Враќање на романтичната наметкаМарија Јоксимовиќ
Во минатото пелерината била неизоставно парче облека на европските аџии по кои го добила и името, подоцна станала статусен симбол на богатите и моќните, но и практична работна облека на војниците и медицинските работници, па не е необично што и уметниците сакаат да ги облечат своите суперхерои, како Шерлок Холмс, во оваа мистична, софистицирана, но и практична наметка
Модните креатори на облека за есен-зима 2017/2018 најавија враќање на пелерината, романтична и елегантна наметка, која не треба да се меша со пончо, иако на прв поглед личат, бидејќи пончото е фолклорна варијанта со сличен крој (нема ракави). Пелерината има долга традиција на отмено облекување, била и останала статусен симбол (ја носат кардинали, бискупи и папата), а ја користат и униформираните лица, како италијанските карабинери на кои им служи како практичен, водоотпорен мантил за дожд.
Пелерината ѝ прилега на секоја женска фигура, бидејќи во исто време ја прикрива и ја открива силуетата. Битно е убаво да паѓа и да е сошиена од некој природен материјал, како волнен штоф или кадифе, а ако е поставена тогаш тоа најчесто е некој свилен материјал, кој може да биде и во друга боја (на пример, силно црвена боја за црна пелерина). За разлика од капутот, кој знае да биде тежок, а понекогаш и крут, пелерината е топла, лесна и дава слобода на движењата. Во минатото поради тоа ја носеле витезите (сетете се на филмовите во кои коњаникот јуриша, а наметката му се виори на ветрот), а денес ја користат и војници и медицински лица, како дел од практична, работна облека за студ.
Мистична и практична
Историчарите на модата се согласуваат дека пелерината на секој кој ја носи му дава доза на мистика, но и софистицираност. Во неа дамите изгледаат отмено и испраќаат порака дека го негуваат својот личен стил на облекување, а мажите, кои денес поретко ја носат (работната облека не се смета), обично нагрнуваат пелерина во многу специјални, свечени прилики, кога сакаат да изгледаат екстравагантно и таинствено. Веројатно затоа пелерина имаат и професионалните магионичари кога настапуваат, но и автентичниот Шерлок Холмс, приватен детектив со бистар ум кого го оживеа британскиот писател и лекар Артур Конан Дојл. За разлика од магионичарите кои обожаваат црни пелерини, Шерлок Холмс носеше наметка со кариран принт.
За мистиката на пелерината, секако, придонесува и нејзиното потекло, бидејќи во текот на средниот век ја носеле аџии кои од сите делови на Европа оделе кон светилиштето на свети Јаков во шпанскиот град Сантијаго де Компостело. Етимолошки, зборот „пелерина“ води потекло од францускиот pellerin, шпанскиот peregrino, односно италијанскиот pellegrino, што значи аџија.
Софистицирана и лежерна
Денес пелерината се врати не само на светските модни писти на славните дијазнери на облека, туку и на улиците. Во зависност од материјалот од кој е направена, како и од украсите и должината, пелерината е одлично парче облека за сите прилики. Огрната преку вечерен фустан дава гламурозен изглед. Кога се носи над кошула, туника и панталони за секој ден, изгледа лежерно и опуштено. Ако е импрегнирана и има качулка, штити од дожд. Поставена со крзно или со волнена ткаенина, грее и во најголем студ.
Модните гуруа велат дека носењето пелерина го гради и модниот имиџ, бидејќи е женствена и шик, а дамите кои не се женираат да ја облечат во разни прилики изгледаат софистицирано и моќно. Едноставен, ѕвонест или овален крој на пелерината со изрези за рацете и качулка, ѝ дава фантастична универзалност. Уште ако е сошиена од природен материјал и неутрална боја, може да се носи со сè. Многу се практични и варијанти со две лица, комбинации на еднобојно и карирано, на пример, или само двобојни, на пример, црно-црвена. За есенските денови во 2017 година модните креатори предлагаат и пократки варијанти, до колкови, од трикотажа или плетени, сошиени од меки волнени штофови и кадифени материјали. Искусните љубители на пелерини истакнуваат уште една добра страна на оваа наметка, а тоа е дека облеката која се носи под неа никогаш не се тутка.
Закопчување
Пелерината е вид наметка која се закопчува со помош на украсен брош или игла, може да се врзува со ленти од свила и кожа, а попрактичните варијанти имаат копчиња или патент. Спаѓа во иста категорија како и пончото, кое води потекло од Јужна Америка, и за разлика од пелерината се става преку глава, бидејќи е обликувано како квадрат или правоаголник со изрез за главата во средина.
Историја
Етнолозите сметаат дека најстариот примерок на пелерина е, всушност, парче облека најдено во Алпите, околу 3000 години пр.н.е.
За време на Римското Царство пелерини носеле војниците, а им служеле и како подлоги за спиење.
Во 17 век биле популарни пелерини кои напред се подолги, а на грбот пократки, а целта им била да ги штитат од студ рамената и рацете.
Пелерината е омилена облека и на црковните достоинственици, а нејзината боја го означува статусот на оној кој ја носи.