Фармацевти
Контакт

<< Назад

Зошто бебињата плачат

јуни 23, 2015

[vc_column width="1/1"]Детето никогаш не плаче без причинад-р Радмила Косиќ

Плачењето на бебето е начин на комуникација и сигнал за тревога, па треба без нервози да се одгатне што му недостига, која потреба треба да се задоволи и како да се утеши за да се чувствува удобно и сигурно

По доаѓањето од болница настапува „месец кој ќе ви го смени светот“. Веќе сте ја прочитале сета достапна литература, сте ги запаметиле сите корисни совети од поискусните роднини и пријатели, сте ја купиле потребната опрема за новиот член на семејството. Сепак, очајни сте и беспомошни кога не ви поаѓа од рака брзо да го смирите плачот на бебето.

Иако би биле многу посреќни кога бебињата воопшто не би плачеле, мораме да ја прифатиме вистината дека нивниот плач е начин на комуникација и сигнал за тревога. Детето никогаш не плаче без причина! Ако успеете да одгатнете што му недостига и тоа му го дадете, ќе престане да плаче.

Колку детето е помало – потребите се поедноставни. Ако го нахраните и го пресоблечете новороденчето, задоволно ќе продолжи да спие. Кај 9-месечните бебиња репертоарот на причини за плачење е многу поголем, но и вие ќе бидете многу поискусни во препознавање на видовите плачење.

ГЛАД: Најчеста и за отстранување најлесна причина за плачење кај доенчето е гладта. Имајте на ум дека желудникот на новородено дете е исклучително мал, па и количината на млеко кое се лачи во првите денови е мала и поради тоа не очекувајте да спие три часа, а потоа „мирно да ви соопшти“ дека е гладно. Доењето претставува природен систем на понуда и побарувачка – системот ќе функционира доколку се однесуваме природно и затоа „доењето на барање“ е сè популарно во советувалиштата, но ќе откаже ако настојуваме да се држиме до строг распоред на хранење.

Секое доенче со време ќе го утврди својот ритам во хранење на околу три часа. Доколку се држите до строг распоред, детето сè повеќе ќе се буди и ќе плаче. Ако не го нахраните зашто „не е време“, нема начин да го утешите – тоа ќе плаче сè повеќе зашто е гладно и ќе станува сè погласно. Кога најпосле ќе дојде планираното време за оброк, ќе биде уморно и нервозно од плачење, исцрпено ќе заспие и пак ќе се разбуди порано, плачејќи од глад. Не плашете се дека ќе стекне навика често да бара храна, тоа не плаче од навика туку поради глад. Кога ќе биде способно да внесе поголема количина млеко која ќе го задоволи неколку часа, нема да има потреба често да се храни.

ФИЗИЧКИ КОНТАКТ: Бебето кое плаче кога не е во прегратката на мајката, а задоволно заспива кога ќе го земето од креветче, без физички контакт со мајката не се чувствува доволно удобно и сигурно. Ова плачење во нашата средина погрешно се толкува како сигурен пак кон „лоши навики“. Детето плаче зашто сака физички контакт со вас, ја сака удобноста на вашиот допир, близината на вашиот глас и мирис. Неговото барање не е неоправдано, зад него се девет месеци најблизок телесен допир со мајката.

Во некои делови од светот мајката и детето се постојано во близок контакт – мајките традиционално ги носат на грбот и така ги извршуваат сите домашни работи. Сосема е природно дека бебето ќе престане да плаче ако го земете во прегратка. Во нашата организација на семеен живот сигурно нема да можете бебето постојано да го држите во прегратка, но ако неутешно плаче во колепка, размислите на која количина од вашата прегратка има право? Нема да го носите во раце цел живот – со првите чекори околината ќе му стане поинтересна од вашата прегратка.

ГРЧЕВИ: Во првите месеци грчевите се честа причина за неутешно плачење. Не очекувајте премногу од разни сирупи и капки – додека ги испробате сите и грчевите ќе престанат. Педијатарот ќе ве увери дека детето е здраво, дека добива на тежина – не е гладно и грчевите не оставаат никакви последици по здравјето. Беспомошноста на родителите ја отежнува и тоа што грчевите се повторуваат најчесто навечер, кога и вие сте уморни. Помирете се со фактот дека причината им е непозната и прифатете неколку „плачливи“ недели. Иако не сте во состојба да го утешите бебето, немојте да го оставате само да страда зад затворени врати. Посветете му време и внимание, земете го во прегратка, масирајте му го стомачето, поддржете го со допир, глас и трпение. Утешете се со фактот дека грчевите се посилни кај бебињата кои повеќе напредуваат во тежината и дека детето е здраво.

РИТМИЧКИ ДВИЖЕЊА: Ако сè друго не дава резултат, обидете се со разни ритмички движења. Ритмичките движења ги исклучуваат сите надворешни и внатрешни непријатности кои детето не умее да ни ги опише. Смирувачкиот ефект на лулање со иста фреквенција на вашиот од потекнува од неговото искуство во мајчината утроба кога заедно сте шетале наоколу. Во борбата со неутешното плачење сите средства се дозволени – делотворен е звук на вентилатор или фен, многу родители ќе ви посведочат дека во глува доба од ноќта го возеле бебето во автомобил и дека тоа е единствен лек за некои напади на плачење.

СИГНАЛ ЗА АКЦИЈА: Детето плаче зашто е неспособно да се служи со говор, а потребата за храна, топлина и љубов му е подеднакво силна како и нашата. Плачењето е замена за акција – тоа е сигнал да преземете нешто за да се чувствува  подобро. Доенчето плаче кога е гладно, постарото дете ќе каже дали сака да јаде, а ученикот ќе си подготви сам појадок. Ако детето е наводенето или му е ладно, нема начин да ви го соопшти тоа освен со плачење. „Пуштете го да плаче!“ е чест, бесмислен рецепт. Ако не е гладно, детето со плачење ви соопштува некоја друга потреба. Ако е гладно, храната е брзо решение. Вашето рамо и прегратка се негова удобност и сигурност – подготвено е за нив да се бори со упорно плачење, кое нема да се смири со дополнително хранење, ни со лажачка. Воспитувањето почнува во рана возраст, но не подразбира игнорирање на бебешките потреби. Плачењето е неизбежно, некои деца плачат повеќе од другите – пронајдете ги причините, утешете го бебето и уживајте во напредувањето на своето задоволно дете.

Доење на барање

Логично е малото бебе да мора често да цица, зашто желудникот е мал, а во дојките се создава малку млеко. Генерациите на нашите баби одгледувале деца без часовник, ваги, патронажни сестри и педијатри – сетете се на тоа кога детето плаче, а уште „не е време за хранење“. Детето кое се храни со адаптирана млечна формула хранете го на ист начин – кога ќе побара (со плачење!) и пуштете го да испие онолку колку што сака.

Цуцла

За употреба на лажливката има причини за и против. Цицање на лажливката нема да го смири гладното дете, а има и бебиња кои не ги прифаќаат, без разлика на големиот избор. Сепак, постојат бебиња кои ритамот на цицање на лажливката ги смирува и опушта. Некои бебиња сами ќе си ги пронајдат сопствените прстиња кои ритмично ќе ги цицаат додека не се смират. Настојувајте претходно да ја пронајдете причината за плачење и да не западнете во замка дека најлесно е да се бутне „цуцла“ во отворена уста. Нека лажливката биде мерка која ќе ја искористите кога сте се увериле дека сте пробале сè останато.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>