Едноставно, лежерно и шикМарија Јоксимовиќ
Квалитетни материјали како памук, лен, свила, кадифе и букле, класични кроеви кои ги прикриваат недостатоците и се со едноставна елеганција, удобни модели на здолништа, панталони, кошули и сакоа, комбинирани со интересни додатоци се основни параметри на деловниот дрес-код
Иако деловниот дрес-код, пред сè, зависи од тоа дали жената работи во суд, болница, училиште или во фабрика, основните правила на облекување важат како за носење пропишана униформа, така и за слободно облекување: здолништето треба да биде до колена или само малку над нив, никогаш претесно, панталоните не смеат да бидат тесни и да се оцртува долната облека, горниот дел од облеката треба повеќе да покрива отколку да открива, а удобните обувки исклучуваат носење апостолки и влечки. Сè што се носи мора да биде чисто и испеглано, лежерно и едноставно, а вкупниот впечаток треба да оддава невпечатлива елеганција, уредност и шик на деловната жена.
Некои норми на дрес-код се неминливи и добро е да се придржувате кон нив, зашто облеката е и дел од деловниот бонтон, таа оддава прв впечаток за личноста која ја носи и дел е од јазикот на телото, кој треба да праќа порака за сериозност и посветеност. Исто така, деловната облека мора да ги задоволува критериумите за удобност, зашто жената треба да ја носи осум и повеќе часа.
Квалитетни материјали: Евтини материјали, дури и кога на прв поглед можат да поминат, не се препорачливи зашто ткаенината не смее лесно и брзо да се тутка, да се истегнува или да ја губи бојата при перење. Старото правило вели дека е подобро да се имаат неколку квалитетни парчиња облека за секоја сезона кои можат лесно да се комбинираат и така секогаш да даваат впечаток на ново, отколку полн орман со евтина облека која брзо го губи обликот, а деталите како рабови, копчиња, патенти и џебови после неколку перења изгледаат старо и запуштено.
За пролетните денови се препорачуваат природни материјали, памук, лен, вискоза и свила, зашто се пријатни за носење и имаат добра текстура која овозможува кожата да дише. Непишано правило е на работа да не се носи облека од проѕирни материјали, како ни припиена до тело. За постудени денови идеални материјали се штоф, кадифе и букле.
Бои и дезени: Дамите кои сакаат шарени материјали, животински принтови и јаки бои треба таквата облека да ја носат во слободно време, а за работа да одберат ткаенини со дискретни шари, едноставни и невпечатливи дезени, со бледи, пастелни бои. Тоа се препорачува не само зашто е невкусно на работното место да се изгледа како рајска птица туку зашто мирните бои и дискретните шари многу полесно се вклопуваат во разни комбинации, па жената може секој ден со добро комбинирање облека да изгледа свежо, ново и елегантно. Во класични деловни бои спаѓаат црна, бела, тегет, кафена, бордо, темнозелена, окер. Можете да ги освежите со мудра комбинација, на пр., бела кошула со темносин костум или ведра топла жолта марама со кафена туника. Играта со бои и весели детали е посакувана, бидејќи не треба да се отиде во друга крајност и да се изгледа мрачно.
Додатоци: За деловна облека деталите се секогаш посакувани, зашто ја освежуваат и ја прават нова и неповторлива. Меѓутоа, и за додатоците важат истите правила, значи, ненападни обетки, квалитетни и интересни марами, дискретни и класични ѓердани, на пр., едноставни бисери, елегантни нараквици, фини шноли за коса, добри чорапи во склад со гардеробата (и резервни во чанта).
Кроеви: Класичните кроеви се незаменливи кога е работата во прашање зашто зрачат со вечна, дискретна елеганција, ги покриваат несовршеностите како поголем стомак или прешироки колкови, можат добро да се комбинираат и не излегуваат од мода, па можат долго да се носат. Значи, здолниште со А-крој до колена или малку над колена, кошула која ја следи линијата на телото, а не стега, туника со ненападен дезен, мал црн фустан, волнено или памучно сако, панталони кои лежерно паѓаат до чевлите се основни делови од гардеробата за работа. Важно е секое парче да биде точно, ни преголемо ни премало, а текстурата и боите да овозможуваат вклопување со другите делови од облеката. На пример, ако имате А-здолниште и црно сако, можете да ги носите како костум, но и раздвоено. Се подразбира дека белата класична кошула е кралица на стилот зашто дава шик изглед и на сè одговара. Малиот црн фустан, кој во работна варијанта треба да има ракави и умерена должина до колена, може да се носи со сако, но и со фин кардиган.
Обувки: На работа никогаш не се оди во обувки за плажа или излет. Ако не можете без патики, тогаш одберете модел за прошетка кој повеќе личи на спортски чевли. Четвртеста пета не повисока од пет сантиметри и затворени прсти се универзални параметри за обувки во кои треба да се поминат многу часови дневно, што не значи дека не можете да облечете и балетанки, на пр., посебно ако ви се удобни и добро ви стојат. Досетливите дами до работа одат во едни обувки, посебно доколку користат јавен превоз, а на работа се преобуваат во нешто посоодветно.
Облеката за работа бара редовно одржување, хемиско чистење и пеглање. Подобро е претходно да се подготвите за модна комбинација за тој работен ден, отколку наутро да се облекувате во брзање. Повремено треба да се освежува со нови и интересни детали, интересна кошула или некој фин додаток кој дава личен печат. Дискретната, едноставна елеганција е знак на добар вкус и испраќа порака дека деловната жена има стил.
Што не треба да се носи
Тенки прерамки, фустани и блузи со длабок изрез и деколте, тесни здолништа и панталони во кои се сè оцртува, избледени фармерки и оние со дупки, шорцеви, бермуди, спортски маици со нападни принтови, влечки, блескави материјали, прекратки здолништа, кратки блузи и гол стомак, гол грб и слично не се облека за работа, а во некои работни амбиенти се и строго забранети.