Фармацевти
Контакт

<< Назад

РИБОЛОВ

мај 1, 2017

Уживање во ловењето риби

Александар Вучковиќ

Без разлика на количината и видот на уловената риба, ловењето риба на река, езеро или море е посебен вид задоволство бидејќи овозможува активен одмор во природа и престој на свеж воздух, а често и дружење со луѓе со слични интересирања, со рибји специјалитети кои се највкусни кога се подготвуваат во природа

Риболовот е многу популарен и распространет рекреативен спорт кој, пред сè, подразбира дека рибарот треба да ги почитува и да се придржува до правилата на риболовот, како и спортските риболовни етики. Секоја земја има низа закони, правилници, уредби и одредби за риболов и заштита на животната средина, кои, меѓу другото, се однесуваат на заштита, чување и одржување на рибниот фонд, дефинирање на рибарските подрачја и категоризација на риболовните води, начин на издавање дозвола за риболов и сл. Се подразбира и дека ловот на риба се врши со дозволен рибарски прибор, во што, секако, влегуваат стапови за риболов, без разлика дали се користат живи мамки (глисти, инсекти) или вештачки (разни лажалки, мушички).

Страствените риболовци имаат обичај да кажат дека ловењето риба се сака и дека не е најважно што и колку ќе се улови, туку дека убавината на риболовот, пред сè, е во престојот под отворено небо, во природа, покрај вода. Иако некои мислат дека риболовот е забава за осамени, риболовците важат за дружељубиви луѓе. Тие често ловат риба и во групи, а по ловот сакаат во природа на лице место да направат и некое вкусно јадење од уловот, на пример, чорба од риба. Околу котелот најдобро се разменуваат и искуства, како она дека за ловење риба деверика е најважно да се одбере вистински терен, вода со тврдо или песочно дно, како и дека рибата „работи“ ако во водата се фрлат најобични – презли, односно дека девериката сака т.н. ружа од леб, пченка, шеќерац и пченица.

Најубаво од сè е тоа што со риболов можат да се занимаваат буквално сите, стари и млади, мажи, жени и деца. Психолозите велат дека риболовот навистина одмора, а престојот покрај вода и посветеноста на риболовот ја јакнат концентрацијата и забележувањето, како и рефлексите, посебно кога рибата ќе загризе. Поради тоа добро е на риболов  да се носат и деца и така од мали нозе кај нив да се создаде навика за престој во природа. Тогаш ништо необично што со риболов се занимаваат луѓе од детство па сè до старост.

Слатководен риболов
Во зависност од местата каде што се лови, риболовот се дели на слатководен и морски, а може да биде и подводен. Техниките на слатководен риболов се бројни, а меѓу најпопуларните спаѓаат оние на пливка, лажалка и мушички. Во продавниците со риболовна опрема можат да се изберат различни метални лажалки во златна боја со трикраки јадици, како и многу други модели, пливки за сом, штука или некоја друга риба, како и вештачки мушички со крилца и без нив.

Спортските риболовци ловат од задоволство, а уловената риба често ја пуштаат назад во вода. Исто така, во спортскиот риболов е дозволено да се понесе само допуштен број на риби кои се со одредена должина и тежина и припаѓаат на видот за кој е дозволен риболов.

Риболовот на реките може да се одвива на бавни канали, но и на диви води во преубав пејзаж. И езерата се посебно интересни за ловење, како од брег, така и од чамец. Она што е важно е дека за риболов треба добро да се подготвите, во што не спаѓа само риболовната опрема, туку и облека и обувки, вода и храна, зашто метеоролошките услови можат да се променат, па треба да се мисли и на заштита од силното сонце, како и на заштита од дожд.

Морски риболов
Рибата на море се лови од брег или од чамец и таа активност може да биде големо уживање дури и за почетници кои сакаат на годишниот одмор го пробаат овој спорт. Треба да се знае дека пристаништата се места каде што има многу риби кои ги следат рибарските чамци што се враќаат од улов. Рибарите имаат обичај на враќање да ги чистат мрежите и да ја фрлаат храната на рибите, што привлекува цели јата, меѓу кои има и оради и бранцин. Рибите во пристаништата можат да се ловат на месо од школки или на некој мамец од продавница за риболовна опрема.

Посебно е атрактивно ноќното ловење на пливка. Меѓу другото, и поради тоа што не е жешко и сè е мирно. Меѓутоа, дали нешто ќе се улови, главно зависи од среќата, што на рекреативните риболовци и не им е многу важно зашто ноќното ловење е единствено доживување, вистинска морска авантура.

Активен одмор
Ловењето риба е здрав спорт за сите возрасти зашто е благотворен за нервниот систем и спаѓа во физичка активност која не се состои само до седење на брегот и гледање во пливка, туку и од пешачење до избраното место за лов. Корисен е и поради тоа што бара да се учат нови техники на риболов, но се развива и чувството за природа, зашто искусниот риболовец сака да знае кои ветришта дуваат и во која насока, следи извештаи за водосостојбата, дали водата е бистра или заматена и колкава е температурата, каков е воздушниот притисок и облачност, што сè заедно прави човекот во дивина да се чувствува сигурно, добро и безбедно.

Слатководни риби
Риболовците во слатки води најмногу ловат: сом, штука, шаран, гргеч, бабушка, смуѓ, амор, пастрмка, мрена, деверика и кечига.

Рибарски приказни
Рибарските приказни се посебен вид „усмена книжевност“ кои се пренесуваат од риболовец до риболовец и се синоним за претерување и фалење, раскажани со многу фантазија. Често се и шеговити, а рибарите сакаат да ги разменуваат, воопшто не грижејќи се што во нив обично нема многу вистински елементи. Така јунаците од рибарските приказни можат да уловат и риба од три метри и триста килограми во водите каде што такви и нема, можат да се борат со џиновски риби, како јунакот од романот „Старецот и морето“. Со зборови, сè е дозволено под услов рибарската приказна да е добро раскажана.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>