Фармацевти
Контакт

<< Назад

Падобранство

март 1, 2017

Адреналински лет низ атмосфератаАлександар Вучковиќ

Под спортско падобранство денес главно подразбираме скајдајвинг, слободен пад до активација на падобранот, најчесто на висина од 1 000 до 1 500 метри, при што скокачот пред приземјувањето дополнително ја намалува брзината на падот со активирање на механизмот кој дејствува со вертикална сила нагоре

Архетипскиот мит за Икаровиот лет сведочи за исконската човекова желба да ја победи гравитацијата со оддалечување во непрегледни простори на небесното синило. За жал, Икаровиот лет завршил со пад и негово загинување. Откако човекот после многу и трагично завршени обиди ја совладал способноста за летање со помош на воздухоплов, се појавила и потребата за сигурно, алтернативно враќање во неговото природно живеалиште, површината на планетата. Така е измислен и падобранот, направа чија цел е да го забави забрзаниот пад низ атмосферата, наоѓајќи широка примена, пред сè, во спасување на загрозените животи на пилотите на леталата, а подоцна и во спортот.

Денес падобранот е вообичаен реквизит во военото и цивилното воздухопловство, а падобранството во сите свои различни облици е спорт кој се практикува ширум светот, навистина, резервиран за оние похрабрите. Меѓутоа, до создавање на модерниот падобран требало да поминат речиси пет века од идеја до реализација, иако овој атрактивен лет се заснова на релативно едноставен принцип на физиката, отпорот на воздухот кој ја намалува брзината на падот.

Летачки човек
Првата скица на падобран, платнена пирамида која била отворена од долната страна, во 1483 година ја направил  Леонардо да Винчи. Во 1617 година Шибенчанецот  Фауст Вранчиќ врз основа на цртежите на Да Винчи направил конструкција од платна обрабени со дрвени штици кои ги нарекол homo volans – летачки човек. Постои легенда дека со неа скокнал од венецијанската кула и сигурно се приземјил, но за нејзина потврда недостигаат доверливи историски извори.

На 22 октомври 1797 година Французинот Андре-Жак Гарнерин (André-Jacques Garnerin) го извел првиот падобрански скок над Париз. Неговиот падобран се состоел од корпа под свилено платно кое било отворено со помош на дрвена рамка. Целата конструкција била прицврстена на балон со чија помош се вивнал во воздух. На висина од околу еден километар Гарнерин ги исекол јажињата врзани за балонот и безбедно се приземјил, а масата од неколку илјади набљудувачи го поздравила со овации.

Цел век бил потребен за да се конструира падобран без рамка која обезбедувала платното да биде затегнато и отворено. Во 1897 година прв пат со таков падобран скокал Американецот Том Болдвин (Tom Baldwin).

Спасување животи
Модерниот падобран почнал да се развива во годините пред и во текот на Првата светска војна како средство за спасување животи на пилоти и екипаж од оштетен авион. Примитивен од денешна перспектива, скокот со овој падобран често завршувал со повреда на скокачот. Како куриозитет вреди да се спомене дека во британското воздухопловство падобраните биле забранети, бидејќи се верувало дека нивното користење лошо би влијаело на моралот на пилотот.

Набргу по Првата светска војна падобранството почнува да се практикува како хоби или спорт. Во 1919 година Американецот Лесли Ирвин (Leslie Irvin)  го извел првиот скок кој се состоел од слободен пад за да заврши со отворање на падобранот на помала висина. Овој скок се смета за почеток на падобранскиот спорт, иако дури во 50-тите години на  минатиот век станал спорт кој ја привлекол пошироката публика.

Во текот на Втората светска војна почнала пошироката примена на падобраните. Почнал да се користи за спуштање на единици, за мали групи командоси или за десанти, како и за снабдување трупи зад непријателските линии. Во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, во време на вселенски летови, падобраните почнале да се употребуваат и за сигурно спуштање на вселенски капсули.

Слободен пад
Денес под рекреативно или спортско падобранство главно подразбираме скајдајвинг, слободен пад до активација на падобранот, најчесто на висина од 1 000 до 1 500 метри. Пред приземјување скокачот дополнително ја намалува брзината на падот со активирање на механизмот кој, спротивно од насоката на паѓање, дејствува со вертикалната сила нагоре, па хоризонталната брзина речиси потполно ја заменува вертикалната. Во зависност од брзината на ветрот, скокачот при приземјување едноставно застанува на земјата или мора да направи неколку чекори за да застане. Правило е дека секогаш треба да се приземјува спротивно од правецот на дување на ветерот.

Ризици и повреди
Падобранството се смета за екстремен спорт зашто грешките во управувањето или во конструкцијата на падобранот често имаат смртен исход. Сепак, несреќите се релативно ретки. Статистиката вели дека на 150 000 скокови се случува само 21 несреќа, што е 0,0007 насто.

Оние кои го практикуваат овој спорт задолжително мора да носат два падобрана, главен и помошен. Резервниот падобран мора да биде периодично прегледуван и препакуван од лице кое има лиценца за преглед, одржување и пакување на падобранот. Во зависност од локалните национални прописи, почетниците, а во некои земји сите скајдајвери, задолжително треба да употребуваат AAD (automatic activation device), уред кој автоматски го активира резервниот падобран ако детектира дека скокачот на одредена висина сè уште е во состојба на слободен пад.

Најголем број повреди и смртни случаи се случуваат поради преземање  ризик или грешки во проценка, на пример, при изведување свупинг. Свупинг (swooping) е дисциплина во која при спуштање со голема брзина се лета ниско над земјата.

Ризик-факторите се, исто така, ненадејна промена на правецот на ветрот над земјата, што може да го забрза падот при самото приземјување, како и ако се замрси падобранот на  еден или повеќе скокачи. Во тој случај тие мораат што побрзо да се  ослободат од  куполите на главниот падобран и да го активираат резервниот.

Опремата е многу ретко причина за несреќа. Посебно изработката и контролата на резервните падобрани подлежи на строги проверки и стандарди. Така сигурноста е зголемена со тоа што покрај мала можност да откаже главниот падобран, постои уште помала веројатност помошните да не функционираат.

Исто така, прописите на многу земји, но и правилата на теренот за доскок дозволуваат само на полнолетни лица да се занимаваат со овој спорт.

Летачки душеци
За време на војната во Виетнам, Американците развиле нов вид на падобран со правоаголен облик со кој при спуштање се поминувале големи хоризонтални растојанија. Ова е многу значајна иновација бидејќи давала можност на екипажот од урнатиот авион да се оддалечи од местото и да се спушти блиску до американските воени бродови каде многу лесно можел да биде евакуиран. Наречени летачки душеци, овие падобрани биле претходници на модерните правоаголни кои во целост ги потиснале кружните падобрани, како и параглајдерите.

Правоаголните падобрани многу лесно се управуваат, тие овозможуваат лебдење во воздух и прецизно приземјување. Кружните падобрани денес понекогаш се употребуваат како помошни и во парасејлинг, рекреациска активност каде што се лебди како на змеј или се движи по воздух на падобран кој е прикачен за чамец или за брод.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>