Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, Јануари 2018

јануари 1, 2018

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/12/betty_mk_januar_no47-web-1.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]Jелена ЈовановаСакав да бидам сликар, актерството дојде случајноBroj 46, јануари 2018Бојана Симоновиќ

Најмладата актерка од Македонија која била дел од холивудска филмска продукција, Јелена Јованова, ексклузивно за BETTY магазин говори  за тоа како ѝ се отворил патот кон интернационалната кариера. Јелена која периодов на малите екрани е актуелна преку ликот на Милена, депресивна и манипулативна девојка од серијата „На терапија“, открива како таа ја доживеала и ја пренела оваа улога која ѝ донела голем предизвик. Јованова периодов снима и филм од шпанска продукција каде толкува главна улога на шпански јазик. Младата успешна актерка говори и за улогата на Есма во филмот на Анџелина Џоли во „Во земјата на крвта и медот“, која ја смета за едно од најголемите достигнувања во својата кариера. За 2018 Јелена најавува нови забавни проекти...

BETTY: Вие сте еден од главните ликови од ТВ-серијата „На терапија“ која периодов е актуелна во македонскиот етер. Како Вие ја доживеавте улогата која ја толкувате и какво е искуството да се работи со една таква екипа на квалитетни македонски актери меѓу кои е и Никола Ристановски?

Милена е 30-годишен анестезиолог. Анксиозна, депресивна, пресметлива и често манипулативна девојка. Свесна за сите свои атрибути, забавна и кога не смее. Емотивно нестабилна, осамена, но и многу искрена и ранлива. Откако прерано ја губи мајка ѝ, останува да се грижи за депресивниот татко. Родителот станува дете, а детето прерано родител. Kомплексен лик и тотално различен од мене. Но, затоа, пак, предизвикот беше поголем. Како актер ја имаш можноста да бидеш во многу поинакви чевли од твоите и да го гледаш светот од поинакви страни. Никола често знаеше да ми каже на сет како лицето и телото ми се менуваат кога ќе се вклучи камерата и ќе заживее Милена. А таквите трансформации и барањето на моментот на вистина во секоја од нив е она што ја прави мојата работа непроценливо убава. „На терапија“ е проект кој беше и ќе остане еден од најпредизвикувачките за мене. Го работев во период на тотално позитивен хаос паралелно со уште 3 други проекти. Публиката на крај секогаш го гледа само резултатот, додека процесот на работа и создавање останува најчесто само наш. Во овој процес се борев со себеси секој ден, растев, рушев стравови со кои се соочував за време на секое снимање. Подготвував епизода во буквално три пати помало време од моите колеги стравувајќи дека нема да испливам, дека нема да пренесам ниту достојно да допрам таму каде што треба. Неизмерно ми е драго дека се случи спротивното. Но, ликот на Милена не е само мој. Не можеш да бидеш добар ако немаш добро сценaрио, добар режисер и добар партнер. Бескрајно сум му благодарна на Вардан Тозија кој веруваше во мене и ме водеше  низ целава приказна и, секако, на Никола Ристановски.  Искрен, несебичен, пред сè, човек и актерски партнер каков што само можеш да посакаш.

BETTY: Ќе ја толкувате главната женска улога во шпанскиот филм Еl desentierro на Начо Руиперез. Тешко ли беше да го совладате шпанскиот јазик и да се подготвите за снимањето на филмот?

El Desenetierro е шпански трилер во режија на Начо Руиперез, млад режисер за кој  верувам допрва ќе слушате. Ликот кој го играм се вика Вера. Не смеам да зборувам  многу за филмот, само ќе кажам дека таа ја носи  неговата есенција и вистината по која се трага 20 години. Среќна сум што имав шанса да бидам дел од оваа приказна и се надевам ќе имаме одличен филм.  Да се научи и игра на шпански во така краток период не беше лесно, но верувајте беше многу забавно.

BETTY: Вие сте и најмладата македонска актерка која се појавила во холивудска продукција. Овој успех го постигнавте играјќи во филмот „Во земјата на крвта и медот“, режисерското деби на Анџелина Џоли. Како е да се глуми под режисерската палка на Анџелина Џоли?

