Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, маj 2017

мај 9, 2017

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/04/cover_may2017.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]

Лила Стојановска



Имам среќа што сум во избраните кои уживаат во својата професија

Broj 39, маj 2017

Водителката чиј лик стана заштитен знак за актуелни ТВ-квизови кои се уживање за целото семејство, Лила Стојановска, ексклузивно за BETTY магазин открива како започнала нејзината кариера која трае повеќе од 25 години. Во интервјуто Лила говори за својата љубов кон работата, за ангажманот во квизот „Сè или нешто“, за таинствениот банкар во овој квиз, како и за најинтересните моменти при снимањето на ова ТВ-шоу. Лила открива и како ја одржува својата форма...Бојана Симоновиќ

BETTY: Квизот „Енигма“ остави длабок печат на твојата кариера, а истото сега се случува и со квизот „Сè или нешто“. Како  започна твојата водителска кариера?
Тоа е една стара приказна која ретко ја кажувам. Се случи сосема случајно. Кога имав 18 години почнав да студирам на Филилошкиот факултет, бев прва година и видов дека почна да се емитува една зимско рекреативна-програма во Македонската радио телевизија. Тогаш беше многу ладно, со многу снег и немаше многу што да се прави во тоа време. Имаше некој оглас дека бараат нови свежи лица за аудиција за таа зимска програма која ќе трае три месеци. Отидов сама и не им кажав на моите каде ќе одам. Еден љубезен чичко ме однесе на 9 кат и таму им се претставив на двајцата уредници. Ме видоа и ми рекоа дека имам капацитет, но мислев дека на тоа ќе остане. Побараа од мене да им дадам идеја која рубрика би ја работела. Не знам како ми текна, сите знаеме што е БОН ТОН, јас кажав дека би правела некоја пародија и би се викала ТОН БОН. Правев пародија на актуелни случки, тоа на нив им се допадна и сè друго е историја.

BETTY: Дали некогаш си помислила како е да бидеш од другата страна како учесник во квизовите кои ги водиш и дали си имала таква желба?
Да, не велам не, тоа не е воопшто исклучено. Со сигурност знам дека сум добар водител, но како учесник не сум баш сигурна каква би била. Во овој квиз конкретно сè е работа на среќата, многу често она што ги прашувам и моите натпреварувачи се прашувам и себеси... Дали имам среќни броеви? Дали имам бројки кои би ги чувала? Кои би ги отворала? Така што можеби ќе си ја испробам среќата и јас лично.  Од мене може човек сè да очекува... (се смее)

BETTY: Во квизот „Сè или нешто“ големо внимание предизвикува твојот однос со таинствениот банкар, ќе дознаат ли гледачите во некое наредно издание кој е, всушност, банкарот?
Ако откријам кој е нема да биде таинствен и таа мистерија околу него ќе исчезне и нема да биде интересно ако знаат како изгледа и како зборува. Оригиналното име на квизот е Deal or not Deal и го има низ целиот свет. Луѓето кои го смислиле биле многу креативни и многу паметен потег е воведувањето на тој лик. Банкарот не е измислен, тој буквално постои, јас навистина разговарам со банкар, не разговарам сама со себе, не измислувам јас прашања и не давам јас од ракав понуди на натпреварувачите.

BETTY: Квизот „Сè или нешто“, кој е сега актуелен, е различен во секоја наредна епизода и секоја е исполнета со насмевки, има ли некое издание на „Сè или нешто“ кое посебно го паметиш и посебно те насмеало?
Многу често знам и јас сама да се запрашам што би издвоила, многу често луѓето ме прашуваат и новинарите. Ова е шеста сезона, на годишно ниво правиме околу 280 емисии, тоа се многу емисии и многу луѓе. Се сеќавам на според мене најдобрата игра на едно момче кое беше геолог со фантастична интуиција, беше неизвесно до самиот крај така што тоа го паметам како добра емисија.  Ја паметам  и  Васка Јанковска, пејачката која ја има испеано оригиналната верзија на „Едерлези“ во филмот „ Дом за бесење“ на Емир Костурица, беше страшно забавна со одлична игра. Имаше и една дама која кажуваше како не се плаши од змии. Слушам секакви приказни, но тоа се ликови кои не ги паметам само јас туку и луѓето кои ќе ги сретнам, ми прават муабет и ги коментираат. Во квизот имало и паѓање во несвест, но тоа не сме го покажувале на екран. Еднаш ни падна во несвест натпреварувач кој стоеше на кутиите, а еднаш натпреварувачка која се натпреваруваше. Имавме и земјотрес додека снимавме во студио. Секој натпреварувач е своја приказна, своја харизма и сè е различно. После толку време колку и да ми е напорно, кога ќе ми дојде натпреварувачот едвај чекам да прочитам што е интересно за него и ако видам дека е интересен јас после тоа можам да снимам уште 5 емисии. Едвај чекам таков натпреварувач.

