Фармацевти
Контакт

<< Назад

Регата

јули 1, 2017

Атракција на водаАлександар Вучковиќ

Покрај веслачките регати, од кои најславна е традиционалната меѓу Кембриџ и Оксфорд, многу се атрактивни и регати на едрилици, кои се организираат како натпреварувања во брзина, но и во издржливост, и тогаш траат долго, посебно ако целта е да се преплови океан или да се едри околу светот

Терминот „регата“ се користи за два вида натпревари – за натпреварување на едриличари и за натпреварување на веслачи. Се одржуваат на државно ниво, кога меѓусебно се натпреваруваат клубови од една земја, а може да бидат и меѓународни, кога се натпреваруваат најдобрите едриличари, односно веслачи од повеќе земји. Целта на класичната регата е за најкратко можно време да се помине одредена водена рута, во договорено регатно поле. Меѓутоа, постојат и регати на издржливост, кога учесниците имаат задача да препловат цели океани, или дури да пловат околу светот.

Веслачки регати
Најпознатата и најстара веслачка регата традиционално се одржува во Велика Британија, на реката Темза кај Лондон, кога славните веслачки клубови на Оксфорд и Кембриџ ги одмеруваат силите на годишната универзитетска трка во осмерец. Колку оваа регата е популарна, се гледа и по тоа што пред седум години дури 250 илјади луѓе ја следеле трката во живо, од брегот на реката, а повеќе милиони гледачи пред ТВ-екраните.

Традицијата на оваа регата датира уште од 1829 година, кога еден студент од Кембриџ го предизвикал својот колега од Оксфордскиот универзитет да се натпреваруваат во веслање на река кај гратчето Хенли. Следната трка е одржана 7 години подоцна, а тогаш настапиле бројни години на расправи, бидејќи тимовите не можеле да се договорат околу локацијата, бидејќи Оксфорд инсистирал на Темза кај Хенли, а Кембриџ на Темза кај Лондон. Од 1856 година, натпреварувањето меѓу двата универзитети продолжило, регатни трки се одржуваат секоја година, и тоа затоа што по протоколот важи дека тој што ќе изгуби бара реванш следната година. Интересно е што екипажите и на Оксфорд и на Кембриџ носат  сини дресови, првите темносини а вторите светлосини, со исклучок на првата трка во 1829, кога веслачите на Кембриџ имале розови дресови.

Веслачите по правило се студенти, кои шест месеци пред шампионската регатна трка тренираат по три часа дневно, шест дена во неделата. Водената рута е долга 6,779 км,  и е во облик на буквата „S“, поради текот на реката. Традиционално, пред регатното натпреварување се фрла паричка, а предизвикувачот избира „писмо“ или „глава“. Кој ќе победи бира од која страна ќе весла. Рекордот на оваа легендарна трка која постои од 1829 го поставил Кембриџ во 1998 година, 16 минути и 19 секунди.

За време на трката задача на кормиралот е во најкраток временски рок да дојдат до најбрзата струја, која обично е таму каде е најдлабокиот дел на реката, па во таа борба често се случуваат и судари на чамците, а  регатниот тим кој на почеток ќе освои предност поголема од должината на бродот лесно ја одржува.

Веслањето е олимписки спорт кој е популарен и како академски спорт, не само во Велика Британија, туку и во САД. Меѓународната веслачка федерација која е надлежна и за регатните правила е Fédération Internationale des Sociétés d'Aviron или скратено FISA.

Меѓународни регати
Меѓународните регати на веслачи обично се одржуваат на 2000 метри, но може да бидат и со различна должина. На Гранд Челенџ купот пред 12 години, на Хенли Ројал регатата, најјакиот екипаж на Оксфорд ги одмерил силите со германскиот национален тим и изгубил за само третина од должината на чамецот. Истата година екипажот на Кембриџ го освоил овој куп во женска конкуренција.

Интересно е дека пред 10 години регатата во која се натпреварувале најдобрите екипажи на Велика Британија е прекината, бидејќи неколку чамци потонале поради лошите временски услови на Темза. Интересно е што кога временските прилики се многу тешки, тогаш може да бидат откажани меѓународните регатни трки, но годишната трка на осмерци на Кембриџ и Оксфорд – никогаш.

Останало забележано дека екипажите на Кембриџ потонале во 1859 и 1978, а на Оксфорд во 1925 и 1951 година. Во аналите на веслачките регати влегла и трката од 1877 година, кога судијата Фелпс, наречен „Чесен Џон“, чекајќи екипажите да се појават на целта, наводно заспал покрај некоја грмушка. Според друга верзија, судијата Фелпс не бил во можност да види кој прв поминал низ целта, бидејќи пловилата кои ја следеле регатата направиле метеж, па работата е разрешена на суд како „мртва трка“. Коментаторите на трката Оксфорд и Кембриџ се вистински ѕвезди, а еден од најпознатите бил Џон Снег, запаметен по реченицата: „Не гледам кој води, но сигурно е Кембриџ или Оксфорд.“

Регати на едрилици
Едриличарските регати се многу атрактивни, како за учесниците, така и за набљудувачите. Обично се организираат во заливи и пристаништа, каде нема многу морски струи и силни бранови. Во натпреварувања на едрилици, кои траат од десет минути до неколку часа, може да учествуваат оние сосем мали, но и големи со екипаж од 10 до 20 луѓе. Доколку во регатата истовремено се натпреваруваат едрилици од различни класи (должина на пловило, квадратура, број и облик на јарболи, број на екипаж), тогаш е правило да се бодуваат одвоено. Натпреварувачкото поле се означува со пливки, освен во случаи кога станува збор за регати на издржливост, а целта е, на пример, со едрилица да се помине некое море. За регати на отворено море се користат поголеми едрилици. Тие може да траат долго, а најдолго ако станува збор за пловење околу светот.

Куп на Америка
Првото друштво за спорско едрење е основано во Ирска во 1720, додека најстариот пишан документ за регата датира од 1749 година, кога е одржано натпреварување на Темза меѓу Норен и Гринвич. Во Лондон во 1815 е основан прв клуб за љубители на едрење, а во САД во 1844, за една година подоцна во Њујорк да биде одржана и првата официјална регата.

Меѓународната едриличарска тура Куп на Америка (America’s Cup) е најстаро натпреварување на едриличари во светот и се одржува од 1851 година. Регатата Куп на Америка ја карактеризира натпреварување по две екипи во девет трки, а учествуваат и многу скапоцени јахти, некои и во вредност и над 100 милиони долари. Правило е дека јахтата мора да биде направена во земјата од која се пријавува екипата.

ARC регата
Клубот Yachting world од Велика Британија ја организира Atlantic rally for cruisers (ARC регата), најмасовна регата преку океанот со должина над 2 660 наутички милји, која тргнува од Лас Палмас на островот Гран Канарија, а цел е карипскиот остров Света Луција. Обичај е во текот на едрењето во точно договорено време секој ден сите учесници да ги јавуваат своите позиции на Одборот на ARC регата, кои публиката и сите заинтересирани може да ги следат и преку Интернет.

Жени кормилари
Првата жена која учествувала во регата на веслачи била Су Браун, членка на тимот на Оксфорд во 1981 година, со задача да кормилари со машки веслачи на осмерец. Во трката одржана во 1985 година, и тимот на Кембриџ имал женски кормилар во екипажот, тоа била Хенриета Шо. Во регатата одржана четири години подоцна, екипажите на двата универзитета имале женски кормилари, Алисон Нориш и Ли Вајс.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>