Фармацевти
Контакт

<< Назад

Воспаление на простата

октомври 1, 2017

Превенција и лекувањеЛекувањето на простатитис холистички вклучува балансирана исхрана, одржување оптимална телесна тежина, вежбање и усвојување други здрави навики, како што е избегнување одредена храна, адитиви и хемикалии

 

д-р Бранко Станковиќ, Клинички центар Србија

 

Простатата е жлезда која е дел од репродуктивниот систем на мажите. Нејзината главна улога е создавање семена течност и претставува значаен фактор на плодност кај мажите.

 

Меѓутоа, за многу луѓе, простатата е недоволно јасен орган. Се наоѓа „таму некаде“, врши „веројатно нешто корисно“, а може да создава и проблеми. За жал, многумина во текот на својот живот, сепак, ќе дознаат нешто малку повеќе за таа мала жлезда, затоа што, всушност, таа може да биде причина за три големи проблеми кај мажите.

 

Првиот е простатитис, или болно воспаление на простатата, инаку најчеста причина за инфекција на уринарниот тракт кај мажите.

 

Другиот е бенигно зголемување на простатата (БПХ или бенигна хиперплазија), најчест бениген тумор и извор на непријатни симптоми поврзани со мокрењето.

 

Третиот е карцином на простата и тоа е најчест примарен тумор.

 

Здружени болести: Не постои ограничување на само една болест на простатата, туку се случува да постојат две или сите три здружени болести. На пример, оние кои боледуваат од BPH или простатитис, не значи дека нема да го имаат и другиот проблем, како што е карцином на простата. За среќа, постои ефикасна терапија која доведува до излекување или олеснување на тегобите, доколку навреме се јавите кај својот лекар и навремено го започнете лекувањето.

 

Простатитис: Многу честа болна состојба која вклучува воспаление на простатата, а понекогаш и на нејзината околина, се нарекува простатитис. Простатитис е најчест проблем на уринарниот тракт кај мажите помлади од 50 години. Причините за простатитис зависат од типот. Можат да се поделат на четири групи:

 

- Акутен бактериски простатитис

- Хроничен бактериски простатитис

- Синдром на хронична пелвична болка

- Асимптоматско воспаление на простатата.

 

Акутен или хроничен бактериски простатитис е предизвикан од бактериска инфекција на простатата.

 

Акутен простатитис: Акутен облик на болеста настанува нагло и трае пократко од хроничниот. Инфекцијата доаѓа до простатата преку мочниот канал (уретра). Главни тегоби кои пациентот ги има се зачестено и отежнато мокрење, ургенција, зголемена температура, треска, чувство на „печење“ или болка во текот на мокрењето, болка во гениталната регија, препоните, долниот абдомен или грбот, неможност за спонтано мокрење. Доколку инфекцијата повторно се појави или тешко се лекува, може да премине во хроничен облик ― кој може да трае неколку месеци или години.

 

Хроничен простатитис: Хроничен простатитис/синдром на хронична пелвична болка (chronic pelvic pain syndrome) е најчест и најмалку разјаснет облик на простатитис. Лицата кои имаат повреда на нерв предизвикана од операција или траума, имаат склоност кон овој тип на простатитис. Психолошкиот стрес, исто така, може да биде еден од причинителите. Главен симптом е болка или непријатност која трае неколку месеци, а обично се јавува во пределот меѓу скротумот и анусот, во пенисот, долниот дел од грбот или во централниот дел на долниот абдомен. Болката за време или после ејакулација е чест симптом.

 

Асимптоматски простатитис: Овој облик е без тегоби. Се открива случајно, при дијагностицирање на други болести поврзани со уринарниот тракт. Асимптоматскиот тип на простатитис не прави компликации и за него не е потребна никаква терапија.

 

Кога треба да се побара медицинска помош?

 

Лицето може да има тегоби со мокрење кои не мора да бидат поврзани со простатитис, туку можат да бидат причинети од проблеми со мочниот меур, инфекција на уринарниот тракт или бенигно зголемување на простатата. Симптоми на простатитис, исто така, можат да бидат сигнал за некоја сериозна состојба, како што е карцином.

 

Следните состојби бараат неодложен преглед кај надлежен лекар:

 

- Неможност за спонтано мокрење

- Болно, зачестено или неодложно мокрење со температура и треска

- Крв во урината

- Чувство на непријатност или болка во долниот дел од стомакот и уринарниот тракт.

 

Терапија: За поставување дијагноза простатитис и соодветно лекување е потребно  да се јавите кај вашиот уролог. Најчести случаи на акутен бактериски простатитис и околу 75% проценти на хронични случаи на бактериски простатитис потполно се отстрануваат со антибиотска терапија. Кога простатитисот не може да се излекува со антибиотик, целта на лекувањето преминува на контрола на симптомите.

 

Важно е што и колку пиете. Избегнувајте алкохол и газирани пијалаци, како и пијалаци со кофеин, чај или кафе - сè што може дополнително да го надразни мочниот меур и да предизвика потешкотии со мокрењето. Пијте што повеќе вода, рамномерно во текот на денот. Потребно е да имате редовна физичка активност, вежбање. Избегнувајте долго возење велосипед, посебно по нерамен терен, затоа што со тоа го надразнувате подрачјето околу простатата што може да ги влоши тегобите. Туширање во топла вода, исто така, може да биде делотворно.

 

Не постојат доволно докази за ефикасност на природната терапија во врска со лекување простатитис, но како помош во конвенционалната терапија, на некои пациенти може да им биде од корист.

 

Суплементи: Постојат и природни препарати кои вклучуваат користење на специфични суплементи и фитотерапија, како што е екстракт од кверцетин, противвоспалителен агенс кој ја блокира почетната фаза на воспалителниот процес. Најмногу го има во црвеното вино, зелениот чај и лукот. Тоа е биолошки активно соединение со добро докажани антиинфламаторни особини.

 

Покрај тоа, употреба на екстракт од пчелин полен, коприва, цинк и брусница може да помогнат во спречување на настанување воспаленија или ублажување на веќе присутните тегоби.

 

Здрави животни навики: Лекувањето простатитис холистички вклучува балансирана исхрана, одржување оптимална телесна тежина, вежбање и усвојување на други здрави навики, како што е избегнување одредена храна, адитиви и хемикалии. Целосна палета на третманот го поттикнува имунолошкиот систем и не ги третира само симптомите, туку го напаѓа и изворот на простатитис, па со самото тоа се намалува и можноста за враќање на болеста.

 

 

Дали простатитисот е инфективен

 

Сексуалниот однос нема да го влоши простатитисот, но може да се почувствува болка во текот или после ејакулацијата. Иако често  е предизвикан од бактериска инфекција, обично не се пренесува на сексуалните партнери. Ретко, може да биде предизвикан од сексуално пренослива инфекција (STD) ― тогаш е потребен преглед од лекар.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>