BETTY: Колку време треба да се подготвиш за снимањето на „Сè или нешто“ и од каде наоѓаш енергија да внесеш свежина во секое ново издание?
Ретко кој ја има таа привилегија да го сака тоа што го работи и вистински да ужива. Морам да признаам дека се ставам во групата на тие избрани луѓе и сум многу среќна. Ја не барам никаде енергија, не можам да ги наполнам батериите,  едноставно кога сакаш нешто да го работиш не може ништо да те спречи. Јас сум работела и бескрајно тажна, кога сум изгубила и драги луѓе, сум работела и болна и кога моето дете било мало и болно, но тоа е тој суров професионализам со кој можам да се пофалам. Тоа можат да го потврдат многу мои соработници, секој кој работи со мене ја знае мојата сурова професионалност. Тврдам дека добриот сон е многу битен за сè, особено за да бидеш одморен.

BETTY: Освен водителската кариера, кратко те видовме и како пејачка. Планираш ли повторно да работиш на ова поле?
Ќе бидам кратка и ќе кажам – не.

BETTY: Која би била твојата работа од соништата и дали оваа во моментов е блиску до неа?
Јас работам 25 години на телевизија, можеби ако некогаш се изморам од тоа да бидам пред камерите можеби би била зад камерите. Имам некои идеи за интересна детска емисија, ако нешто правам би сакала да го правам она што го прави Елен во нејзиното ток-шоу. Тоа се однесува на оној многу битен фактор на пари кои ќе ги даваме на оние на кои најмногу ќе им требаат. Тоа би бил сериозен проект во кој во секоја емисија на некого би му го измениле животот.

BETTY: Koи се твоите следни планови на поле кариера?
Јас многу сакам маркетинг, јас сум дипломиран филолог, но размислувам за мастер за маркетинг и би сакала да имам своја маркетинг агенција, агенција која би се занимавала со креативност. Ја сакам креативноста, мислам дека таму би се нашла.

BETTY: Како успеваш да направиш баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот?
Тоа е навика. Постојат периоди кога поради кариерата трпел приватниот живот, тука не би ги спомнала разводите, бидејќи тие немаат врска со мојата кариера. Ако трпел приватниот живот, тоа е бидејќи јас така сум сакала не затоа што некој ми го наметнал. Најбитно е што не трпело моето дете, така што тој ми е најбитен и едноставно имам време. Кога работам, работам, но кога не работам не работам. Знам да земам слободни денови, сакам да патувам многу, сакам да уживам, го сакам животот така што секогаш си наоѓам некој издувен вентил и не можам да кажам дека за нешто немам време.

BETTY:  Колку твојата професија ти остава простор за слободно време и како го користиш?
Генерално гледам буквално да побегнам на два дена, бидејќи еден ден е малку, ако сум тука имам неколку драги луѓе. Јас сум филмоман голем, гледаме филмови со син ми, искрено сакам добра книга, имам многу книги, имам убава библиотека која сакам уште повеќе да ја зголемам. Единствено си замерувам себеси што поради обврските не можам да читам колку што би сакала. Купувам книги и добивам на подарок.

BETTY: Се гледа дека многу внимаваш на изгледот, како ја одржуваш својата физичка форма?
Сè е тоа навика. Нема некоја спектакуларна исхрана, спектакуларно вежбање, сè е во граници на нормала и сè е до умереност. Нема спектакуларен режим, меѓутоа навикнав некои работи да не ги јадам и да не ми недостигаат, како лебот и белите пецива. Тоа не значи дека со години не сум ги јадела. Некогаш знам да пробам, не се казнувам себеси на тој начин. Научив да јадам без непотребни додатоци, не сум гурман и јадам основни работи, јадам манџи, македонски традиционални јадења. Сето она што го јадат сите дома, сето тоа го јадам со многу салата. Не пијам алкохол и не пушам цигари. Утрото ми почнува со цедени сокови. Не е за фалење, но многу често мојот прв оброк е ручекот. Кога ќе добијам желба да јадам хамбургер, јадам не гледам причина тоа да не го направам, не сум модел ниту фитнес натпреварувачка. Внесувам многу салата, вода и  практикувам физичка активност. Со години вежбам во Кан-џим со моите тренери кои се и мои пријатели и семејство и знаат колку ми треба и да останам фит во мојата 45 година.

BETTY: Дали си љубител на готвењето и каква храна најчесто практикуваш?
Не сакам да готвам и не знам да готвам, за тоа е задолжена мајка ми. Кога ќе влезам во кујна, не радо признавам дека не сум своја во кујна и како да имам две леви раце. Тоа што го готвам ретко кога е вкусно и ги поштедувам од лоша храна.

BETTY: Што според тебе е рецепт за здрав живот?
Умереноста, не постои волшебно стапче туку уживање во умереноста. Здравиот живот нема врска само со храната и физичката активност, состојбата на умот е најбитна. Да си позитивен, да го сакаш тоа што го правиш, да си опкружен со луѓе што ги сакаш, да не го губиш времето на глупости на нешто што не те прави среќен. Сè што е умерено може да се нарече формула на еден убав здрав живот.

BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин.
Животот е краток за да го трошиме на небитни луѓе, на небитни работи или на работи кои не ги сакаме, значи мора да направиме се обратно од ова што го кажав и да го трошиме на тоа што нè прави среќни. Имаме еден живот без шанса за реприза, да не биде предоцна, секој мора да го земе животот во свои раце.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/04/app_cover_may2017.jpg" image_size="full" align="center"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>