[vc_column width="1/1"]Одраз, лет и влегување во водаСаша Ковијаниќ-Димиќ
Скоковите од поголеми висини се опасна активност и препорачливо е да ги изведуваат само подготвени и искусни скокачи, бидејќи опасноста од погрешно влегување во вода може да доведе до сериозни, па дури и до фатални повреди
Малкумина се оние кои, како деца за време на долгиот летен распуст, не се нашле пред предизвикот наречен „прозивки“. Играта се состои во тоа што еден играч задава скок во вода, а други, прозвани по име од страна на претходникот, треба да го изведат на ист начин. Така настанале скоковите наречени „бомба“, „мечка“, „штица“, „игличка“, „прелом“, „ластовица“, „салто“, „разлошка“, и многу други безимени и тешко изводливи, кои често завршувале со многу болен судар со водената површина. Сепак, скоковите во вода не се само забава, туку и олимписки спорт.
Иако скоковите во вода се спомнуваат и во вековите пред новата ера, како спорт прв пат се споменуваат во 18 век. Скоковите во вода се развиле од гимнастиката, така што германските и скандинавските гимнастичари почнале да увежбуваат акробатски елементи над вода. Правата книга за овој спорт е објавена во 1843 година во Германија, а првите правила се прифатени во 1891. Скоковите во вода се олимписки спорт од 1904 година. За време на долгата низа години, станаа еден од најинтересните и најпосетените олимписки спортови.
Постојат две основни олимписки дисциплини на скоковите во вода: скокови од отскочна штица и скокови од кула. Скоковите од отскочна штица се изведуваат од еластична штица која при одразот му дава дополнителен импулс на скокачот, со што се постигнува повисок и поенергичен скок. Скоковите од штица се изведуваат од висина од 1 до 3 метри од водената површина. Кулата е цврсто, најчесто бетонско место за отскок, на висина од 5 до 10 метри над водената површина.
Скоковите во вода се спорт во кој целта на скокачот е што поефектно, со презентација на акробатски гимнастички елементи за време на скокот, од платформа да скокне во вода. Натпреварувањата се изведуваат во машка и женска конкуренција. На Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година е воведена и дисциплина синхронизирани скокови, каде двајца натпреварувачи од иста екипа изведуваат истовремено идентичен скок, па освен тежината на елементите и квалитетот на изведувањето се оценува и синхронизираноста на двата скока.
Скоковите се делат во различни групи, а основни се: скокови кон напред, скокови кон назад, скокови со свртувања, повратни скокови, скокови со вртења и скокови од стој. Натпреварувачите изведуваат однапред договорен број на скокови, кај машките помеѓу 6 и 11, а кај девојките помеѓу 5 и 10 скокови. Скокачот мора однапред да го пријави видот на скокот кој ќе го изведе, а секој скок има однапред одреден фактор на тежина. Тој фактор се одредува врз основа на тежината и бројот на елементи кои се изведуваат, на пр., видот на почетниот став, бројот на свртувања, начинот на влегување во вода итн. Скоковите ги оценуваат судии на следниот начин: за секоја фаза на скокот судијата има на располагање 3 бода (одраз, лет и влегување во вода) и уште еден дополнителен бод за вкупен впечаток и корекција. Тогаш тој збир се множи со факторот на тежина на скокот. Резултатите за сите скокови се собираат и победник е оној кој има најголем конечен збир.
Натпреварувањето се изведува на строго пропишани скокалници, на кои мора да има освен соодветна кула и базен со пропишани димензии, од кои особено е важна длабочината на водата.
Постојат извесни предиспозиции за занимавање со овој спорт, како што се добра координација, флексибилност, естетика на движењата, снага, снаодливост и, се разбира, извесна доза на храброст. Со редовно тренирање се доаѓа до развивање на овие способности. Оптимално време за започнување со овој спорт кај децата е претшколска возраст, т.е. штом детето ќе научи да плива. Во таа доба децата имаат веќе развиена координација, а сè уште немаат развиено страв од висина, така што со постепено подигање на висината на скокот и истовремено усовршување на техниката, со стручно водење на тренингот, занимавањето со овој спорт станува забавна и безбедна активност.
Освен строгите олимписки форми на скоковите во вода, скоковите се изведуваат на речиси сите природни и вештачки места за бањање како вид на забава. Особено се актуелни скокови од високи и стрмни карпи, најчесто на море.
Овој спорт побарува голема техника, физичка, но и ментална подготовка. Кондиционите подготовки опфаќаат секојдневно трчање на пократки делници, спринтови кои ја развиваат експлозивноста, како и напорна работа во теретана која опфаќа специфична тренажна постапка на работа на снагата и издржливоста со зачувување на флексибилноста за скокови во вода, па тренингот треба да опфаќа вежби за целото тело.
Важно е да се каже дека скоковите во вода, особено од повисоки висини, се релативно опасна активност и препорачливо е да ги изведуваат само подготвени и искусни скокачи. Потенцијална опасност од погрешно влегување во вода може да доведе до сериозни повреди, па дури и фатални. Ударот во вода при скокање од поголема висина може да доведе до сериозни повреди, губење на свеста и давење. Исто така, опасно е скокањето на непознат терен, каде не е проверена длабочината на водата, или не е осигуран доволен простор во вода за безбеден скок.
Екстремен спорт
Постојат и натпреварувања во скокови во вода од карпи и платформи повисоки од 20 метри! „Cliff dive” е еден од најекстремните спортови денес во светот. Во прашање се скокови во вода од големи висини од 20 до 28 метри, и многу се слични на олимписките скокови.
Корените на „Cliff dive” се од Хаваите. Во 1770 година Кахекили, поглавар на четири острови, од своите војници барал да ја докажат својата храброст следејќи го неговиот пример „lele kawa”, што во превод значи „скокање од висока карпа на нозе во вода без плиска“. Скокачите изведуваат повеќекратни ротации во воздух. Речиси сите елементи кои ги користат скокачите во вода на Олимписки игри се применуваат и овде, со таа разлика што овде висините се и до 3 пати поголеми.
Како и кај олимписките скокови многу е важно сите елементи да се изведат „течно“, а особено е битен добриот влез во водата, безбеден и без премногу шлапкања. Во светот околу 30 луѓе се занимаваат со вакви скокови и тоа главно поранешни олимпијци. Бидејќи се во прашање врвни спортисти, мали се разликите во квалитетот и само ситници влијаат на победата.