Минерал за појаки коски и повеќе енергијам-р инж. Немања Стојиљковиќ
Фосфорот е хемиски елемент, а неговата ознака е симболот P. Поради високата реактивност, во природата не можеме да го пронајдеме во чиста состојба. Овој елемент е есенцијален, сите живи суштества имаат потреба од него. Тој влијае поволно на здравјето, составен дел е од нашата исхрана и е втор минерал по застапеност во човечкото тело. За здравјето е значаен бидејќи овозможува:
- Цврсти коски – заедно со калциумот ги јакне коските, основа е за јака коскена структура на човекот, спречува остеопороза, а помага и во одржување на здрвјето на непцата и забната глеѓ.
- Освежување на организмот – соодветна количина на фосфор во нашиот организам ја зголемува енергијата и благотворно дејствува кај проблеми како што се слабост или замор.
- Баланс на течности – го подобрува правилното отпуштање на вишокот течности и на тој начин помага за нормално функционирање на бубрезите.
- Јакнење на мозочната функција – за нормално функционирање на мозочните клетки е многу битно соодветно ниво на фосфор во организмот.
- Балансирање на хормоните – овој минерал придонесува за воспоставување хормонална рамнотежа, особено на хормоните кои се потребни за репродуктивното здравје.
- Обновување на клетките – фосфорот има голем удел во обновување и нормално функционирање на различни клетки во телото и придонесува за нивна нормална функција.
Намирници богати со фосфор: Заедно со калциумот го наоѓаме во многу намирници, а го содржат и оние богати со протеини. Млекото, млечните производи (тврдо сирење, јогурт), јајцата, рибата, пилешкото, црвеното месо, оревите, бадемите, интегралните житни растенија, пченичните никулци и семките од тиква се многу добар извор на фосфор. Го има во квасецот и какаото, мешунките, сувото овошје и компирот.
Пореметувања како резултат на недостиг или вишок фосфор во крвта: Недостигот на фосфор во крвта го нарекуваме хипофосфатемија, додека вишокот хиперфосфатемија. Иако го има во храната доволно, недостигот на фосфор може да се јави при одредени состојби или болести како што се: дијабетес или алкохолизам, па дури и поради гладување. Меѓутоа, забележано е дека кај некои болести ресорпцијата на фосфор се намалува (Кронова болест, целијакија). Исто така, на појавата на хипофосфатемија може да влијаат и некои лекови (на пр., диуретици).
Како најбитни симптоми за недостиг на фосфор можеме да ги напоменеме болки во коските, загуба на апетит, кршливи коски, анксиозност, неправилно дишење, слабост на организмот, замор, исцрпеност, анемија, подложност на инфекции итн.
Хиперфосфатемијата може да направи поголеми компликации отколку недостигот на фосфор. До неа најлесно доаѓа при пореметување на работата на бубрезите или при внес на големи количини храна богата со фосфор. Зголемен внес на фосфор предизвикува кардиоваскуларни болести, калцификација на нескелетно ткиво (камен во бубрег), дијареја, а, исто така, може да придонесе и за слаба ресорпција на други минерали (железо, калциум, магнезиум и цинк).