Фармацевти
Контакт

<< Назад

Првите искуства на бебето

август 1, 2017

Запознавање и употреба на сопственото телод-р Радмила Косиќ
педијатар

Сите деца го следат истиот модел на физички развој, но секое напредува со свое темпо. Првата година од животот е период на најбрзо напредување во секој поглед. Улогата на родителите е да овозможат поттик во сите фази од развојот на бебето, не паѓајќи во замки при споредба со врсниците

Во текот на првата година од животот детето го запознава надворешниот свет преку секојдневни случајни надразби од околината. Тоа има инстинкти, сетила и рефлекси, но нема никакво искуство. Вродените инстинкти му овозможуваат да ги задоволи основните потреби, му недостига знаење за светот кој го опкружува. Негата на мало дете бара многу предаденост и трпение, физичка сила и издржливост. Имајте на ум дека секој ден го запознава своето тело и учи како да го користи. Постапувањето со новороденчето често личи на грижа за скапоцен предмет, а не на негување на саканото суштество во развој – мислете за тоа! На свет сте донеле единствена личност која со ваша помош и поддршка ќе го запознае своето тело и ќе го користи на вистински начин.

НОВОРОДЕНЧЕТО има карактеристични пропорции и положба на телото. Главата му е непропорционално голема и тешка, а контролата на мускулите на вратот е слаба. Нему му е природна положба да ги повлече колената кон брадата, способно е да ја подигне главата од една на друга страна за да го ослободи носот и да си овозможи непречено дишење. Во текот на првите неколку недели може да ве изненадат некои негови реакции, ќе посакате да се пофалите пред другарките што  сè вашето бебе може, иако, всушност, се работи за примитивни рефлекси кои ги има секое дете во првите неколку месеци. Ако го ставите на стомак – ќе почне да лази, ако го спуштите нагло на грб – со гласно плачење ќе ги рашири рацете и нозете имитирајќи прегратка. Ако го исправите, ќе направи неколку несигурни чекори, а стисокот на неговите раце е доволно силен да ја издржи сопствената тежина. Сè ова  се „примитивни рефлекси“, траги од еволуцијата кои постепено ќе исчезнуваат.

УЛОГАТА НА РОДИТЕЛИТЕ по доаѓањето од болница главно се сведува на исцрпувачки работи при хранење, пресоблекување, перење и пеглање. Сепак, никогаш не заборавајте дека развојот на вашиот нов член на семејството се одвива во заедничкото секојдневие. Вашето смирено и нежно однесување во текот на хранењето, капењето и пресоблекувањето ќе развие правилен развој на сетилата за допир. Брзо ќе научите да ги разликувате видовите плачење и на секое да реагирате. Не заборавајте да му овозможите изобилство на пријатни звуци, тоа што моментално не разбира никако не значи дека не ја препознава нежноста која му ја соопштувате. Бидејќи најдобро гледа на оддалеченост на која е вашето лице кога ви е во прегратка, во текот на првиот месец ќе ве изненади со првата друштвена реакција – ќе ви се насмее!

ВО ТЕКОТ НА СЛЕДНИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ контролата на мускулите ќе напредува од главата па надолу, прво на два месеца ќе го совлада држењето на главата. Со непроменлив редослед ќе ја зацврсти контролата на мускулите на трупот до самостојно седење после шестиот месец, а до крајот на првата година најголемиот број деца одат со помош на родителите или самостојно. Сите деца го следат истиот модел на физички развој, но секое напредува со свое темпо. Способноста за самостојно држење на главата, превртување од стомак на грб и обратно, седење, лазење, стоење и одење се ограничени со возраста и му служат на педијатарот за проценка на правилноста на психомоторниот развој. Сепак, границите за „нормално“ може да се разликуваат во неколку недели или месеци, па дозволете му на лекарот да ве увери во тоа пред да се загрижите доколку доцни во споредба со некој врсник.

