Фармацевти
Контакт

<< Назад

Терапија на коса со растителни масла

февруари 1, 2017

Милица Алексиќ

Зимското време не е пријател на косата, бидејќи температурите се ниски, снегот, дождот, носењето капи и сувиот воздух во загреани простории може да предизвикаат различни проблеми, од кои најчести се дехидратација и испукани краеви, што се зголемува со сушење на косата со фен, како и различни третмани, како боење и исправување на косата.

Квалитетни растителни масла, како што се маслиново, рицинусово, арганово, чичково, бадемово, кокосово и многу други, се сметаат за најдобри природни препарати за нега, регенерација и заштита на косата. Тие ѝ ја даваат неопходната влага и природна мекост, може да помогнат и во отстранување на првут, ја јакнат и помагаат да биде здрава и бујна. Недостигот на време не треба да ни биде изговор, бидејќи косата можеме да ја третираме и така што неколку капки, на пример, маслиново масло, ќе ставиме во регенераторот за коса и на тој начин ќе заштедиме време.

Постојат многу начини на кои може косата да се негува со масла, во зависност од тоа дали сакаме да го третираме целиот скалп и коренот или само дел и краевите. Еден од најбрзите и многу ефикасни начини е на дланка да ставиме масло и да го нанесеме на влажна коса, триејќи ги нежно краевите и поминувајќи со намастени прсти низ косата. За оваа постапка потребно ни е малку масло, од прилика една до две лажички, па можат да се користат и скапи и егзотични масла, како арганово, кое ја штити косата од кршење и е добро за сува и тенка коса.

Добар начин за негување на косата е и таа прво добро да се расчешла и раздели, па потоа малку загреано масло (никогаш топло) се масира од коренот до врвовите на влакното и се остава да дејствува 45 минути, а може и преку ноќ, така што главата ќе се покрие со тенка капа за туширање и ќе се завитка во пешкир, па дури наутро се мие косата. За овој вид третмани одлично е кокосовото мосло, кое го поттикнува растот на фоликулите, ја регенерира, хидрира и храни косата со витамини Е и К.

Кое масло и кога ќе го изберете зависи од тоа што сакате да постигнете. Маслиновото масло е многу корисно за решавање многу проблеми со косата, како првут и сува коса, а се смета и дека го поттикнува нејзиниот раст. Маслото од авокадо, богато со А, Е и Д витамини, се смета дека на косата ѝ дава виталност и цврстина, и може да се користи како природен регенератор. Маслото од маслена репка е одлично за комбинирање со други масла при правење маски за коса, а се смета и дека спречува опаѓање на косата. Маслото од семки од грозје е ефектен борец против првут и се препорачува за получасовни маски кое се ставаат пред миење на косата. Кое масло да го изберете, тешко ќе згрешите, бидејќи растителните масла се благотворни, природни и со причина се користат одамна за убавина и здравје на косата.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>