Фармацевти
Контакт

<< Назад

Болно грло

јануари 1, 2018

Терапија на растителна базаДушан Гољиќ

м-р по фармација

Болното грло е чест симптом во текот на поладните денови. Влажниот и тежок воздух ја иритира слузокожата на дишните органи, а ослабениот имунитет ја отвора вратата на вирусните и бактериските инфекции. Понекогаш, зимските денови почнуваат со симптоми кои, наизглед, се развиле во текот на ноќта. Тогаш пиеме топол чај и размислуваме како да ја ублажиме непријатната болка во грлото.

Болното грло е последица на воспалени површински слоеви на слузокожата на грлото, а воспалителните реакции резултираат со оток и црвенило. Голтањето е отежнато, а може да го следат зарипнатост и сува, реактивна, кашлица. Се јавува како реакција на ткивото на ладен водух, консумирање ладни напитоци, алкохол и цигари. Болката во грлото настанува поради бактериски и вирусни инфекции на горниот респираторен тракт, кои можат да бидат проследени со висока температура, слабост, кивање и кашлање.

Локална терапија: Кога болното грло е единствен симптом на инфекција, најдобро е да се лекува со локална терапија. Можеме да ја добиеме од фармацевт во вид на спрејови, сирупи, раствори, чаеви или лековити облици за топење во устата (ориблети, лозенги, пастили). Терапијата на растителна база е безбедна и многу ефикасна.

Бел слез: Лесно воспаление на грлото, проследено со сува кашлица, успешно се лекува со препарати од бел слез. Екстрактот од ова растение ја обложува надразнетата слузокожа со лековити слузи кои го намалуваат воспалението и го смируваат надразнувањето на кашлицата. Може да се користи повеќе пати дневно, а е безбеден за деца и трудници.

Исландски лишај: Кај сувата кашлица која е проследена со блага зарипнатост се препорачува и употреба на препарати на база на исландски лишај. Безбеден е за деца и трудници, а големата тераписка ширина дозволува повеќекратна примена во текот на денот.

 Липа, мајчина душица, босилек, камилица, ајдучка трева: Се препорачуваат за блага но долготрајна болка. Со своите противвоспалителни и спазмолитички својства го релаксираат грлото и го олеснуваат голтањето. Можат да се најдат во вид на поединечни препарати или чајни мешавини.

Жалфија: Најчесто се користи за црвено, иритирано грло, настанато како последица на симнување на секретот од носот или кивавица. Се препорачува внимание кај деца и трудници.

Прополис: Препаратите со прополис се благотворни поради своето антисептичко и имуностимулативно дејство. Најефикасни се во вид на спреј, сируп, капки или пастили, во чии формулации има шеќер, затоа што такви комбинации прават долготраен антисептичен филм на болното место. Прополисот може да се најде во комбинација со лековити растенија како што се тегавец, ехинацеа, жалфија, мента. Неопходно е внимание кај оние кои имаат алергија на производи од пчела.

Тимијан, мента и евкалиптус: Овие растенија имаат антисептичко дејство и го чистат грлото од потенцијални инфективи, го опуштаат и го намалуваат воспалението. Имаат и инхалациско дејство, ги чистат горните дишни патишта и го одзатнуваат носот. Тимијанот и евкалиптусот можат да ја иритираат слузокожата на желудникот, па на чувствителни лица им се препорачува внимание.

Совет: При користење на препарати кои дејствуваат локално на слузокожата на грлото не е препорачливо да се јаде и пие минимум 30 минути по употребата. Во спротивно терапијата е помалку ефикасна.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>