Фармацевти
Контакт

<< Назад

Витамини Б1 и Б6

септември 1, 2017

Неопходни за мускулниот и нервниот системДушан Гољиќ
м-р по фармација

Витамините претставуваат група на органски соединенија неопходни за правилно функционирање на организмот. Тие учествуваат во биохемиските реакции кои секоја секунда се одвиваат во нашите клетки. Ги наоѓаме во храната, а балансот го постигнуваме со разновидна исхрана. При неадекватен внес се јавуваат симптоми на авитаминоза, а ако, пак, внесуваме премногу витамини може да дојде до хипервитаминоза. Што е најбитно кога се во прашање витамините Б1 и Б6?

Витаминот Б1 (тиамин) примарно се наоѓа во квасецот (лебот), оризот, месото, јајцата и млекото. Со варење лесно се распаѓа на повисоки температури. На клетките им е неопходен за метаболизам на шеќерите. Витаминот Б1 е есенцијален за правилно функционирање на сите нервни и мускулни клетки, вклучувајќи ги и срцевите мускулни влакна.

Недостигот од овој витамин доведува до слабост, замор, нервоза, а трајниот дефицит може да предизвика посериозно оштетување на нервите. Пушењето, консумирањето големи количини кафе, зелен и црн чај може да доведат до побавно преземање на витаминот Б1 од страна на организмот. Тешки физички работи, интензивно тренирање, како и психички напор и стрес ја зголемуваат потрошувачката на овој витамин, па  создаваат недостиг. Лековите како што се диуретици, орални контрацептиви и одделни антидепресиви може да го забрзаат исфрлањето на витаминот Б1 од организмот.

Хипервитаминоза на витамин Б1 не е позната.

Витаминот Б6 (пиридоксин) има функција на коензим во метаболизмот на протеините и учествува во преку 100 различни витални реакции. Неопходен е за функционирање на нервниот и имунолошкиот систем. Овој витамин се наоѓа во пилешкото месо, рибата (туна, лосос), житните растенија, компирот, бананите, кромидот и друго.

Дефицитот од витамин Б6 е ретка појава, а доколку до него дојде, може да биде асимптоматски, а симптомите може да се манифестираат и дури после неколку години. Недостигот од овој витамин е обично поврзан со неврози, депресивност, анемичност и намален имунитет. Примена на теофилин кај асматичари или земање антиепилептици ја зголемува неговата разградба, па се препорачува дополнителен внес. Како резултат на неадекватна исхрана или недоволна суплементација кај трудници може да дојде до пореметувања кај новороденото бебе, како што се иритабилност, проблем со слухот и појава на конвулзии.

Хипервитаминозата е ретка и се јавува при неконтролиран внес на витамин Б6 со инјекции или високи дози на суплементи. Во тој случај се јавуваат невролошки  проблеми, како што е неможност за контрола на движењата (атаксија).

Заболувањата на гастроинтестиналниот тракт, како што се Кронова болест, целијакија или улцерозен колитис, се состојби во кои е намалена можноста за апсорпција на витамини Б1 и Б6. Кај алкохолизам е намален внесот и зголемена потрошувачката на двата витамина, што се манифестира со сериозни невролошки пречки. Земање на дневни дози на витамини Б1 и Б6 покажува клинички резултати кај низа невролошки и кардиоваскуларни заболувања.

Забрзаниот начин на живот, вишокот на стрес и неквалитетната исхрана се надоместува со земање витамини од Б-групата во облик на суплементи.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>