор во остварување на желбите. Некогаш желбата може да содржи повеќе цели, а понекогаш самата желба е и цел. Целта е одредиште кон кое се стремите за да ја остварите својата желба. Кон него насочувајте ги силата и ресурсите. Целта ни дава одговори на прашањата „што треба да направам за да го добијам она што го сакам“, но и „каде грешам, па сум сè подалеку од желбата“. Целта се рамката и патеката за стигнување до желбата. Затоа потрудете се реално и конкретно да ги дефинирате. Еве за што треба да водите сметка при поставувањето и разработката на целта:
- Целта мора да биде поставена јасно и прецизно (на пр., сакам да ја завршам втората година на факултет).
- Размислете на кои сè начини можете да дојдете до целта, односно што сè треба да направите за да успеете (на пр., да положам одредени испити, колоквиуми и др.).
- Размислете за тоа кои вештини ги поседувате за остварување на целта и дали би требало некои да ги унапредите (на пр., брзо помнам, вреден сум, редовно одам на предавање или треба подобро да го организирам времето за учење).
- Ако сметате дека некои вештини повеќе би ви користеле, а ги немате во доволна мера, разработете конкретни начини како можете да ги унапредите (на пр., бидејќи не ја разбирам материјата, морам да земам дополнителни часови) и во која временска рамка (на пр., наредниот месец ќе земам приватни часови за да го разберам подобро она што го учам за испит).
- Дефинирајте го времето, како за остварување на целта така и за секоја активност која води до неа (дневно, неделно, месечно, годишно).
- Размислете за луѓето кои можат да ви помогнат во реализација на целта (на пр., пријателите ќе ми дадат скрипти, родителите ќе ми платат дополнителни часови, професорот ќе ми помогне на консултации и сл. ).
- Обидете се да насетите кои евентуални пречки може да ви се најдат на патот и како ќе се носите со нив. Размислете дали некој ќе ви помогне во надминување на пречките, дали ќе морате сами да се носите со нив, како тоа може да влијае на вашата мотивација и што ќе преземете за да не се откажете.
- Поставете јасни параметри кои ќе ви укажат дали сте на добар пат кон остварување на целта (сигнали кои може да бидат на пр., пофалби од други, успешно резвивање на некои вештини и сл.).
Дури кога ќе направите план и стратегија, можете да тргнете во реализација на целите. Веќе ви е јасно дека постигнувањето цели не функционира по принципот забивање топка во кош. Бара време и сериозност, а најбитно, бара постојана мотивираност и волја за ангажирање. Ако прецизно сте ја дефинирале целта, сте ја разработиле низ задачи и активности, ќе се намалат шансите да ви снема волја за реализација на таа цел.
3 чекор: Одржете ја волјата за постигнување цели во текот на целата година
Размислувајте оптимистично за целта, но и за своите вештини и активности. Гледајте на грешките како на показатели дека се трудите во остварување на желбата, но како и предупредување дека она што го работиме мора да го промениме или да го приспособиме на целта. Смислете награда за себе, таа може да биде само симболична прослава на моменталниот успех. Вие не сте машина која може да работи според план и програма 365 дена. Направете краток одмор, дајте си простор да се одморите, но не и да се откажете. Гледајте на одморот како на собирање нова енергија за постигнување успех. Занимавајте се со некои други работи, оние кои ве забавуваат и опуштаат во краток рок кој сте го одредиле за одмор. И држете се до тој рок. Одлуката која сте ја донеле вклучува желба, па секое одлагање на активностите е неодговорно однесување кон себе и својата желба. Бидете одговорни не кон целта туку кон себе. Обидете се точно да дефинирате што ќе ви биде показател дека сте на добар пат, какви коментари би сакале да слушнете и како ќе се чувствувате, како и кои можности ви се нудат со остварување на желбата.
Никој не успеал а пред тоа да не се потрудил. Бидете трпеливи, упорни и новогодишните желби сигурно ќе ви се остварат.