[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/06/cover_july2017.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]
Весна Петрушевска
Вербата во себе ме одржува
Broj 41, jyли 2017
Кога ќе се спомене квалитетна актерка, водителка, стенд ап комичарка... првата асоцијација е Весна Петрушевска. Оваа врвна уметничка ексклузивно за BETTY магазин говори за својата страст кон работата и животот. Весна открива дека ѝ недостига водителството, а од септември најавува враќање во водителските води со ново ток-шоу...Бојана Симоновиќ
BETTY: Вие поседувате магија на различни начини да ја анимирате публиката, кој е Вашиот скриен адут кој овозможува да оставите посебен печат на секое Ваше уметничко остварување?
Jaс сум многу вредна, работам и сакам кога ги правам работите да бидам аналитична, да бидам до крај посветена на самата себеси, затоа што кога се посветуваш на самата себеси тогаш е оправдан успехот што ти следува. Никогаш не излегувам на сцена, ниту на екран, ниту како стенд-ап комичарка неподготвена. Тоа е нешто што јас силно го презирам, оние неподготвени луѓе кои мислат дека можат да поминат така формално без содржина. Мислам дека главниот адут ми е што јас не се занимавам со форма, јас се занимавам со содржина и суштина. Кога ќе почне човек да се занимава одвнатре, а не однадвор, тогаш е неминовен успехот. Затоа се занимавам со автори кои заслужуваат повеќе грижа и работа од вообичаеното. Затоа играм текстови на Едвард Олби, мене тоа ми е важно.
BETTY: Публиката која е фан на актерските претстави, пред сè, Ве поистоветува со улогата на „Мерлин Монро“ и „Госпоѓа Министерка“. Во која улога Вие најмногу до сега се пронајдовте себеси?
Претставата „Мерлин Монро пак ли“ ја режираше Игор Џамбазов, тоа беше една исклучително тешка монодрама, со кореографии. Нам ни беше важна нејзината тажна приказна, не ни беше важна формата, туку приказната за Мерлин Монро каде преку нејзиниот лик се отсликува целата ерозија на моралот и на Холивуд. На самата програма имаше и некои работи кои не сте ги знаеле за Мерлин Монро, меѓу кои и паметни мисли во кои се гледа дека не била само глупава русокоса, туку досетлива интелигентна жена, притоа самоука. Тоа сакавме да го претставиме на публиката преку оваа претстава. „Министерка“ ја имаат видено над 70 илјади луѓе, Нушиќ е сериозен коментатор на општеството и коментира сè што може да се коментира. Кога ја играм Живка уживам, тоа е една од најопозиционерските претстави која живеела.
BETTY: Вашата уметничка душа не може а да не се препознае, задоволни ли сте што одлучивте Вашата кариера да ја посветите на уметноста?
Јас имав премиера на мои 14 години. Првата премиера ми беше во Дом на млади. Од 5-годишна возраст имав снимени касети на кои ги емитирав сите ѕвезди, српски и македонски. Јас така растев, омилен глумец ми беше Драган Николиќ, го сакав Ристо Шишков, Мери Бошкова, ги читав делата на Горан Стефановски, Ненад Стојановски ми беше исто омилен глумец, одев да го гледам со подзината уста. Потоа имав можност да играм со некои од нив, со Мери Бошкова играв во „Црна Дупка“. Јас верувам во приказната дека ако длабоко веруваш во себеси и сакаш тоа да го направиш до крај и ако се посветиш милион насто и ако решиш тој сон да не остане пуста фантазија ќе имаш успех. Јас тврдам дека само вербата во себе ме одржува.
BETTY: Вие сте искусна актерка која со години успешно чекори на штиците кои живот значат. Според Вас во која насока се движи актерството во Македонија, има ли простор за развој на актерите?
Јас бев два пати во таа комисија за примање млади актери во МНТ и одговорно тврдам дека барем од 10 актери за 7 сум се потпишала. Мислам дека има многу условно произведување на актери, а нема доволно пазар каде може да се истакнат младите глумци. Кај нас ниту се продуцираат многу претстави, ниту се снима нешто посебно, ниту можеме да ги видиме младите кадри во целиот нивен сјај, а на нив годините им поминуваат и се несреќни затоа што нема каде да го истакнат својот талент. Има многу талентирани деца, не само талентирани туку и многу убави. Нема продукција која може да ја издржи таа бројка која се продуцира. Јас сум за реаудиција на актерите, особено во големите театри. Сакам да има реаудиција на 4 години, да има и за мене. Иако јас имам бројка од одиграни 74 претстави зошто да не. Јас сакам да имам реаудиција, тоа не ми е проблем. Ако така ги организираме работите, можеби многу млади глумци ќе се реализираат на сцена.
BETTY: Колку сте Вие задоволни од заинтересираноста на македонските граѓани за театарската уметност и посетата на претставите?
