Опасности од самомедикацијаДушан Гољиќ
м-р по фармација
На старата поговорка здравјето е најголемо богатство обично се потсетуваме дури тогаш кога здравјето ни е загрозено. Било да е во прашање хронично заболување или бавно заздравување од настинка, симптомите кои ги чувствуваме ни го нарушуваат квалитетот на животот. Плашејќи се од опасен исход на болеста, а сакајќи брзо решение за тегобите, многумина одат во аптека и купуваат лекови и препарати на своја рака, водејќи се по претходно искуство во лекување или по препораки на нестручно лице. Меѓутоа, земањето на здравјето во свои раце е непрепорачливо и опасно.
Самомедикација е земање терапија со цел излекување без претходна консултација со здравствен стручњак. Некои луѓе тоа го прават за да избегнат чекање во лекарските ординации, додека други имаат повеќе доверба во совет од пријател или во текст кој ќе го прочитаат во весници или на интернет, не размислувајќи за тоа дека здравствените совети во весниците се универзални, а дека секое лекување мора да биде индивидуално кај лекар, бидејќи самомедикацијата носи многубројни ризици.
Неадекватна дијагноза и погрешен избор на лек: Тоа што чувствуваме одредени симптоми навистина не значи дека сме и квалифицирани да го одредиме предизвикувачот на нашите тегоби, дури и кога ни се чини дека знаеме што ни се случува во организмот. Веројатноста да згрешиме е голема, а самоиницијативното земање лекови по потреба или според чувство обично има за последица и погрешно дозирање на лекот, каде тој лек или не дејствува или може да стане токсичен. Единствен вистински пат кој се препорачува е советување со лекар или фармацевт за дијагнозата и изборот на лек.
Одложување на преглед кај лекар. Чест случај е лицето да чувствува некоја тегоба подолго време, при тоа редовно да користи лекови кои ја намалуваат непријатноста, одложувајќи ја посетата на лекар. Тој долго одложуван преглед многумина, за жал, ќе го направат кога ќе биде доцна за вистинско излекување. Било да е во прашање болка во желудник, главоболка или некој друг симптом кој трае подолго време, задолжително треба да се консултирате со стручњак. Употребата на некои лекови може да ги маскира симптомите на сериозни болести.
Несакани дејства и интеракции на лекови. Лековите и препаратите кои се набавуваат во аптека без рецепт имаат малку несакани дејства. Меѓутоа, доколку се користат на неадекватен начин, без консултација со лекар или фармацевт, веројатноста од појава на несакани ефекти значително ќе расте. Дополнително, ако се зема терапија за некое присутно заболување, земање на дополнителни лекови на своја рака може да предизвика интеракција на тие супстанции во организмот, што може сериозно да оштети одделни системи на органи.
Кај самомедикацијата постои ризик од зависност и злоупотреба. Лековите се наменети за лекување болести за кои се индицирани, треба да се пијат онака како што е нагласено и само онолку долго колку што е потребно.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци