Фармацевти
Контакт

<< Назад

Бејзбол

септември 29, 2017

Игра која ги инспирира уметницитеМирко Миловановиќ

 

За бејзболот пее музичарот Брус Спрингстин, пејачката Мадона му посветува песна и глуми бејзбол играч, Стивен Кинг го спомнува својот омилен бејзбол клуб во речиси секој роман, а глумецот Кевин Костнер игра во толку тематски бејзбол филмови што фановите го поистоветуваат со овој спорт

 

Бејзболот важи за едноставна игра за која се потребни само топчиња, палки и ракавици, а неговата популарност датира уште од 60-тите години од 19 век, кога овој спорт во Њујорк предизвикува големо внимание, а New York style baseball станува модел на играње за цел свет. Во 1876 година почнуваат и првите професионални натпреварувања во бејзбол од кои настанува и денешниот MLB (Major League Baseball).

 

Колку бејзболот е популарен, се гледа и по тоа што славниот поет и љубител на бејзбол Огден Неш (1902 – 1971), уште во 1949 ја напишал поемата Line-Up for Yesterday: An ABC of Baseball Immortals. Оваа прочуена поема на Неш има 24 дела, а секој сегмент почнува со една буква од абецедата и е посветен на најдобрите играчи на бејзбол од крајот на 19 и почеток на 20 век. Огден Неш некои стихови духовито ги посветил на себеси, како обожавател на оваа игра, а поемата ја завршува со зборови во чест на бејзбол клубовите.

 

Песни за бејзбол

Дека бејзболот е повеќе од игра и битен дел од популарната култура, сведочат и творештва  на други познати уметници, кои во своите дела на различни начини го слават овој спорт. Американскиот книжевник Ернест Тајлер ја напишал легендарната поема Casey at the Bat, која се смета за најпознато поетско дело за бејзболот. И музичарот Брус Спрингстин не му одолеал на бејзболот. Во својата автобиографска книга Born to Run, пишува за влијанието на спортот на неговиот живот, во познатата песна Glory Days пее за својот пријател од младоста кој бил бејзбол играч, а во спотот кој ја следи доминираат снимки од натпревари. Хит песната Centerfield, која со децении се слуша на американските стадиони, дело е на некогашниот водач на култниот рокенрол бенд Credence Clearwater Revival, кој во овој рокерски евергрин ја преточил својата страст и љубов кон бејзболот. Ни писателот Стивен Кинг, автор на многубројни бестселери, не може без бејзболот. Речиси и да нема книга во која не го споменува својот омилен клуб Red Sox.

 

Бејзболот на филм

Бејзболот инспирирал и многу филмски режисери и сценаристи. Во филмот Natural од 1984 година, кој е номиниран за 4 Оскари, а го режирал Бари Левинсон, Роберт Редфорд го игра Рој Хобс кој влегол во историјата како еден од најталентираните бејзбол играчи.

 

Познатата мелодрама  The Rookie од 2002 година, која ја режирал Џон Ли Хенкок, го  опишува животот на Џим Морис, перспективен фрлач кој никогаш не направил кариера во бејзболот, но 20 години тренирал млади во Тексас. Базиран на вистински случувања, овој филм предизвикува бурни емотивни реакции кај публиката со заплетот во кој учениците на Морис го убедуваат својот тренер дека „не е за старо железо“, по што тој полн со елан оди по трнливиот пат кон врвен професионален бејзбол (Major League Baseball, MLB).

 

Во славниот филм Bull Durham од 1988, кој го режирал Рон Шелтон, инаку поранешен спортист, глумецот Кевин Костнер дефинитивно ја оправдува својата репутација на мајстор на филмскиот бејзбол. Во овој мал биографски филм, кој се заснова на приказната за перспективен млад фаќач кого го игра Тим Робинс, и ветеранот фаќач кого го игра Костнер, спортската содржина е испреплетена и со љубовната приказна во која клучна актерка е навивачка на локалниот бејзбол тим која ја игра Сузан Сарандон. Историчарите на филмскиот поджарн во кој фокусот е на овој филм, велат дека монологот на Костнер во овој филм, како и некои реплики, со карактеристичен сленг од бејзбол клубовите, денес е антологиски и оти го сметаат за нераскинлив дел на модерната култура.