ВО ПРВИТЕ ШЕСТ НЕДЕЛИ ќе мора да му ја придржувате главата во текот на облекување, бањање и хранење. Главата потоа ќе стане помала во однос на телото, а ќе ги јакне мускулите на вратот и рамената. Избегнувајте нагли движења кои ќе предизвикаат губење на рамнотежата – ќе реагира со силно плачење и ширење на рацете и нозете. Кон крајот на третиот месец целосно самостојно ќе ја држи главата. Постепено ќе се исправува од склопчена положба која ја имало по раѓањето. Тримесечно бебе со собирање и опуштање на нозете радосно ќе го открива светот околу себе. Овој мал чекор е необично важен, сега има можност да си ги прошири видиците со вртење на главата. Ќе ги забележува наредените играчки над креветот и ќе покажува задоволство кога ќе му се приближуваат познати лица.

ПОМЕЃУ ТРЕТИОТ И ЧЕТВРТИОТ МЕСЕЦ необично ќе се радува со подигнување во седечка положба. Во овој период најдобро е дел од денот да го поминува во специјална лежалка – стол, во кој, всушност, лежи со нозете во вис. Ова ќе му овозможи да стане дел од семејството – ќе може да набљудува лица и предмети, а ќе забележите дека ви покажува и колку исправено сака да седи. Ако ги повлекува рамената и главата кон исправена положба, всушност, вежба за наредната фаза на „исправање“. Најголем број од децата самостојно седат после шестиот месец. Најдобро е да ја следите положбата на ʼрбетниот столб при повлекување за рацете од лежечка во седечка положба. Кога ќе се изгуби лесното искривување во карличниот предел и ја држи линијата на ʼрбетот права при седнување – способно е за самостојно седење. Потоа ќе совладува разни „лулања“ на колениците и лактите, ќе научи да лази и ќе ги израдува родителите со исправање на нозе после десеттиот месец. Првата година од животот е период на најбрзо напредување во секој поглед, затоа погрижете се да ја помине во сигурно опкружување. Ова е период кога често се случуваат паѓања од кревет, испаѓања од креветче, случајни труења. Тоа што не сте предвиделе дека баш денес ќе успее да се исправи на нозе и ќе ја фати врелата шолја од масата може да предизвика повреди и болни спомени.

КОРИСТЕЊЕТО НА РАЦЕТЕ не е помалку важно од седењето и одењето, иако тоа често го забораваме. На детето му е потребно повеќе време да ги пронајде своите рачиња отколку вас – во првите недели шаките му се стиснати и далеку од очите. Тримесечното дете секогаш со себе ја има својата омилена играчка – рацете се секогаш тука, имаат вкус и мирис, можат да помогнат доколку запчињата се на видик. Сè додека гледањето и допирањето се одвоени, детето е пасивно – за да стане активен учесник во игра мора овие две работи да ги спои во допир, фаќање, приближување, ставање во уста, префрлање од рака во рака. Кога еднаш овој процес ќе започне, можете да го забрзате така што ќе му понудите изобилство поттикнувања. Не трошете време и пари на скапи играчки, музички кутии, глодалки и тропалки. Предметите од домаќинството кои вам ви се сосема обични, за детето може да станат омилена играчка. И овде сигурноста е најважна.

УПОТРЕБА НА СОПСТВЕНОТО ТЕЛО од исправање преку седење до самостојно одење, со координација на рацете и сетилата води до запознавање луѓе, појави и предмети од околината. Едногодишно дете кое оди тргнува во авантура на совладување на просторот околу себе, користејќи го телото и умот. Во текот на првата година улогата на родителите е да овозможат поддршка во секоја фаза на развојот, не запаѓајќи во замки при споредба со врсниците. Неважно е дали проодало на дванаесет или петнаесет месеци, важно е дека неговиот развој ги следи нормалните обрасци на созревање и дека во тоа уживате заедно со него.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>