Фармацевти
Контакт

<< Назад

Синдром на согорување

декември 1, 2017

Последица на долготрајна изложеност нa стресBurnout или синдром на согорување се манифестира со чувство на празнина и безнадежност, па препознавањето на раните симптоми е многу важно за превенција на целосен развој на ова пореметување, кое не настанува преку ноќ, туку се развива во тек на подолг временски период доколку не обратиме внимание на предупредувачките сигнали

 

д-р Александар Ристески

психијатар

Ординација по психијатрија – Лазарус

Burnout или синдром на согорување е комплексна психолошко-медицинска состојба која во современото општество добива размери на епидемија. Го карактеризираат физичка, емоционална и ментална исцрпеност, страв, деперсонализација, неспособност за извршување на личните и професионалните активности.

Синдромот на согорување не се смета за болест, туку за состојба која е реакција на долготрајна изложеност на стрес, која како резултат има намалена отпорност и ниско ниво на виталните ресурси. Лицето кое страда од синдромот на согорување е многу ранливо во однос на предизвиците на околината. Сето тоа придонесува за влошување на веќе постоечките и развој на нови заболувања и пореметувања, различни соматски компликации, како што се подложност на инфективни болести, повреди, бавно зараснување на рани, главоболки, болки во грбот или мускулите. Забележано е и отежнато функционирање во меѓучовечките односи, заборавеност, експлозивност, грубост, пречувствителност на надворешни влијанија (бучава, светло, мириси), негативен став кон работата, бесчувствителност, ригидност, постојана окупиранот со професионални обврски, чувство на неадекватност, немоќ и безнадежност. Доаѓа и до семејни конфликти, распаѓање на пријателства, развод, сериозно нарушување на здравјето.

Препознавање на синдромот

За да дознаете дали сте и вие жртва на синдромот на согорување, поставете си ги следните прашања: Дали сте станале циничен на работа? Дали имате проблем да почнете со работа? Дали засилено ве иритираат колегите и клиентите? Дали чувствувате хроничен недостиг на енергија и сила да бидете продуктивни? Дали се чувствувате потценето и немоќно? Дали имате чести главоболки, инфекции, болки во грбот и други физички тегоби?

Физички знаци: Градна болка, срцева аритмија, замор, намален интерес за секс, лошење, стомачни тегоби, чести настинки, напнатост и болка во мускулите, главоболки, претерано потење, епизоди на брзо и плитко дишење, губење на апетитот или претеран апетит, пореметување во спиењето и друго.

Психички знаци: Чувство на беспомошност и фрустрации, чувство на вина и тага, немоќ, губење на самодоверба, неодлучност, негативни мисли, проблеми со меморијата, претерана загриженост, иритабилно расположение и друго.

Самопомош

Не чекајте „сè да ви се собере“ туку, веднаш штом ќе ги почувствувате првите симптоми на burnout потрудете се да ја погледнете  пошироката слика. Работните места се променливи, а вашите пријатели, фамилија и здравје е она што треба да се чува. Ако вашите  претпоставени имаат нереални очекувања од вас, почнете да размислувате за друго работно место, на кое во помала мера би се изложувале на стрес.

Релаксирајте се. Ако чувствувате дека стресот само се зголемува, направете пауза, прошетајте, одморете се, слушајте музика која ја сакате. Физичката активност прави чуда – изберете некој рекреативен спорт и посветете му се три пати во неделата.

Зборувајте за вашиот проблем со оние кои ви се блиски, тоа може да ја намали вашата напнатост. Веќе самото сознание дека некој ве разбира го намалува нивото на стрес. Не заборавајте на хуморот. Смејте се. Обидете се да не ги сфаќате работите премногу сериозно, пронајдете начин да го прекинете чувството на напнатост со добра шега и смеење.

Имајте реални очекувања. Ако нашите цели не се реални, чувството на неуспех расте, а стресот се интензивира. Не се замарајте со ситници, не ги преувеличувајте. Градете позитивни ставови. Негативноста ја црпи енергијата и ја уништува мотивацијата. Наградете се за сопствените достигнувања со музика, прошетка, вечера со пријатели. Ако не успеете сами да си помогнете и забележите дека симптомите се множат и влошуваат, посетете  стручно лице.

Лекување

Благодарение на подоброто разбирање на синдромот на согорување и унапредените терапевтски техники, денес burnout успешно се лекува. Обично третманот се состои од 12 до 15 средби со терапевт, на кои се испитува кои фактори довеле до ваквата состојба. Еден од фокусите на терапијата е промена на „дисфункционалното размислување“ (на пр., јас морам многу да работам, инаку ќе ме сметаат за некомпетентен, неспособен, нема да добијам унапредување или подобра плата итн.). Се разгледуваат и ризик-факторите на работното место, како и семејните односи. Многу е важно заболениот што побргу да се врати на своите редовни активности и обврски – ако е можно веќе во текот на траењето на терапијата. Поранешниот пристап, според кој пациентот со месеци бил неактивен и отсуствувал од работа „за да дојде при себе“ се покажал за неефикасен.

Синдромот на согорување му порачува на заболениот дека западнал во животен ќор-сокак и укажува на одредени животни грешки и погрешни избори. За надминување на оваа тешка психофизичка состојба потребни се и промени на некои навики. Важна е физичката активност, како и внесување на нутритивно богата храна (овошје, зеленчук, риба), но, исто така, и земање доволни количини течности.

Burnout

Автор на терминот burnout е американскиот психолог Херберт Фројденбергер (Herbert Freudenberger), кој прв го употребил во 1974 во својата книга Согорување: висока цена на високите достигнувања (Burnout: The High Cost of High Achievement). Го дефинирал како „одумирање на мотивација или поттик, особено кога посветеноста на целта не ги дава саканите резултати.“

И покрај некои несогласувања на значајни автори по прашање на овој проблем, стручната литература се согласува дека burnout настанува како резултат на изложување на долготраен стрес и недоволно време за одмор и заздравување. Одредени црти на личноста како што се перфекционизам, пренагласено чувство на одговорност и амбициозност претставуваат фактор на зголемен ризик. Последниве години сè почесто во процесот на настанување на burnout се сомнева и на одредени биохемиски фактори. Имено, пореметувања на невротрансмитерите кои доведуваат до ниско ниво на серотонин во мозокот би можеле да придонесат за развивање и влошување на симптомите.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>