 

Кевин Костнер игра една од главните улоги и во романтичниот филм Field Of Dreams од 1989 година, кој е номиниран за три Оскари, во кој еден фармер, следејќи ги своите соништа, ќе преора поле со пченка и на него ќе изгради бејзбол терен, на кој во 1919, токму како на вистинско поле од соништата доаѓаат  - Chicago White Sox.

 

Во филмската комедија A League of Their Own од 1992 година, која се занимава со темата „што се случува кога сите мажи одат во војна и нема кој да игра бејзбол“, во  забележаната споредна улога се појавува и пејачката Мадона. Таа игра њујоршка танчерка која е и одличен бејзбол играч. This Used to Be My Playground е посветена на ова филмско остварување, во кое две сестри формираат женска бејзбол екипа Rockford Peaches, која ја тренира маестралниот Том Хенкс во улога на тренер пијаница. Ликот кој го толкува Хенкс е базиран на вистинска приказна за тренерот на  Boston Red Sox, Џими Фокс.

 

Легенди и митови

Историчарите на спортот велат дека бејзболот предничи и кога се во прашање разни суеверија. Според една спортска легенда, прочуените Boston Red Sox  речиси цел век биле проклети, бидејќи сопственикот на клубот го продал играчот Бејби Рут (George Herman „Babe Ruth, 1895 – 1948) на њујоршки клуб, а од парите кои ги добил го финансирал бродвејскиот мјузикл No, No, Nannette. Легендата вели и дека Бејб Рут бил толку лут што го фрлил клавирот во езерото покрај бостонскиот имот каде што живеел, велејќи дека „бостонските Ред сокси нема да дојдат до титула сè додека неговиот клавир е на дното“. И навистина, со децении биле при врвот, губејќи ги одлучувачките натпревари, па наводно ангажирале и нуркачи за да го извадат клавирот од дното на езерото. Клетвата е „тргната“ дури во 2004 година, кога стануваат шампиони.

 

Инаку, интересно е дека Бејб Рут, еден од најдобрите играчи на сите времиња, и денес вреди милиони. Пред три години (2014) на аукција на бејзбол сувенири во Музејот на спортски легенди во Балтимор, неговиот договор од 1918 година со бостонските Ред Сокси е продаден за милион долари, а бејзбол палката која ја користел меѓу 1916 и 1918, за 214 000 долари.

 

Второ големо бејзбол проклетство за кое се плетат легенди е поврзано за Chicago Cubs. Наводно некој страстен навивач на натпревар секогаш носел и јарец, на кому  му купувал карта, но еднаш управата на клубот го исфрлила, бидејќи „ги срамотел“, поради што овој го проколнал Чикаго Кјубс да не освои титула, што и се остварило.

 

 

Правила во бејзболот

Во бејзболот одбранбениот играч или фрлач (pitcher) го фрла топчето кон фаќачот (catcher), додека напаѓачкиот играч или удирач (batter) се обидува истото топче да го удри со палка и да го исфрли вон означената регија, постигнувајќи на тој начин бодови.

 

Бејзболот обично се игра на трева, на отворен стадион, а теренот има квадратен облик, чии страни се со должина од 27,5 метри (90 стапки) и три бази, прва, втора и трета.

 

Натпреварите ги суди еден или повеќе судии, а главниот се наоѓа зад фаќачот. Постојат службени бејзбол правила (Official Baseball Rules), кои важат во Европа и Америка. Секоја година ги одобрува Националниот бејзбол конгрес на САД.

 

 

Важна е одлучноста

„Разликата помеѓу можното и невозможното лежи во човековата одлучност“, рекол Томи Ласорда, роден 1927 година во Пенсилванија, чија кариера е поврзана за Los Angeles Dodgers. Ласорда е победник во околу 1600 натпревари и е двоен светски шампион.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>