Меѓу песните на птиците, зеленилото на природата и жуборот на Радика
Ивана Коцевска
Националниот парк Маврово нуди многу за секој љубител на природата. Меѓу шумите и селата кои влегуваат во неговите граници, овде опстојуваат и голем број животни, инсекти и птици. Посебно е убава Радика, со бистрите и брзи води, од нејзиниот гласен жубор едвај можете да го слушнете пеењето на птиците. Но, сепак, внимавајте да не ги вознемирите со своето присуство
Животот во градот нуди многу можности и предизвици, но во исто време е и многу стресен. Неделата може да биде напорна, да ви ја одземе силата и да ве истошти, па вистински среќници се оние што знаат и умеат да си го организираат убаво слободното време и викендот, да соберат позитивна енергија, да медитираат и да прават долги прошетки каде друштво ви прави тишината, пеењето на птиците, по некое животно, онаму каде зелената боја ве обзема и ве смирува. Секој си посакува такво нешто.
Овој викенд го посетивме Маврово. Ова преубаво место за одмор и рекреација е гостопримливо во секое годишно време, кога сонцето неуморно пече прекрасно е за летен одмор, но и во зима кога снегот ја има прекриено Бистра, можностите за скијање и ски-лифтовите просто мамат. Времето е пролетно, топло. По пристигнувањето во Маврови Анови погледот ни го маѓепса езерото и сонцето кое се капеше во сино-зелената вода. По краток одмор, решивме активниот одмор да го започнеме со посета на Националниот парк Маврово, прогласен за национален парк во 1949 година. Во границите на паркот се планините:
Кораб,
Дешат, југозападните ограноци на
Шар Планина, поголем дел од
Бистра и северните делови на
Крчин. Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката
Радика. Во склопот на националниот парк е и
Мавровското вештачко езеро.
Паркот го опфаќа сливот на реката Радика. Во паркот постојат над 50 врвови повисоки од 2000 метри, највисокиот е Голем Кораб 2764 метри. Паркот е најголемо заштитено подрачје на природата во Македонија, и во сегашните граници, воспоставени во 1952 година и малку проширени во 2011 година, се простира на 73 088 хектари. Се одликува со исклучително богата биолошка разновидност и спектакуларни предели. На неговата територија растат околу 1400 видови растенија и живеат неколку илјади видови животни, од кои најбројни се, се разбира, инсектите. Меѓу попознатите и но и меѓу најтаинствените животни е балканскиот рис, а вниманието го привлекуваат и птиците. Поради богатството на живеалишта (дабови, букови, елови и смрчеви шуми, планински и високопланински литици и пасишта) необично е богат и бројот на птици кои тука се среќаваат – најмалку 150 вида!
Најпознатиот дел на Паркот, мавровската акумулација, привлекува, особено во пролетните и есенските месеци, поголем број водни птици, од кои најбројни се галебите и патките, а веројатно најинтересни големите цуцулести нуркачи, кои не се толку атрактивни како во периодот на гнездење, кога имаат карактеристични пердуви на главата кои приличуваат на големи црвено-портокалово-кафено обоени уши. Понекогаш рано напролет, на акумулацијата може да се набљудуваат при нивниот интересен танц на додворување, во кој мажјакот и женката ги синхронизираат нивните движења на површината на водата. Цуцулестите нуркачи, патките и галебите се тука на местото на штрковите, кои во поголем број гнезделе во селата околу Мавровското Езеро и се исхранувале по ливадите на Мавровското Поле, кои во 1952 година станале акумулација. Последна двојка од оваа нашироко позната птица во паркот беше токму на поплавената црква во село Маврово.
Спуштајќи се по долината на Мавровска Река не може а да не ја забележиме прекрасната елова шума, од која често се огласува невообичаено големиот (скоро колку гавран) црн клукајдрвец, кај кој, ако имаме среќа да нè надлета, ќе видиме само темно-црвена капа и целосно црни други делови на телото.
