Фармацевти
Контакт

<< Назад

Брајчино

јуни 1, 2017

Место каде и тишината мируваИвана Коцевска

Велат дека Брајчино е едно од најубавите села во Македонија. За тој епитет, покрај прекрасната природна положба помеѓу Преспанското Езеро и Националниот парк Пелистер, придонеле и автентичната архитектура, добрата организација, љубезните домаќини и нивната надалеку позната гостоплимливост, чистотата, па во Брајчино освен што ќе се одморите, ќе уживате и во специјалитетите кои за вас ќе ги направат домаќините и кои не може да ги пробате на друго место

Кога ќе посакате да си ги смирите умот и душата, надвор од градската врева, во некое убаво село, а притоа и да не се грижите каде и што ќе јадете бидејќи ја имате единствена можност да бидете угостени од домаќините, невозможно е да не помислите на Брајчино. Идеално место за уживање и отворање на сите сетила, за секоја хедонистичка душа. А Брајчино веднаш ќе ви прирасне за срцето – мовчиња под кои тече бистрата вода на Брајчинска Река, автентични камени фасади, убаво уредени дворови.

Брајчино се наоѓа во областа Долна Преспа, оддалечено е 6 километри од Преспанско Езеро и 32 километри од Ресен, распослано на 1000 метри надморска висина, а околу селото идилично се издигнуваат повеќе планински врвови со над 2000 метри надморска висина. Брајчино се наоѓа во средишниот дел на живописната Брајчинска Река, која го дели селото на Горно Маало, од нејзината лева страна, и на Долно Маало, на нејзиниот десен брег. Брајчинска Река воодушевува со својот постојан водотек и кристално чистата вода. Во горните текови на Брајчинска Река живее ендемичниот вид на поточна пастрмка – Брајчинска пастрмка (Salmo Pelistericus), препознатлива по црвените и црни дамки по телото, која живее само во овие слатки води и не достигнува раст повеќе од 35 сантиметри. Атарот на Брајчино изобилува со извори и брзи бистри водотеци, па некогаш во селото работеле 12 воденици и 4 валалници. Покрај Брајчинска Река, како нејзина лева притока, низ селото тече и реката Брезница.

Екотуризам
Брајчино претставува добар пример за примена на екотуризмот во регионот на Преспа. Ова наше автентично македонско село кое ги сочувало традиционалните обележја, во блискост со опкружувањето, е сврстено во туристичката мапа на светот со предзнакот еколошки туризам. Брајчино е царство на традиционални преспански јадења, како питулици, ѓомлезе, гравче-тавче, сушена белвица која ја викаат циронка, пити и мармелади од јаболка, уникатен ликер од шумско овошје и уште многу неверојатни понуди кои ги има само овде.

Во минатото основно занимање на населението било сточарството, него го заменило земјоделството, посебно овоштарството. Во средината на 20 век многу фамилии се отселиле од Брајчино.

Жителите на селото пренесуваат преданија и можни претпоставки за името на селото, па велат дека го населиле луѓе блиски по род (браќа и братучеди), според кои селото го добило името прво Братучина, а со текот на времето преминало во Брајчино.

Брајчино се наоѓа во подножјето на Балтан планина. А за тоа колку природата овде била дарежлива дознаваме од една интересна легенда за тоа како планината го добила името. Во дамнешно време, кога тука престојувал некој бег, една девојка, христијанка, побегнала со еден од неговите војници. Бегот се растрчал да го пронајде војникот и го нашле скриен на планината. Кога го прашале што барал тука, тој им рекол: Тука најдов поблаго од мед, повредно од алтан (мед на турски е бал, а злато – алтан). Значи, таа била толку слатка и скапоцена. Оттогаш, како што раскажувале Турците, планината се вика Балтан. Планината изобилува со нане, мајчина душица, камилица, коприва.

Пешачење до Големо Езеро и Пелистер
Но, Брајчино е интересно да го посетите и ако сте љубители на активен одмор. Природната стаза која води од Брајчино до Големото Езеро на Пелистер е главна туристичка знаменитост. Оваа стаза го поврзува Преспанското Езеро со Националниот парк Пелистер и овозможува набљудување на пејзажот од чија убавина застанува здивот, како и запознавање со редок растителен и животински свет. Но, ако мислите да се впуштите во авантурата наречена поминување на оваа стаза треба да знаете дека ќе ви бидат потребни меѓу 5 и 7 часа, за да ја поминете цела, и тоа со помош на планински водичи. И како што велат, целата убавина лежи во поминувањето на тој долг пат кој ќе ви ја покаже широката палета на див свет и недопрена природа, а не во самото пристигнување на целта. Доживувањата во прошетката по планината се уште побогати со водичите, кои го поттикнуваат знаењето на посетителите на овој величествен регион за дивиот свет на мечки, волци, диви вепри...

Она кое што најмногу ќе ве фасцинира при првиот контакт со селото е автентичната селска архитектура, односно куќите изградени од делкан камен, вклопени во дрвени огради. Брајчино е село од собран тип, со стари и нови куќи, сите на кат, покриени со ќерамиди. Поголем број од постарите куќи се обновени, а се изградени и нови. Околу куќите постојат убаво средени дворови и зеленчукови и овошни градини.

Автентичната архитектура потекнува од 19 век, но постојат и многу модерни куќи. Многумина знаат да кажат дека Брајчино е урбано село во поглед на стилот на живот и изгледот на некои градби. Тоа и не треба да нè чуди, со оглед на тоа што во ова и околните села во почетокот на 20 век се одржувале балови.

Посета на цркви и манастирот
Особено оставаат впечаток средените селски улици, а на секој нивни агол се поставени патокази, обоени во разни бои – секоја со свое значење. Патеките на културно наследство, обележани со црвено и сино-бела боја, ги водат туристите на прошетка до петте цркви и манастирот крај селото, кој потекнува од 16 век.

Главната селска црква, Св. Никола, е изградена во 1871/72 година на постара црква. Црквата Св. Богородица се наоѓа во месноста Плеша, 700 метри северозападно од денешната локација на селото. Црквата Св. Илија е позната по првото ќелијно училиште (1874-1876). Црквата Св. Архангели се наоѓа во месноста Арангели, на 700 метри северозападно од селото, обновена е во 1916 година. Црквата Св. Атанасиј се наоѓа јужно од селото, во месноста Дабје, обновена е во 1984/85 година. Брајчинскиот манастир се наоѓа над селото, обновен е во 1985 година. За манастирската црква Св. Петка нема податоци кога е изградена.

Сепак, најраздвижено и највесело во Брајчино е секоја година на 8 август кога се слави празникот Света Петка. Тогаш голем број иселеници се враќаат во селото и се одржуваат Брајчински средби.

Сè додека не го посетите многувековното село Брајчино, никогаш нема да дознаете колку кристално чист, свеж и лесен може да биде воздухот. Вдишете и полнете ги градите со опојниот мирис на шумските плодови, запознајте ја прекрасната природа  преку пешачките, планинските и велосипедските патеки и сфаќате дека сте дошле на место каде и тишината мирува. Престојот во Брајчино е едно посебно и незаборавно искуство.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>