Од снимањето на „Во земјата на крвта и медот“ поминаа добри 6 години, а од тогаш до сега многу работи се сменија благодарение на него. Сум зборувала на оваа тема многупати и сето тоа што веќе сум го кажала во најголеми и заслужени суперлативи за Анџелина, како човек и како режисер, ќе остане да вреди и понатаму. Нескромно би си посакала некоја нова приказна во иднина пак да нè спои. Непроценливо и незаборавно искуство.

BETTY: Според делата кои говорат за Вашата кариера, очигледно е дека со голема љубов пристапувате кон актерството, дали отсекогаш знаевте дека ќе бидете актерка?

Актерството стана мој животен повик случајно... или, пак, ништо не е случајно. Сакав да бидам сликар и дури се убедував себеси дека ќе научам да сликам и ќе запишам ликовна академија, почнав да подготвувам претстава. Таа претстава ми донесе награда за најдобар млад актер, а верувањето во одлуката на тогашното жири ме донесе овде каде што сум. Сакам да верувам дека сум на вистинското место.

BETTY: Која улога која досега сте ја толкувале ја сметате за Ваш најголем успех?

Онаа што дефинитивно донесе промени, отвори нови врати, ги засили моите аспирации и ја направи интернационалната кариера подостижна, дефинитивно е Есма, односно „Во земјата на крвта и медот“.

BETTY: Со оглед на Вашите години, можете гордо да застанете зад сè што сте направиле во Вашата кариера до сега, но што е предизвик за Вас во иднина?

Да го работам ова што го работам. Чесно, професионално, посветено и искрено. Да опстојам во оваа професија во која ништо не е загарантирано, посебно како жена. Да работам на проекти кои поставуваат битни прашања. Такви што ќе направат и ќе помогнат  некому да сфати и да знае дека не е сам. Во време на  отуѓеност и себичност, таквото чувство е неопходен подарок.

BETTY: Одлично се покажавте и во танцувањето преку шоуто „Танц со ѕвездите“, колку танцот за Вас претставува пасија?

„Танц со ѕвездите“ беше забавно и повеќе од потребно искуство. Базата што  започнав да ја градам таму беше од пресудна помош за мјузиклот „Чикаго“. Поради „Чикаго“ запишав џез танц школа која, пак, ме одведе до ново џез-кабаре во Загреб кое се играше долго и успешно. А верувајте, воопшто немав такви очекувања кога со две леви нозе го одиграв првото танго во шоуто.

BETTY: Што може да очекуваме од Вас на професионален план во 2018?

Не знам точно, но ветувам ќе биде забавно!

BETTY: Постојано сте во движење на релација Скопје-Загреб, а во моментов и Валенсија, колку ваквото динамично живеење Ви годи?

Да го работиш тоа што го сакаш во денешно време стана вистински луксуз. Да не зборувам, пак, за благословеноста тоа да го уживаш на неколку различни пазари. Да се жалам на таквото темпо на живот би било неблагодарно. Можам само да бидам среќна за сите препознаени и искористени пет минути што животот ми ги донел и за оние што допрва ќе се судрат со мене.

BETTY: Со оглед на Вашето темпо на живеење сигурно имате малку слободно време, како најдраго го поминувате она слободно време кое го имате?

Непогрешливо добро друштво се добра книга, претстава, филм или серија. Со музика и квалитетно вино, пак, никогаш не си сам и изненадувањата се неизбежни. Ме радуваат патувања и во последно време на мета е Хрватска. Секој слободен момент  е можност за  откривање на  места на кои никогаш не сме биле. Ако не сум во Македонија, денот може да помине и на Скајп со моите родители и веќе усовршен џибриш со моите внуци.

BETTY: Колку Вашиот динамичен стил на живот Ви дозволува да живеете здраво?

Не сум љубител на теретани ниту, пак, на строго дефинирани начини на исхрана. Секоја чест на оние кои успеваат во тоа, јас просто немам дисциплина од тој тип. Кога имам слободни утра знам да се впуштам во џогинг или брзо пешачење, а и тоа е почесто инцидент отколку систем. Она што се трудам и што ми е најважно е да почувствувам што точно организмот ми бара и истото да му го дадам.

BETTY: Која е Вашата порака до читателите на BETTY магазин во Новата 2018 година?

Храброст да посакаме и истрајност да го оствариме!

 

 

 

 

 

 

 

 

[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/12/betty_mk_januar_no47-web-11ap.jpg" image_size="full" align="center"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>