Како да донесете вистинска одлукаМарина Брашиќ
спец. педагог и психотерапевт по ОЛИ интегративна психодинамска психотерапија
Секоја одлука би требало да се донесува во согласност со сопствените потреби, желби и чувства. Неопходно е добро да се познаваме себеси, своите способности и личниот систем на вредности и да поминеме низ процес на размислувања, проценки и одлучувања
Сите ние секојдневно донесуваме некои одлуки. Правиме избори без многу премислувања и дилеми околу тоа што да облечеме, по кој пат да одиме до работа или што да јадеме. Овие одлуки ги носиме без многу оптоварување. Знаеме дека тие нема битно да ни го променат животот. Меѓутоа, одлуките поврзани за некоја важна животна ситуација, како што се изборот на партнер, промена на работата или некои финансиски вложувања, може да влијаат на нашиот живот. Изборите кои тогаш ги правиме се одразуваат на повеќе аспекти од нашиот живот, па ќе имаме доживување дека се поважни и дека треба да им се пристапи повнимателно. Подолго ќе размислуваме пред да одлучиме, разгледувајќи што е добро за нас.
Некои луѓе по процесот на размислување ќе направат избор и ќе продолжат понатаму во согласност со она што одлучиле. Меѓутоа, често се случува и по размислувањето да не може да донесат одлука и личноста останува долго во својот круг на неодлучност. Тогаш неодлучноста станува проблем. Кога неодлучноста предолго трае, кога на личноста ѝ е посебно тешко при донесување одлуки или ги одложува и не ги носи, кога неодлучноста го пореметува целокупното животно функционирање, тогаш зборуваме за неодлучност како психолошки проблем.
Зошто сме неодлучни?
Неодлучноста е нормална појава во ситуации кога донесуваме битни одлуки. Се јавува кога е потребно да одлучиме помеѓу две или повеќе работи кои ни се во исто време подеднакво привлечни или одбојни. Двете ситуации ги гледаме како можност да се задоволат, но и да не се задоволат нашите потреби. Се чувствуваме непријатно, бидејќи не сме доволно сигурни кој избор би ни бил покорисен и посигурен за иднината.
Одлуката за една од понудените опции треба да донесе шанса за напредување и задоволство, но не постои гаранција дека така ќе биде. Познатите прашања: „што ако згрешам!?“, или „што ако потрошам време, енергија или пари на погрешни работи!?“, го следат процесот на секое одлучување. Стравот дека ќе донесеме погрешна одлука секогаш постои. Дури и кога мислиме дека некоја одлука е најсигурна, секогаш постои можност таа да стане неповолна за вас, како и обратно, кога мислиме дека одлуката не е добра за нас, а ќе излезе дека била добра.
Прифаќањето на доза неизвесност е битна емоционална способност при одлучувањето и надминувањето на неодлучноста. Личноста која има способност да толерира неизвесност нема да бара гаранција за иднината. Ќе разгледа што може да тргне лошо и какви евентуални околности ќе има тогаш. Ќе верува во својата способност дека и во такви ситуации ќе се снајде, па нема да ја преплави страв од погрешна одлука. Едноставно, личноста прифаќа можност да згреши.
Кај лицата кои не можат да прифатат и толерираат неизвеснот се зголемува стравот од донесување погрешна одлука, па со тоа стануваат сè понеодлучни. Нивната неодлучност е проследена со силни непријатни чувства, кои дополнително влијаат на самодовербата и самопочитувањето. Поради неможноста да донесат одлука, се користат со разни механизми за разрешување на дилемата и неодлучноста.
Некои лица импулсивно ќе донесат одлука, без целосно согледување на ситуацијата. Некогаш таквата одлука може да донесе и позитивен исход, но обично се случува ризиците да се занемарени, па личноста е изложена на уште поголем проблем.
Механизмот на решавање на неодлучноста е и препуштање на друг да донесе одлука. Ваквиот вид одлучување носи повеќе штета отколку корист. Прво, личноста долго била под притисок на непријатни чувства и стрес поради неодлучување, што ќе се одрази на нејзината самодоверба и самопочитување. Таа станува или останува зависна од другите, и наместо да се движи кон самостојно лично напредување и лично задоволство, таа станува пасивен набљудувач на сопствениот живот. Наведените механизми за надминување на неодлучноста не се поволни за развој на емотивно зрела личност, иако резултатите може да бидат добри.
Способност за донесување одлуки
Секоја одлука би требало да се носи во согласност со сопствените потреби, желби и чувства. Одлуката носи одреден ризик и товар во случај да излезе дека е погрешна и неповолна за нас. Сознанието дека сами сте проценувале и одлучиле во согласност со својот систем на вредности го олеснува носењето со товарот на погрешна одлука, но и дава поголемо уживање во благодетите на добрата одлука. За полесно да одлучуваме неопходно е добро да се познаваме себеси, своите потреби и желби, способности и личен систем на вредности. Тогаш појасно можеме да проценуваме што повеќе ќе ни одговара и по кој пат би требало да тргнеме. Меѓутоа, за да донесеме добра одлука за себе неопходно е да поминеме низ процес на размислување, процени и одлучувања. Овој процес содржи неколку чекори:
- Разбирањето на себе и сопствените чувства, како и дилемите кои ги имаме во врска со изборот: Ова е важен чекор при одлучувањето. Ако се чувствуваме непријатно, би требало да откриеме што ја предизвикува таа непријатност. Дали стравот од грешка или сопствениот перфекционизам нè држи во состојба на неодлучност? Дали стравот да се напушти зоната комфор и да се исчекори на патот на промена? Разбирањето на сопствената неодлучност е почеток на донесување добра одлука.
- Листање на алтернативи: Пред нешто да одлучите, потрудете се што повеќе опции да излистате за дадената ситуација. Соберете што повеќе информации за секоја алтернатива. Прашајте ги пријателите и блиските лица што мислат за секоја алтернатива. Нивното мислење може да ви помогне во одлучувањето, иако одлуката ќе биде само ваша.
- Разгледување на добивката и штетата од секоја алтернатива: Кога имаме алтернативи при одлучување неопходно е да ги запознаеме пред да се одлучиме за некоја. Важно е да се согледаат кои користи можеме да ги имаме и со кои ризици можеме да се сретнеме при секоја од одлуките. Можете да примените техника на процена на добивка и штета, која ќе ви го олесни одлучувањето.
- Изберете алтернатива и донесете одлука: Ако сте се посветиле на претходните чекори, веќе сте успеале да си создадете целосна слика за можната одлука. Ќе ја изберете онаа која ви се чини најпогодна за дадената ситуација.
Не постои гаранција за исходот. Постои само реално очекување што може добро или ризично да се случи. Каков и да биде исходот, од него можете да учите и да ги усовршувате вештините на донесување одлуки.