Превенција со билни препарати и суплементиДушан Гољиќ
м-р по фармација
Уринарните инфекции се многу чести, со тоа што жените се шест пати посклони кон овие заболувања од мажите. Околу 150 милиони луѓе годишно се лекуваат од уринарни инфекции, кои се развиваат по продорот на бактерии во внатрешноста на уринарниот тракт. Најчесто тоа се бактерии од дебелото црево кои доаѓаат во контакт со мочниот канал, како што се Escherichia, Klebsiella, Campylobacter или патогени од надворешната средина како што се Streptococcus, Staphylococcus, Proteus, Pseudomonas и др. При пад на имунитетот на слузокожата доаѓа до нивно размножување во уринарниот тракт.
Уретритис: Прво доаѓа до уретритис (инфекција на мочното цевче), кое се карактеризира со чувство на печење при мокрење. Доколку не се лекува, може да се развие циститис (инфекција на мочниот меур), проследен со постојана непријатност и зачестени болни мокрења, а понекогаш е присутна и крв во урината. Ако бактериите напредуваат кон бубрегот, може да дојде и до пиелонефритис (инфекција на бубрегот), а симптоми се температура, треска, болка во долниот дел на ’рбетот, мачнина и повраќање.
Лекување: Уринарните инфекции се лекуваат со антибиотици според наодот кој го покажува антибиограмот на уринокултурата. Антибиотиците ги напаѓаат бактериите и ја олеснуваат нивната елиминација, но нивната честа употреба носи одредени ризици, како дијареја и појава на резистентни соеви. Во борбата против уринарните инфекции ефикасни се билни лекови и диететски суплементи. Може да се земаат паралелно со антибиотската терапија, а најпрепорачливи се како превентива.
Увиниот чај традиционално е познат како добар диуретик и билен уроантисептик, ефикасен е во терапија на упорни инфекции. Се препорачува три до четири шолји на ден. Контраиндициран е во бременост.
Лист од бреза, корен од магдонос, корен од глуварче и стебло од коњско опавче го стимулираат мокрењето и на тој начин го подобруваат исфрлањето на бактерии од мочниот меур и мочниот канал. Може да се користат поединечно или во вид на чај или, пак, комбинирано во фитопрепарати.
Американската брусница е моќен диуретик и уроантисептик. Се препорачува пиење чај или концентриран сок од брусница како лек, а во превенција е ефикасна и свежа брусница.
Босилек, камилица, хибискус, мајчина душица и липа имаат спазмолитично дејство на мазната мускулатура на уринарниот тракт, па често се наоѓаат во чајните мешавини наменети за лекување заболувања на мочниот меур.
Херба од златица и етерично масло од македонски анасон се моќни антисептици, но се препорачува нивна употреба само во рамките на стандардизирани содржини во билни препарати.
Диво оригано и планински чај се две слични билки, чиј лист има силно спазмолитично и уроантисептично дејство, а може да се консумираат во вид на чај, иако нивното дејство е појако ако се земаат во вид на концентрат (масло или екстракт).