Време е за нови искустваВесна Кнежевиќ
м-р по филозофија
Постојат многу начини како да се унапреди животот во третата доба и да се внесе нова динамика, почнувајќи од квалитетно организирање на слободното време, преку дружење и поврзување со други луѓе, до пронаоѓање содржина и активности кои одговараат на личните потреби, желби и можности
Иако се вели дека „не постојат стари луѓе, туку само оние кои така се чувствуваат“, факт е дека во третата доба доаѓа до психофизички и социјални промени, како што се намалена животна динамика, одење во пензија, слабеење на некои когнитивни функции и развој на одредени тегоби и болести. Меѓутоа, тоа што во одредени години ни слабее видот и слухот, или што не сме веќе подвижни како во младоста, не значи дека стареењето по дефиниција е „лоша состојба“. Прифаќањето на фактот дека некои функции ни слабеат, како и дека одредени животни околности се менуваат, се прв чекор во „фаќање во костец“ со третата доба. Друг чекор е нашата активна улога, соочување со нови искуства и зошто да не – уживање во нив.
Прифаќање промени: Стареењето е неизбежен процес. Соочување со проблемите и нивното прифаќање значи дека некои работи треба рационално да се согледаат и да не им се спротивставуваме ако нам не ни се допаѓаат, без разлика дали се тоа брчки на лицето, или помалку сигурен од. Брчките на лицето можат да се ублажат со нега, а несигурното одење да се регулира со соодветни обувки, односно со помош на стап или одалка. Не треба да се дозволи вештачките заби, отежнатото варење, терапијата за висок притисок или некоја друга тегоба, да стане централна точка на животот, тема на која постојано се враќаме со тагување за минатите времиња. Одењето на лекар е дел од здравствената култура во секоја животна доба, како и исправно и истрајно придржување кон тераписките насоки.
Активна улога: Денес е општо прифатено дека лицата во трета доба треба да бидат активни толку колку што здравјето и годините им дозволуваат. Во голема мера нашето здравје и психичка состојба зависат од тоа колку сме активни. Комуникацијата со другите луѓе и дружењето се многу важни во староста. Довербата и поддршката се градат до крајот на животот.
Победете ја осаменоста: Многу луѓе во третата доба изгубиле брачен другар, а децата пораснале и отишле по својот пат. Поради тоа се чувствуваат осамено и некорисно. Денес постојат многу начини да се победи чувството на осаменост, од организирани дружења со постари луѓе и патни аранжмани за „лица во години“, преку школски и спортски програми за трета доба. Курс по странски јазик може да донесе нови познанства, а добар е и за вежбање на памтењето. Училиште за пишување, одгледување цвеќе, грижа за напуштени животни, волонтерска работа во некоја организација во која добро би дошло вашето искуство, само се некои од безброј идеи како да се победи осаменоста.
Друштво: Човекот е друштвено суштество. Во староста ги губиме луѓето кои ни биле многу важни, кои ни „значеле цел живот“. Да се препуштите на тагувањето и осамувањето не е решение, туку соочување со ситуацијата, негување и развој на нови пријателства и комуникативност со лицата кои ги среќаваме. Стара вистина е дека во животот сè е многу поедноставно ако имаме друштво.
Чувство за хумор: Ведрите лица, кои умеат да се насмеат, имаат помалку тегоби и со задоволство се прифатени во друштво. Не срамете се да се насмеете на некоја шега, виц или комична сцена на ТВ, бидејќи чувството за хумор не е поврзано со годините. Смеењето е лек и влијае на виталноста на духот и телото.
Позитивно мислење: Трудете се да ги посматрате работите од позитивната страна. Одењето во пензија не значи „дека веќе не сте никому потребни“, туку дека ќе имате помалку стрес и повеќе време да се посветите на работите за кои никогаш не сте имале слободно време.
Третата доба не значи задолжително дека тегобите и болестите се натрупуваат и зголемуваат, туку и спротивно. На пр., шведските истражувачи констатирале дека по 55-тата година од животот главоболките исчезнуваат во околу 30 насто од случаите. Американските научници откриле дека по 65-тата година дури 40 насто од лицата веќе немаат мигрена. Исто така, со годините стануваме и поотпорни на некои вируси, па, на пример, децата заболуваат од настинка и до осум пати годишно, а постарите од 60 години во просек само еднаш во текот на годината.
Нови идеи: Постојат многу начини да го унапредите својот живот во третата доба и во него да внесете нова динамика и радост. Ако сте несигурни како да го реализирате тоа или немате идеја, во библиотеките и книжарниците има многу литература на оваа тема. Исто така, постојат и советувалишта за луѓе од трета доба и групи за заемна поддршка. Не се женирајте да прашате стручњак или да размените искуства во група. Многу брзо ќе откриете како квалитетно да го организирате своето слободно време, да се поврзете со драги луѓе, да ги осмислите своите денови и да пронајдете активности кои одговараат на вашите желби и можности.
Здраво стареење: Формулата за здраво стареење обично се дефинира со ниска веројатност за заболување и инвалидност, и висока ментална и физичка способност за самостоен и активен живот во подоцнежните години. Веројатноста за здраво стареење драстично се зголемува со превенирање од детството и создавање здрави животни навики, како што се начин на исхрана, физичка активност, ментални ангажмани, избегнување стрес, дружење со драги луѓе, мерка во работата и одморање.
Чувство на среќа
Истражувањата покажуваат дека чувството на среќа е најинтензивно во дваесеттите, потоа опаѓа, па пак расте во третата доба, што експертите го поврзуваат со различни перспективи кои доаѓаат со годините. Кристијан Бјорнсков од Архус Универзитетот тоа го објаснува вака: „Постарите луѓе многу подобро знаат што ги прави среќни“. Мик Викинг од Данскиот институт за истражување на среќата вели дека „чувството за припаѓање е едно од најдобрите индикатори на среќа“. Данска има над 80.000 клубови за дружење.
Видови старост
Може да се каже дека постојат различни типови старост: хронолошка старост – доба одредена со датум на раѓање, потоа биолошка старост – доба во однос на степенот на стареење (некој старее побрзо, некој побавно), психолошка старост – независна од годините (се вели „млад по дух“), социјална старост – ја одредува работниот век, семејството, економската состојба и сл. Со исклучок на хронолошка старост, на сите останати може да се влијае.