Јас играм во навистина преполни сали, меѓу кои последната претстава со Игор за брачна игра. Не се сеќавам кога сум играла пред полупразна сала, или пред сала со два полни реда. Можеби звучи нескромно, но јас не знам што тоа значи. Годините ми се тие каде што треба да се истакне зрелоста. „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, „Брачни игри“ и „Госпоѓа Министерка“ се проекти кои не се финансирани од Министерство за култура, тоа се копродукции со мојата продуцентска фирма. „Министерка“ и „Вирџинија Вулф“ ѝ се подарени на МНТ. Публиката сака добри актери, знае да препознае, сака да види како го оставаш срцето на сцена, не можеш да ја излажеш.
BETTY: Сте работеле на повеќе телевизиски проекти како водител, посебен печат остави Вашето шоу „Вртелешка“. Дали во моментов, бидејќи не сте активни како водител, Ви недостига оваа професија?
Телевизијата е зараза. Јас имав авторско дело, водител и автор е едно, презентер е трето. Не мислам дека читање најави е некој особен талент, ниту мислам дека презентерството, односно читањето вести е талент. Водителството подразбира да имаш харизма и да можеш да менаџираш со гостите кои ти се дојдени на гости и притоа да го задржиш вниманието. Да, ми недостасува и мислам дека е крајно време да се вратам. Најверојатно тоа ќе се случи и нема да се вратам сама. Мислам дека треба да дојдат старите мајстори да покажеме како што треба. Од друга страна, со кого да правиш емисија кога сè е импровизација. Од студио до микрофони до камермани. Кај мене на снимања кога работеле ја држеле камерата, ѕиркале и се смееле. Сега многу ретко има луѓе кои работат во „реал тајм“ за еден саат да ви создадат програма, треба да бидеш подготвен и свесен дека не го губиш времето на гостинот и екипата.
BETTY: Од каде ја црпите Вашата инспирација за стенд-ап комедиите кои ги реализирате?
Јас се занимавам исклучиво со машко-женски односи. Мене ми е гуру Џорџ Чарлин. Тој се занимаваше со социјални искушенија на американското општество и со машко-женски односи од негов аспект. Јас мислам дека има многу работи кои треба да ги каже една жена од рекурс на женско-машки односи, како ние ги гледаме мажите, како тие влијаат на нас, кои сè компромиси сме подготвени да ги направиме за да бидат среќни и за што тие се подготвени да направат за нас. Суштината на машко-женските односи се сите компромиси кои ги правиме до ден-денешен. Страдањето кое го носат овие односи знае да биде и многу смешно.
BETTY: Вие сте дел од сцената долги години и се носите со популарноста, дали таа повеќе Ви помага или одмага во животот?
Јас сум многу нормален човек, јас немам проблем да се прошетам да бидам љубезна со сите. Не сум била на ниво да повредам некого, секогаш сум се обидувала да ги почитувам вредностите на едно општество. Има привилегија кога нешто ми треба за ситни работи. Реално популарноста во Македонија се вреднува според човечкиот квалитет. Јас мислам дека треба да сум 100 пати повеќе платена, но ете работам неколку работи истовремено затоа што сум самохран родител. Мене животот ми помина во трчање, јас не се сеќавам кога последен пат сум уживала во својот успех. Откако ќе добијам 15-минутни аплаузи, јас продолжувам со мојата борба за живот и немам време да се хедонизирам. Научив после толку години да си ја чувам приватноста, особено после издавањето на „Трофеј“ кажав сè што имав да кажам.
BETTY: Која улога која досега не сте ја одиграле претставува за Вас предизвик и сакате Вие да ја пренесете пред публиката?
Сум играла и машка монодрама, односно сум одиграла маж. За „Брачна игра“ изборот на текст беше мој. Секоја претстава ја гледам како своевидна психотерапија. Секоја улога ја третирам како патешествие за самата себеси. Јас ни како мала не сонував дека ќе ја играм Јулија или Офелија, тие се улоги кои ги играш во студентските денови, секогаш тежнеев кон улоги кои се карактерни и кои се предизвик. Мислам дека сè повеќе треба да се играат комедии во оваа држава, сакам овие премрежја да ги преживееме со насмевка на лице. Немам улога која би сакала да ја одиграм. Повеќе би сакала од септември да се занимавам со ток-шоу и со детски ТВ-серијал. Би сакала да ги имплементирам и децата со посебни потреби.
BETTY: Внимавате ли на режимот на исхрана и на кој начин?
Сега е многу модерна таа хроно диета, не сум држела диета, мислам дека е клучно да се избрише брашното и јаглехидратите и треба да се трча. Таман почнав да трчам ми се случија здравствени проблеми, но еве сега од другата недела ќе се вратам на кеј да трчам. Нема поубаво од рано кардио, во 6 да станеш да трчаш, па да почнеш со сè. Внимавам да има секогаш зеленчук, овошје, здрава храна, но и да се храниш здраво треба време и посветеност. Јас живеам 300 на саат и за мене и за децата се трудам да внимавам.
BETTY: Порака до читателите?
Да почнат да пишуваат за себе и за тоа кои цели сакаат да ги постигнат, што сакаат да направат со себе во својот живот, што не направиле а сакале да направат, да пишуваат забелешки секој ден и тие низа забелешки да си ги препрочитуваат. Дури и големиот Черчил се занимавал со тоа. И, исто така, да читаат многу.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/06/app_cover_july2017.jpg" image_size="full" align="center"]