д-р Кристина Давидовиќ
Иако исончаниот тен е во тренд речиси 100 години, откако Коко Шанел го вовела во мода, битно е до убаво тонирана кожа да се дојде без нарушување на здравјето. За тоа постојат повеќе начини, а само еден се препорачува да се избегнува. Тоа е солариумот, кој Светската здравствена организација го сврсти во првата група канцерогени, па во согласност со тоа многу земји го забранија користењето солариум на лица помлади од 18 години.
Природно сончање: Ако паметно и постепено се сончаме во утринските часови до 9 часот и 30 минути, а во пополадневните после 16 часот и 30 минути, ја намалуваме опасноста од изгореници. Пред изложување на телото на сончеви зраци е потребно да се направи комплетен пилинг на кожата, и на тој начин да се отстранат мртвите клетки на епителот, што ќе обезбеди рамномерно добивање тен. За да ја зголемите количината на бета-каротин во организмот, кој помага во производството на меланин, добро е пред и после сончање да се консумира природно цеден сок од морков и црвено овошје и зеленчук, или пире од барен морков зачинет со сок од лимон, супа од домат и слично.
Во зависност од типот на кожата, од тоа дали е изразито светла (карактеристична за црвенокоси лица), светла (карактеристична за лица со руса и светлокафена коса), светлокафена (карактеристична за лица со костенлива коса) или маслинеста т.н. медитерански тип (карактеристична за лица со темнокафена или црна коса), се препорачува и должината на изложување на сонце: првиот тип до 10 минути, вториот тип 15-20 минути, третиот тип максимално 30 минути, а четвртиот до 40 минути.
На сонце никогаш не се излегува без нанесување крем, лосион или спреј со заштитен фактор и тоа, кај првиот тип на кожа со заштитен фактор 50, вториот тип на кожа заштитен фактор 30-40, третиот тип кожа заштитен фактор 20-30, а на четвртиот тип кожа може да се нанесе и заштитен фактор 20.
По сончањето треба да се нанесат препарати кои се направени за заштита на кожата по сончање, кои ја хидрираат и помагаат убавата боја да се одржи.
Ербраш потемнување: Со Airbrush техниката за потемнување на кожата со прскање се постигнува изедначен тен едноставно и брзо во козметички салон, без изложување на сонце. Препаратот за прскање треба да содржи нетоксични супстанции, најчесто добиени од шеќерна трска. Третманот трае десетина минути, а бојата на телото се задржува десетина дена, во зависност од негата по нанесувањето. Обично во склад со природниот тен се избира меѓу три вида бои: хавајска, за светол тен, карипска, за потемна кожа, и бразилска, наменета за лица со темен тен. Вакво инстант потемнување на кожата е добар избор за освежување на тенот и исончан изглед кога се оди на некоја прослава, но мана му е што кратко трае.
Внимание: Одредени козметички третмани, како хемиски пилинг и други, бараат воздржување од сончање одредено време, па важно е да се придржувате кон упатствата кои ви ги дал вашиот козметичар и да се консултирате со лекар или фармацевт.