Фармацевти
Контакт

<< Назад

Цинк

јуни 1, 2017

Минерал важен за здравјетом-р инж. Немања Стојиљковиќ

Цинкот е минерал чие присуство во нашиот организам е неопходно за нормално функционирање на повеќе од 300 ензими. Важна улога има и во синтеза на ДНК, во клеточната делба и клеточниот метаболизам. Неопходен е за синтеза на протеините, и на тој начин поттикнува правилен раст и развој. Цинкот ни е потребен за претворање на (Т4 тироксин) во Т3 (тријодтиронин), па е важен и за нормална функција на штитната жлезда. Исто така, дејствува смирувачки на нервниот систем. Овој минерал е добар антиоксидант и стимулатор на имунитетот. Зголемувајќи ја одбранбената способност на организмот, тој придонесува во спречување на инфекции. Цинкот ги поттикнува и процесите на регенерација на коските, а на кожата и слузокожата спречува развој на бактерии, има способност за сушење и затегнување на кожата и слузокожата, со што придонесува за намалување на јадеж и болка.

Намирници богати со цинк: Телото апсорбира големи количини цинк од храната и тоа најдобро од црвеното месо, рибата и живината, бидејќи за негова подобра апсорпција се потребни протеини. Најдобри извори на цинк се, покрај црвеното месо, сирењето, шкампите, раковите и школките. Го има во мешунките (грашок, грав, соја итн.), житните растенија, квасецот, печурките, семките, сончогледот и др. Многу е корисно да се консумираат мелени семки од тиква и сусам со јогурт или младо сирење, како и пченични трици кои се богати со цинк, но и со други витамини и минерали, како и масло од тиква за салати и прилози од зеленчук.

Помалку цинк во организмот: Неправилната исхрана со намирници кои не содржат доволно цинк е главна причина за дефицит на цинк во организмот, бидејќи овој минерал најчесто се внесува со исхраната. Исхрана базирана на брза храна и индустриски преработки не обезбедува ни приближно доволно минерали и витамини, а нездравите навики, како што се пушење и прекумерно консумирање кафе и алкохол, само придонесуваат за исцрпување на цинкот од организмот.

Недостиг од цинк: Може да доведе до различни промени на кожата (акни, егземи, псоријаза, груба и сува кожа), до опаѓање на косата, пореметување во растот, нервна напнатост, забавување на когнитивните способности, губење на апетит и килограми, забавен раст на коските, одложување на менструалниот циклус и намалена продукција на сперматозоиди, а, исто така, може да дојде до развој на кардиоваскуларни болести. Пад на имунитетот како резултат на недостиг од овој минерал може да биде причина за чести настинки.

Зголемено ниво на цинк во организмот: Вишокот цинк во организмот ретко се јавува, но доколку се внесени поголеми количини од овој минерал, доаѓа до болки во стомакот, мачнини и повраќања. Други симптоми вклучуваат дехидратација на организмот, летаргија, анемија и несвестица.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>