Бременоста со причина се нарекува и „друга состојба“, бидејќи идната мајка доживува многу телесни промени, но и тегоби како што се мачнина, повраќање, пречувствителни дојки, замор, поспаност, несоница, запек, често мокрење и друго, кои не го загрозуваат нејзиното здравје, но важно е да оди на рутински контроли кај гинеколог, како и во оние ситуации кога има дополнителни прашања или здравствени проблеми
д-р Марија Коцева
гинеколог-акушер
ПЗУ Д-р Ложанковски, Скопје
Бременоста е период кога во телото на мајката се развива нов организам и кога се случуваат нормални физиолошки промени. Бременоста трае околу 280 дена, односно 40 гестациски недели, па важно е секоја трудница да се подготви за промените кои ќе се случат во нејзиното тело, кои понекогаш може да бидат и непријатни. Важно е идната мајка да знае кои тегоби се чести, како и тоа дека не се загрозувачки за неа и за плодот, и да научи како да си помогне во тие моменти.
Мачнини и повраќање: Два најчести симптоми во првиот триместар од бременоста се мачнина и повраќање. Повеќе од една третина од жените, најчесто наутро, но и во текот на денот, одвреме-навреме чувствува гадење и мачнини, а многу и повраќање. Овие симптоми може бидат последица на аверзија кон некоја храна или само кон мирисот на некоја намирница. Не е точно утврдено која е биохемиската причина за овие симптоми. Според некои теории, покачените серумски нивоа на хормонот BHCG може да бидат причина за овие тегоби. Мачнината и повраќањето се нормални, но трудницата мора да води сметка да не дехидрира доколку повраќа неколку пати на ден.
Стврднати и болни гради: Задршката на течности во организмот, како и порастот на големината на млечните жлезди, може да резултираат со тврди и болни дојки. Помагаат нежни масажи на градите со врвовите на прстите, со кружни движења, кои претходно треба да се намачкаат со хранлив крем или масло за тело.
Замор и поспаност: Најчестите причини за замор и поспаност во рана бременост се последица на зголемените нивоа на хормонот прогестерон. По завршување на првиот триместар од бременоста, овие симптоми се повлекуваат. Исто така, прогестеронот кој го излачува постелката во текот на бременоста предизвикува релаксација на мазните мускули во телото, што доведува до многу симптоми, меѓу останатите и до поспаност.
Често мокрење: Во рана бременост може да се јави зачестено мокрење, кое е последица од релаксираните мускули на уринарниот тракт. Како напредува бременоста, може да дојде и до уринарни инфекции, поради кои трудницата почесто мокри и чувствува печење при мокрење. За овие како и за други тегоби, треба без одлагање да се консултира гинеколог.
Запек и гасови: Последица на релаксираните цревни мускули се запек и гасови. Овие симптоми може уште повеќе да се влошат ако се земаат суплементи од железо во текот на бременоста, кои често се неизбежни. Помага консумирање намирници богати со влакна.
Болки во нозете: Грчеви во мускулите на потколеницата и болки во нозете, може да се јават во текот на ноќта, најчесто како последица од намалени резерви на минерали. На трудницата ѝ се препорачува консултација со лекар или фармацевт за оваа тегоба, како и користење на суплементи на минерали.
Отекување: Отоци на зглобовите, рацете, лицето почести се во вториот триместар од бременоста поради задршката на течности и забавена циркулација, односно намалена концентрација на плазма протеини. Отечени гингиви и гингиви кои крвават, како и затнат нос се последица на зголемениот проток на крв низ мукозните мембрани во носот и устата.
Пигментација на кожата: Најчесто пигментацијата на кожата се јавува по средишната линија која го поврзува папокот со пубичната коска, околу брадавиците од градите и на лицето (посебно челото или јаболчниците).
Прогестерон и естроген: Повеќето телесни промени кои се случуваат во рана бременоста се последица на зголемените нивоа на хормони, посебно прогестерон и естроген. Промените до кои доаѓа подоцна главно се од анатомска природа и се предизвикани од механичкиот притисок кој го создава зголемениот утерус.
Физиолошка анемија: Нормални физиолошки промени до кои доаѓа во бременоста се и зголемување на вкупниот волумен на крвта и бројот на еритроцити (црвени крвни клетки). Последица може да биде т.н. физиолошка анемија. Поради тоа многу е важно трудницата редовно да оди на рутински контроли кај својот гинеколог, кој ја следи нејзината здравствена состојба.
Тромбоза: Бременоста е физиолошки хиперкоагулабилна состојба (повеќето од факторите на хемостаза се зголемени), па и ризикот од тромбоза е зголемен. Избраниот лекар одлучува за тоа дали е потребно испитување на факторите на коагулација, што обично се прави во случаи кога трудницата има зголемен ризик од тромбоза и генетска предиспозиција за создавање тромб.
Тахикардија: Големи промени се случуваат и во кардиоваскуларниот и во респираторниот систем. Поради зголемениот волумен на крвта срцето е принудено да испумпува многу поголема количина на крв, па чести се и тахикардиите (забрзана срцева работа). Исто така, поради зголемена матка која ја поткрева дијафрагмата, идната мајка може да има чувство на краток здив, што не значи дека нема доволна количина на воздух и оксигенација.
Расположение: Чести се промените во расположението кај трудниците, како и несониците, кои може да бидат предизвикани од хормоните, но и од стравовите и предизвиците поради состојбата во која се наоѓа и идната родителска улога. Многу е важна поддршката и разбирањето на околината за нејзината „друга состојба“ и емотивната пречувствителност која се јавува одвреме-навреме.
Најважно е трудницата да оди редовно на закажаните контроли кај гинеколог, да се придржува на неговите совети и евентуална терапија, како и секогаш да му се обрати во ситуации кога има дополнителни тегоби, дилеми и прашања.
Исхрана и суплементи
Во тек на бременоста се препорачува исхрана богата со протеини, влакна, витамини и минерали: овошје и зеленчук, месо, интегрални намирници, млечни производи. Не се препорачува „живо“ месо, млади сирења, морска храна, бидејќи се потенцијални извори на Listeria и Salmonella.
Oд суплементи пред забременување, како и во тек на првиот триместар, се препорачува фолна киселина, за што треба да се посоветувате со лекар и фармацевт. Употребата на суплементи од железо не е задолжителна, туку според индикација (доколку е ниско серумското ниво).