Во земјата на џуџињата, ирвасите и вилитеВесна Кнежевиќ Ќосиќ
Вратата на Лапланд, како што Финците го нарекуваат селото на Дедо Мраз кое го изградиле во волшебен пејзаж блиску до Поларниот Круг, секоја година привлекува огромен број на туристи кои уживаат во сафари тури по снег и лед, возење со санки со запрега од кучиња и поларни ноќи
Иако популарната бајка за Дедо Мраз е планетарно раширена и живее многу векови, никој не знае точно каде е татковината на оваа добра митска личност, која според легендата живее со ирваси, џуџиња и вили, а на премин од стара во нова година носи подароци на сите деца во светот.
Норвежаните тврдат дека Дедо Мраз живее на нивна територија, во местото Дробњак, а Данците се убедени дека е населен на Гренланд, во близина на островот Уманака. Канаѓаните, исто така, го присвојуваат и објаснуваат дека имаат дури и поштенски број од неговата куќа (H0H H0H), која, секако, се наоѓа во нивната држава. Русите исто сметаат дека е „нивни“, дека живее на руска територија, во местото Велики Устјуг. За да го убедат светот дека татковината на Дедо Мраз е САД, Американците едно гратче на Алјаска го нарекле Норт Пол (North Pole – Северен Пол) и направиле од него туристичка атракција, ослонувајќи се на легендата според која оваа митска личност живее на Северниот Пол. Финците велат дека секој знае дека „никој, па ни Дедо Мраз, не живее баш на Северниот Пол“, туку „во близина“, т.е. во северниот дел на Финска, во Лапонија.
Селото на Дедо Мраз
Забавниот парк, односно селото на Дедо Мраз, Финците го изградиле на работ на арктичкиот круг, па затоа и го нарекуваат „Врата на Лапонија“. Селото е сместено во чудесен амбиент од стогодишни четинарски шуми. Во близина е мистичната, во поголем дел од годината заледена река, како и познатата „Ушеста Планина“. Планината Корвантунтури ова необично име го добила поради специфичниот изглед кој потсетува на глава со огромни уши. Според една лапландска легенда, Ушестата Панина му помага на Дедо Мраз подобро да ги слушне желбите на децата во светот, а другата легенда вели дека во внатрешноста постојат и многубројни пештери во кои живеат џуџиња и вили задолжени за правење играчки.
Секоја година ова место го посетуваат голем број туристи, не само поради легендата за Дедо Мраз туку и поради прочуените поларни ноќи, кои траат од средината на декември до почетокот на јануари, како и поради спектакуларните игри на светлина познати како аурора бореалис („северна зора“). Според скандинавскиот мит, оваа светлина ја прават лисиците така што со опашките удираат по снегот и предизвикуваат појава на искри. За нестварниот амбиент придонесуваат и непрегледните стада од ирваси, но и хаски кои ги влечат санките.
Вратата на Лапонија, или селото на Дедо Мраз, оддалечено околу две илјади километри од Северниот Пол, го проектирале во средината на минатиот век угледни фински архитекти од здружението Arrak Group, реализирајќи го како етно гратче составено од романтични дрвени куќи украсени со светлечки лампиони, прапорци и ѕвончиња. Во селото во 1986 година е изградена и пошта на чија адреса стигнуваат огромен број писма од целиот свет, како и „канцеларијата“ на Дедо Мраз, во која вработените, костимирани во Дедо Мраз и вили, секојдневно одговараат на поштата, но и ги примаат сите оние кои дошле усмено да му ги кажат своите новогодишни желби. Според некои статистики, најмногу пошта наменета за Дедо Мраз стигнува токму во Финска (околу 90 %), и тоа од околу 150 земји од светот. Пред неколку години Финците ги инвестирале парите и изградиле дополнителни хотели, ски-лифтови и шопинг центар во Рованиеми, па стотина илјади туристи навистина имаат богата понуда за забава, уживање, одморање и рекреација.
Академија за џуџиња
Финското село на Дедо Мраз веќе со децении е необично привлечно за туристите, па ни малку не чуди тоа што во блискиот град Рованиеми е организирана и специјалистичка Академија за џуџиња. Во ова необично училиште се едуцираат „Џуџиња на Дедо Мраз“, кои по завршувањето на школувањето се оспособени да раскажуваат приказни, бајки, легенди и митови за ледената земја, и тоа на повеќе јазици. Учесниците имаат и курсеви за убаво пишување, учат економија и екологија, стекнуваат знаења за флората и фауната на Лапонија, но и многу вештини специфични за преживување во дивината, како, на пример, да запалат оган во снегот.
По завршувањето на школувањето „Џуџиња на Дедо Мраз“ се вработуваат како туристички водичи, продавачи во продавницата на Дедо Мраз, или како помошници во поштата, каде што со убав ракопис одговараат на пристигнатите писма. Се смета дека на „работата на Дедо Мраз“ работат повеќе од 500 квалификувани „џуџиња“, кои професионално ги организираат турите како што се, на пример, Арктичко сафари и гледање на поларната светлина. Со нив посетителите на ова необично место можат да се возат со санки кои ги влечат ирваси или кучиња, да ги дегустираат локалните гастрономски специјалитети или да учествуваат во некоја друга волшебност, специјално подготвена за нив.
Писма до Дедо Мраз
Американската пошта одговара на писмата на Дедо Мраз од 1912 година, а Здружението на светските поштари тврди дека Дедо Мраз и понатаму добива повеќе класични писма отколку електронска пошта. Иако на секое плико не ја пишува секогаш точната адреса, а огромен број писма се адресирани со зборовите „Дедо Мраз, Северен Пол“, многу национални пошти развиле цели служби кои одговараат на нив.
Вистински и можно
Кога ќе се земат предвид временските зони и ротацијата на планетата, Дедо Мраз има малку време, затоа што целата работа околу делење на подароците ширум планетата мора да ја заврши за околу 31 час. Според таа пресметка, за да стигне до 108 милиони куќи во кои живеат деца, мора да посети 967,7 куќи во секунда. Со други зборови, Дедо Мраз има точно еден илјадити дел од секундата да го остави секој подарок под елката, да влезе во санката и да дојде до следната куќа. Математичарите пресметале дека брзината на санките на Дедо Мраз е околу 1080 км/с. Товарот на санките е посебна приказна. Ако секое дете добие само една кутија Лего коцки со средна голема, што е околу 860 грама, тогаш вкупната маса на товарот на санките на Дедо Мраз изнесува околу 500 000 тони. Меѓутоа, по тлото, еленот не може да влече повеќе од 138 кг. Ако се претпостави дека летачките елени на Дедо Мраз можат да повлечат 10 пати повеќе, повторно би му требале околу 360 000 летачки елени да ги повлечат санките.