Од вливот на Мавровска Река и Радика продолжуваме низводно по Радика. Патот не води под скоро целосно напуштеото село Ничпур, и низ тесната клисура на Радика, до полициската станица Стрезимир, и понатаму кон местото на кое е предвидена уште една акумулација – Луково Поле. Пред да се излезе од шумскиот појас, во Радика се влева Аџина Река, кај местото викано Торбешки Мост. Дел од долината на Аџина река е обраснат во смрчева шума, што е едно од најјужните наоѓалишта на овој вид во Европа. Истата се наоѓа под строга заштита. Над вливот на Аџина Река во Радика, доаѓаме до споменикот на работниците на мавровската акумулација, кои ги загубија нивните животи во лавина. Ним им е посветен Мавровскиот меморијал, но исто така и планинарската тура која започнува од ова место, и преку Идризова Дупка ги води планинарите во селото Горно Јеловце, на Шар Планина.
Бреговите на Радика се обраснати со висока и многу влажна вегетација. Од неа, неуморно се слуша монотоното огласување, налик на штурец, по кое оваа птица го добила и стручното име,
Crex crex. Се работи за мала блатна кокошка, веќе исчезната во поголемиот дел на Македонија, но планинските ливади во Западна Македонија се нејзино цврсто упориште, а во паркот е нејзината најголема популација во земјата.
Се враќаме и одиме кон караулата Радика, а оттука кон Голем Кораб, кој со своите 2764 метри е највисок врв во Македонија. Покрај стрмните карпести отсеци летаат неколку целосно црни птици, кои звучат како чавки, но од кои лесно се разликуваат и по јасно црвениот клун. Тоа се црвеноклуните галки, карактеристични за високите планини во Македонија. Под нив, на карпите, вештото око можеби ќе има прилика да ги забележи и крваво-црвените крилца на карполазачот, исто така, карактеристична за високите планини. Од овие предели уште во 70 или 80 години на минатиот век целосно е исчезнат импозантниот брадест мршојадец.
До Голем Кораб не може да се стигне, но тоа не значи дека по пат нема што да се види. А вниманието ни го привлекува една мала змија – можеби остроглава лутица, една од најретките змии во Македонија, карактеристична за високопланинските пасишта. Отровна, но безопасна за човек, се храни со крупни скакулци и мали глодачи. Се враќаме, и одлучуваме да го продолжиме патувањето долж текот на Радика, кон Дебар. Застануваме наспроти с. Сенце, нè привлекуваат огромните карпи, но не наоѓаме ништо интересно.
Малку појужно, и се поткачуваме до манастирот Св. Јован Бигорски. Да, и тој е во Паркот – и ако сте заборавиле дека сте во скоро целосна дивина, поразговарајте со монасите – ќе ви кажат за редовната посета на кафеави мечки на малото ѓубриште покрај Манастирот. Продолжуваме на југ, и над следните големи карпи, над с. Јанче, забележуваме како кружи двојка златни орли, голема граблива птица со масивен клун и силни канџи, со темнокафена боја. Веројатно имаат огромно гнездо некаде во карпите, во кое одгледуваат само по едно младо. Таму некаде веројатно е и балканскиот рис, тоа скоро митско суштество, кое е и опстанато благодарение на постоењето на Националниот парк, на чија територија живеат петнаесетина единки.
Покрај бистрите води на Радика успеваме да го видиме и водниот ќос, непогрешлив за препознавање, со голема бела дамка на вратот и градите и темнокафени грб, крила и опашка, како скока и прелетува од камен на камен, веднаш над површината на водата. Одвреме-навреме се нурнува во бистрите води на Радика, и по нејзиното дно лови водни инсекти. Знаеме дека има гнездо зад некој мал водопад, но не знаеме каде.
Границите на паркот ги напуштаме кај местото Бошков Мост, на вливот на Мала Река во Радика. Ќе се вратиме некогаш да видиме уште некои од бројните птици кои живеат овде.
Напомена: Редакцијата на BETTY магазин се заблагодарува на Националниот парк Маврово на отстапените фотографии.