Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вкочанетост на вратот, рамениците и грбот

април 3, 2017

Милена Исаковиќ

Болките и вкочанетоста на вратот, рамениците и грбот се почести кај лица постари од 45 години, како и кај жени поради послабата мускулатура во однос на мажите. Овие тегоби кои можат да бидат проследени и со вртоглавица, мачнина и повраќање, најчесто се предизвикани од долготрајно и неправилно седење на работа и дома, читање во легната положба, неправилно држење на телото, големи гради, вишок килограми, стрес и психичка напнатост, како и недоволна физичка активност и движење. Исто така, несоодветна перница и душек на кои спиеме, предизвикуваат проблеми од овој вид. Причинители за вкочанетост на вратниот, рамениот и грбниот појас можат да бидат и разни дегенеративни појави, како што се артрози и дискус хернија, па поради тоа многу е важно да се обратите на лекар специјалист, кој ќе ги открие причините за тегобите и ќе препише соодветна терапија кон која треба да се придржувате.

Многу е важно навреме да се утврдат вистинските причини на проблемот зашто долготрајната вкочанетост на вратот, рамениците и грбот која е последица од седечки начин на живот, стрес, недвижење или спиење на лош, пропаднат душек може да доведе до губење на еластичноста на мускулите во таа регија и дегенерација која потешко се поправа.

Правилното држење на телото е многу битно: рамениците треба да бидат спуштени и повлечени наназад, така што ќе ги чувствуваме лопатките на грбот, вратот исправен, а брадата малку вовлечена. Одржувањето телесна тежина која не варира и е на оптимално ниво е од голема помош, зашто вишокот килограми дополнително ги оптоварува зглобовите и дисковите.

Повеќечасовното седење на работната маса, пред компјутер и ТВ-екран е препорачливо на секои 45 минути да се прекине со петминутна пауза, а во слободно време секојдневно треба да се шета барем половина час.

Не треба да се дозволи болката и вкочанетоста на вратот, рамениците и грбот да бидат составен дел од нашиот живот. Крутите, вкочанети и слаби мускули на вратнорамениот појас можеме да ги зацврстиме и размрдаме со корективна гимнастика, јога и пливање. За тоа како со вежбање да ја поправите својата состојба, најдобро е да се консултирате со физикален терапевт и професионален тренер.

Во секојдневниот живот треба да се држиме до некои основни правила, како што е, на пр., кога одите и кога седите, ՚рбетот да го држите исправено, а стомачните мускули колку што можете да ги затегнете. Ако на работа многу зборувате на телефон, никогаш не го држете телефонот меѓу главата и рамениците, туку главата држете ја право, а слушалката држете ја во рака и приближете ја до увото.

Трудете се да носите високи потпетици само во посебни прилики, а секојдневно да носите обувки чии потпетици не се повисоки од пет сантиметри. Спијте на квалитетен душек, најдобро на грб или на страна во облик на фетус. Спиењето на стомак дополнително го оптоварува ՚рбетниот столб и рамениот појас.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>