Фармацевти
Контакт

<< Назад

ТРУЕЊА КАЈ ДЕЦАТА

јуни 1, 2017

Заштитете ги најмалите од опасни материид-р Радмила Косиќ
педијатар

Сите препарати во домот кои се користат за чистење треба да се чуваат вон дофат на децата, во затворени ормани, а истото важи и за козметика, парфеми, дезодоранси, средства за нега на растенија, медикаменти, алкохол, цигари и друго

Труењата кај децата се чести и може да настанат на повеќе начини: со вдишување, преку кожата или слузокожата, а далеку почесто со ставање во уста и голтање. Во случај на труење на децата секогаш се одговорни родителите. Сигурноста во родителскиот дом не е одговорност на детето. Во безбројната низа на преземени мерки за создавање сигурно опкружување (штекери за струја, топлина на грејни тела, остри рабови на мебел, лизгави плочки и ниска ограда на балконот), превенцијата од труење кај децата не смее да се заборави.

Никогаш не заборавајте на достапноста на материите кои секојдневно се користат во домаќинството, а може да станат опасни отрови за детето. За среќа, најголем број случајно земени опасни материи имаат непријатен вкус, мирис или структура, па децата ги плукаат и им пријавуваат на родителите дека го изеле „лекот на баба“ или „храната за цвеќето“. Она што вам ви е познато и неинтересно станува предмет на постојано интересирање на малите домашни истражувачи.

Голем број од препаратите кои редовно се користат во домаќинството содржат силни отрови, како избелувачи или детергенти за машинско миење садови. Спрејот за миење стакла содржи метил-алкохол, во дезодорансите и парфемите има етил-алкохол, отровот за глодачи опасно ја разредува крвта, средството за уништување растителни вошки содржи отровни органофосфати итн.

Секој медицински лек е потенцијално отровен доколку се земе во преголема доза, а особено за децата се опасни лековите кои ги користат (и често невнимателно ги оставаат на ниски масички) бабите и дедовците што забораваат. Заборавената таблета за намалување на крвниот притисок изгледа како шарено бонбонче, а може да предизвика сериозни аритмии и намалување на притисокот кај мало дете.

Случајните труења се карактеристични за љубопитните деца на возраст до четири години. Најчесто од родителите се добива податок дека детето останало без контрола многу кратко, обично во време додека мајката била зафатена со  негување на помало дете во семејството или додека останатите мислеле дека „малиот истражувач“ спие.

Намерно земање поголеми количини лекови или алкохол е сè почеста појава кај адолесцентите, иако одвреме-навреме во амбулантите лекуваме и мали деца кои ја испиле преостанатата содржина од заборавената чашка со ракија од масата или го изџвакале тутунот од цигарите.

ШТО СÈ Е ОТРОВНО ЗА ДЕТЕТО?

ТАБЛЕТИ И ЛЕКОВИ: Многу е битно да знаете дека сè што детето зело од орманот за лекови може да биде опасно (таблети за спиење, лекови против алергија, болки, покачена температура, некои витамини). Сите овие лекови се корисни во пропишана доза за возрасни, но според количината и составот ќе бидат токсични за мало дете.

СРЕДСТВА ЗА ЧИСТЕЊЕ ВО ДОМАЌИНСТВОТО: Опасни се сите! Тоа се силни бази или киселини, и со оглед на нивната цел никако не може да бидат „нежни“ во допир со кожата и слузокожата.

СРЕДСТВА ОД ГАРАЖА, РАБОТИЛНИЦА, СРЕДСТВА ЗА НЕГА НА РАСТЕНИЈА: Обично содржат опасни растворувачи, може да бидат опасни и кога испаруваат.

РАСТЕНИЈА: Колку убаво да изгледаат во градината или во дневната соба, пред да ги посадите добра распрашајте се дали се отровни. Ќе се изненадите колку отровни растенија ги красат нашите домови.

ЗАДОВОЛСТВА ЗА ВОЗРАСНИТЕ: Тутунот е смртоносен доколку се проголта, една цигара може да усмрти едногодишно дете. Добра голтка од јак алкохолен пијалак ќе има опасно дејство на дете кое штотуку проодало и може да остави трајни последици на неговите внатрешни органи.

ДИЈАГНОЗА: Во повеќето случаи дијагнозата се поставува врз основа на податоците кои ги даваат родителите. Од голема корист е родителите со себе да го понесат пакувањето, кутијата или шишето од  материјата која детето ја проголтало. Доколку не постои податок за количината на земената материја или таблета, лекарот секогаш треба да се однесува како детето да зело најголема можна доза. Доколку лекарот нема податоци за тоа дали детето било во контакт со можниот отров, ќе се посомнева на труење ако постојат симптоми и знаци кои укажуваат на причината за лошата состојба на детето: поспаност или кома, конвулзии, забрзано дишење или забрзана работа на срцето, вознемиреност, промена на големината и реакциите на зениците, необично однесување за одредена возраст.

ПРЕВЕНТИВА: Многу позначајна од лекувањето е превентивата. Сите лекови треба да бидат заклучени во високи орманчиња, дури и шишенцата од сируп за намалување температура или антибиотик кој моментално се користи не треба да бидат во дофат на рацете. Средствата за одржување хигиена во кујната и бањата мора да бидат вон дофат на дете кое штотуку поодало или дете кое штотуку почнало да лази – никако на под, ниту во орман кој може сам да се отвори. Со еден збор, сè што детето не користи,  не треба ни да му биде достапно за разгледување. Труењата се случуваат ретко, но обично оставаат трајни последици по здравјето, поради што размислувањето „постојано ми е пред очи“ е подобро да се замени со сигурноста на заклученото орманче.

Прва помош: Првата помош кај труења се обезбедува со испирање на кожата и достапните слузници со обична вода. Вообичаеното предизвикување на повраќање треба да се избегнува до доаѓање на лекар. Распрашајте се за бројот на телефон на Националниот центар за труење, каде во кој било момент ќе можете да добиете сигурни информации за токсичноста на материите од вашето опкружување. Во случај на сомнеж дека детето од која било возраст внело потенцијално отровна материја, повикајте ја службата на Итна помош, која ќе ви даде прецизни упатства за прва помош  на затруеното лице во домот и ќе обезбеди најбрз транспорт до болница.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>