Фармацевти
Контакт

<< Назад

Како да се ублажат симптомите на настинка

февруари 1, 2017

Душан Гољиќ
м-р по фармација

Статистиката вели дека речиси секој од нас, без оглед на возраста или полот, во текот на студените месеци барем еднаш ќе ги почувствува симптомите на настинка. Возрасните настинуваат два до три пати годишно, а децата помали од шест години до шест пати во текот на годината. Настинката почесто се јавува во зима бидејќи одбранбениот механизам задолжен за чистење на горните дишни патишта е блокиран од студениот воздух, па вирусите полесно поминуваат до клетките на слузокожата.

Настинката е примарно вирусна инфекција, па антибиотици не треба да се земаат бидејќи можат да нанесат повеќе штета отколку корист. Лекувањето е симптоматско, а во зависност од симптомите ќе се посоветуваме со фармацевт кој препарат е безбеден и ефикасен.

Кивањето настанува како резултат на воспаление и отекување на носната слузокожа и обично е прв симптом на настинка. Ефикасно средство против кивање и течење од носот се препарати кои содржат т.н. вазоконстриктори. Обично се во вид на капки и спрејови за нос. Дејствуваат моментално и ефикасно го подобруваат дишењето. Се препорачува да се користат пет до седум дена во континуитет. Подолга употреба може да доведе до навикнување на слузокожата на лекот и развивање хронично заболување.

Дополнително, како резултат на отекување на слузницата на носот, може да дојде до собирање на секрет во синусите, што потоа предизвикува воспаление на синусите. За тоа да се избегне, се препорачуваат препарати на база на морска сол. Било да е чист раствор или комбинација на некои етерични масла, континуирано испирање на носот со овие препарати се покажало ефикасно во спречување компликации.

Болката во грлото е симптом кој настанува како резултат на иритација на слузокожата на грлото со студен воздух. Кај болно грло успешно дејствуваат лекови во вид на пастили кои се топат во устата, ја обложуваат слузницата, ја чистат, ја ублажуваат болката и ја регенерираат. Постојат и спрејови на билна база (прополис, ехинацеа), кои, покрај намалување на локалната болка, имаат и имуностимулаторно дејство.

Кашлицата е чест придружник на иритацијата на грло. Кај сувата кашлица се препорачуваат билни сирупи на база црн и бел слез, исландски лишај или тегавец, како и лекови за намалување на надразнувањето за кашлање. За олеснување на искашлувањето кај продуктивната кашлица тука се производи на база на бршлен, јаглика, како и лекови кои успешно го разредуваат секретот во дишните патишта. Терапијата за кашлица по правило трае најмногу седум дена. Доколку кашлањето не се смири или се влоши, задолжително треба да посетите лекар.

Болките во екстремитетите и во главата прво се јавуваат како изнемоштеност и општа слабост, а може да се интензивираат со време. Како терапија, и тоа со претходна консултација со вашиот лекар или фармацевт, може да се користат лекови од групата нестероидни антиинфламатори, како што се ацетилсалицилна киселина, парацетамол или ибупрофен. Ги има во повеќе фармацевтски облици и се приспособени на секоја возраст. Може да се најдат во вид на капсули или таблети, или, пак, во вид на прашоци кои се раствораат во вода. Направени се така што веќе после една доза чувствуваме подобрување.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>