Фармацевти
Контакт

<< Назад

Качување по лед

јануари 1, 2018

Адреналин на заледени стрмни карпи и водопадиМирко Миловановиќ

Качување покрај Нијагарските Водопади, глечерите на Килиманџаро или некоја друга дестинација изискува исклучителна психофизичка способност, знаење на различни техники како систем на врзување, а и умеење за препознавање на особините на ледот на делница која се совладува

Како што слободното или спортското качување (free climbing) се развило од алпинизмот, така што се променила целта (алпинистите освојуваат врвови, а спортските качувачи освојуваат на прв поглед несовладливи делници во карпи, мазни, вертикални итн.), така и качувањето по лед настанало од потреба да се поместат границите на можното.

За качување по лед, или ice climbing, обично се одлучуваат веќе искусни качувачи по карпи и стрмни карпи. Овој екстремен спорт е многу опасен и не се препорачува на  почетници и рекреативци без сериозна поддршка од искусни колеги и завршен курс по алпинизам, а и тогаш само на помалку изискувачки и веќе испробани делници или на вештачки ледници направени за таа цел. Покрај исклучителна физичка подготвеност и кондиција, качувањето по лед подразбира искуство и различни знаења – од правилен избор и одржување на опремата до бројни техники, како што се управување со системите на јажиња, осигурување, врзување, закотвување и сл.

Безбедност

Иако качувањето по замрзнати карпи и водопади спаѓа во високоризични, екстремни спортови, повредите не се толку чести, со оглед на тоа дека на оваа адреналинска активност се одлучуваат луѓе со повеќегодишно искуство во алпинизмот и спортското качување, психолошки стабилни и во перфектна кондиција. Исто така, во овој спорт не постои ривалство помеѓу различни клубови, па качувачите негуваат меѓусебна солидарност која често им го спасува и животот. Правилото е качувачот, всушност, да се натпреварува сам со себе и своите можности и граници кои се обидува да ги помести, како и при освојување на целта да  нема метеж и бука за да се одржи концентрацијата и вниманието на високо ниво.

Лед и опрема

Искусните качувачи велат дека убавината на ледот е во тоа што дури едно исто место на кое одново се качувате секоја година е поинакво. За да се совлада зацртаната рута, покрај вештината неопходна е и опрема, која на прв поглед личи на оружје на средновековен витез. Неа, пред сè, ја сочинуваат цепини, кои служат за копање скали во лед и фиксирање на површината. Потребно е да имаат ергономска дршка за  подобро да лежат во рака, а, кога се носат во ранец, мора да имаат гумена заштита поради острите делови.

Задолжително е носењето на заштитна кацига или шлем, кој мора да биде закопчан под брадата, инаку ја губи целта во случај на незгода (пад, удар, одрон), затоа што паѓа од глава. На добар шлем може да се монтира челна ламба, а тој има и нагодување за ширината на главата, со тоа што при избор на големина треба да се има на ум дека во зимски услови под него се носи дебела капа.

Појасот е задолжителен дел од опремата на секој качувач,  па така и на оној кој се качува по стрмни карпи заковани со лед. Важно е да може да се нагодува (поради слоевитата облека во зимски услови) и секогаш се става преку последното парче облека, затоа што така може во секој момент да се работи со јажето и останатата опрема.

Дерези се ставаат на чевлите и го олеснуваат движењето. Се прават од лесни легури на метал со висока цврстина, отпорни на временски услови, а, доколку се употребуваат повеќе години, можат да се оштетат, што може да биде многу опасно.

Во опремата влегуваат и очила со затемнети стакла кои ги штитат очите од надворешни влијанија (т.н. „глечерки“) и ски-очила, кога времето е исклучително лошо, снежно и ветровито, како и повеќеслојна, водоотпорна облека.

Оценување

Качувањето покрај замрзнати водопади и слапови се оценува со ознаки од WI1 до WI8 (WI е ознака за water ice). На тежината на качувањето влијае висината и стрмноста на замрзнатиот водопад, а се зема предвид и дали слапот може да се урне.

Убавината на ледот

Качувањето по замрзнати површини содржи и елементи на акробатика, па ни малку не е необично тоа што ice climbing во очите на набљудувачот личи на модерен балет во кој „играчите“ тргнуваат врзани со јажиња. Искусните качувачи велат дека секое качување е неповторливо доживување. Кога на тоа ќе се додаде чувството на солидарност кое екстремните спортисти меѓу себе го негуваат, јасно е зошто качувањето по лед секоја година има сè повеќе поклоници. Во природата на човекот е да ги поместува границите на своите можности, а ice climbing е еден од начините на кои тоа може да се стори.

Видови качување

Качувачите го делат ледот на алпски и воден. Алпскиот се однесува на лед во планините (на пр., замрзнати карпи и падини), а воден на замрзнати водопади и слапови. Самиот лед, исто така, се класифицира како мек, тврд или кревок. Секој кој се занимава со овој вид спорт треба да биде во состојба да ги процени временските прилики, тежината на рутата, видот на ледот и сл. Поради тоа помалку искусните качувачи секогаш одат во група која ја водат оние со многу искуство и знаење. Се подразбира дека и едните и другите се во добра кондиција и психофизички подготвени за оваа неверојатна авантура.

Качување покрај Нијагарските Водопади

Качувањето покрај замрзнатите Нијагарски Водопади е голем предизвик за сите кои се качуваат по лед. Еден од оние кои во својата спортска биографија го имаат забележано и овој потфат е реномираниот ајс клајмбер Вил Гад, за што постои и документирана Јутјуб снимка (Ice Climbing Frozen Niagara Falls - Will Gadd's First Ascent). Документарецот прикажува и како изгледа планинарењето, подготовката и тренингот за вакво качување, а и што сè може да тргне по лош и непредвидлив пат.

Вил Гад, кој се качувал и на глечерите на Килиманџаро, е прв човек во светот кој пред три години се качил покрај замрзнатите Нијагарски Водопади, на северниот дел наречен Потковица (46 м). „Качувањето по Нијагарските Водопади е неверојатно искуство. Дебелината на ледот е секаде поинаква ‒ некаде беше 2,5 сантиметри, а некаде дури три метри ‒ па секој чекор е поинаков“, изјавил тој во една прилика.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>