[vc_column width="1/1"]Ја поттикнува еластичноста и издржливостаМилан Станковиќ
Пилатесот е идеален за сите оние кои не сакаат да скокаат или трчаат, но сакаат кондиција и подвижност на целото тело, а го практикуваат и многу славни личности, како, на пр., Мадона, Џулија Робертс, Хју Грант, Ванеса Вилијамс, Бритни Спирс и многу други
Во првата половина на 20 век системот на вежби денес нашироко познат како „пилатес“ го добил името по основачот, Германецот Јозеф Пилатес од Диселдорф (1880-1967). Тој имал обичај оваа програма да ја нарекува и „контрологија“, промовирајќи ја идејата дека „луѓето треба да го користат својот ум за да ги контролираат своите мускули“, па со своите специјални методи против атрофија на мускулите ги вежбал и болните врзани за кревет. Како дете, Пилатес бил болешлив и страдал од астма, а прележал и ревматска грозница, болест која остава последици на целиот организам, особено на моториката. Меѓутоа, тој своите физички ограничувања и тегоби ги надминал со упорно вежбање.
Фокусот на овој систем на вежбање е на мускулите кои се битни за одржување на телото во рамнотежа и значајни за нормална состојба на ’рбетниот мозок, ублажување и превенција на болките во грбот. Поради тоа акцент се става на мускулите на абдоменот, рацете и рамениот појас, како и на грбот, бидејќи претставуваат основа за правилно држење на телото. Исто така, пилатесот ја поттикнува и свеста за правилно држење на телото, па во својата работа го применуваат и многу физиотерапевти, бидејќи акцентот е на „издолжување и израмнување“, и на специфичното вежбање на мускулите во функција на предупредување повреди. Затоа оваа програма ја користат и спортистите и танцувачите.
Еластичноста и снагата на мускулите на оној кој го практикува пилатесот се постигнува така што се користи сопственото тело како тегови за време на тренинг. Во пилатесот нема агресивни и напорни вежби, движењата се лесни и опуштаат. Резултатите се еластичност, издржливост и кондиционирано тело.
Тренерите на пилатес велат дека пилатесот е здрав од многу причини: гради издолжени мускули и флексибилни зглобови, ја подобрува подвижноста на целото тело, ги јакне зглобовите и мускулатурата, го развива и го јакне срцевиот мускул, го подобрува држењето на телото, а притоа е и сигурен метод на вежбање.
Реквизити
Во пилатесот се користат и различни реквизити како топка, полутопка, валјак, перница, обрач и друго, чија цел е да помогнат при изведувањето на вежбите или да послужат како отпор, односно да ја зголемат координацијата и контролата на движењата.