Како да ги разликувамеАна Николиќ
Некои видови намирници може да предизвикаат непријатни и опасни реакции. Поради тоа, важно е, ако ги забележиме симптомите кои ги предизвикува исхраната, да побараме совет од лекар без одложување. Исто така, во делот на здравствената и нутриционистичка култура спаѓа и разликување на алергиски реакции од интолеранција на храна. Алергијата на храна е реакција на имунолошкиот систем, а симптомите се манифестираат на различни органи. Интолеранцијата се ограничува на пореметување во системот за варење и најчесто ја предизвикува недостиг на некој ензим, кој е неопходен за варење, потоа пречувствителност на некои адитиви и др.
Симптоми на алергија: Во повеќето случаи луѓето се алергични на јајца, соја, кравјо млеко, јаткасти плодови (ореви, кикиритки), житни култури, риба, морски плодови. Симптомите можат да бидат благи (исип на кожата), но и многу силни (анафилактичен шок), кога е неопходна правовремена медицинска помош, зашто животот е загрозен.
Симптоми на интолеранција: Другото име за интолеранција на храна е „неалергиска пречувствителност“. Се јавува после некое време како реакција на одредени намирници, адитиви или пијалак. Реакциите можат да бидат метаболични, каква што е, на пример, реакцијата на грав (фавизам) во вид на урина во која има крв, кај лица на кои во црвените крвни зрнца им недостига глукоза-6-фосфат дехидрогеназа. Реакциите може да бидат и фармаколошки, кога одредени материи (вештачки бои, конзерванси, емулгатори и сл.) предизвикуваат биохемиски придружни појави, како и токсични (контаминирана храна, бактерии). Симптомите на интолеранција можат да вклучуваат и: исип, чешање, акни, дерматитис, псоријаза, астма, ринитис, кашлица, стомачни грчеви, мачнина, пролив, запек, синдром на иритабилни црева, главоболка, артритис, отечени зглобови, и можат да бидат слични на симптомите на алергија. Важно е лекарот специјалист да постави точна дијагноза, при што голема улога има и личната и семејната анамнеза на пациентот.
Дијагноза: Кога ќе се исклучат алергиите на храна, што се прави со сигурност, зашто постои алерголошко тестирање на повеќе од 700 алергени, и кога ќе се направат различни кожни и серолошки тестови, се пристапува кон тест за интолеранција на храна. Врз основа на лабораториските анализи на крвта се добиваат резултати на IgG антитела на некоја намирница, па ако нивото на антитела е зголемено, таа се избегнува додека симптомите не се смират, а тогаш постепено се воведува во исхраната.
Лекување: Терапијата која ќе ја одреди лекар, без разлика дали станува збор за алергија или интолеранција, секогаш вклучува и внимание кога се во прашање одредени намирници или материи, па важно е пациентот стриктно да се придржува до лекарските совети и во согласност со нив да води сметка кои и какви намирници да консумира.