Во тетовското село Лешок, надалеку познато по извонредната природа и чистиот воздух, можете да го посетите манастирскиот комплекс и гробот на Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, да дознаете нешто за историјата на овој крај, но и да поминете неколку дена во мир и спокој престојувајќи во манастирските конаци
Многумина за Лешок велат дека е едно од најубавите и најздравите места во нашата земја. Сместен на југоисточната страна на Шар Планина, на надморска висина од 610 метри, Лешок е најстара населба во Полог. Се споменува на почетокот на
средниот век како градска населба под името Леген Град. За него сведочат археолошките остатоци, од кои најпознато е
Лешочкото Кале. Со оглед на извонредните природни услови, јасно е зошто токму овде пред повеќе од илјада години се населиле првите жители. До селото се стасува по кривулест асфалтен пат што се двои од магистралниот пат Тетово-Јажинце, на 8 километри од Тетово.
Во природен амбиент во т.н. Горен Лешок се наоѓа Лешочкиот манастир, најголем духовен центар во Тетово и околината. Комплексот ги опфаќа црквите Свети Атанасиј и Света Богородица, гробот и спомен-собата на Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, еден од најпознатите македонски преродбеници од 19 век, како и параклис посветен на светите Кирил и Методиј.
Манастирот е основан во
1321 година од страна на
епископот полошки Антониј. Комплетното заживување добива со доаѓањето на Кирил Пејчиновиќ од
Света Гора, во
1818 година, кога се обновени манастирските конаци и е основана манастирската библиотека. Тоа е време кога Лешок прераснал во книжевен и просветен центар.
Свети Атанасиј
При влегувањето во манастирскиот комплекс вниманието ви го привлекува најголемиот објект, главната манастирска црква Свети Атанасиј, возобновена од егуменот Серафим во
1924 година. Била изградена во многу убав стил со три куполи, една централна и две на пронаосот. На десната купола вградена била камбанарија. Црквата со прекини била градена 10 години. Живописот е од икони и фрески изработени со донации на православни христијани од регионот. На северниот и на јужниот ѕид се наоѓале подарени фрески, изработени од зографот
Теодос Колски од
Скопје во
1962 година. Отогаш па досега ја зографисувале повеќе зографи, поради што фреските се разликуваат по својот квалитет. Во олтарот на чело на престолот се наоѓал монументален голем крст изработен од камен
оникс. Интересно е тоа што над влезната врата се наоѓале две фрески, едната на свети Атанасиј, а втората била безимена. Патрониот празник на црквата е
Атанасовден Летен на
15 мај секоја година.
Успение на Пресвета Богородица
Старата манастирска црква посветена на
Успението на Пресвета Богородица се наоѓа во југоисточниот дел на манастирскиот двор и е една од најстарите добро сочувани цркви во
Полог. Во самата црква има големо богатство од фрески, мајсторски компонирани во просторот така што не е оставен ниту еден празен дел. Насликани се многубројни ликови на светители, маченици и ангели. Важи за една мала богата галерија, единствена во Полог.
Според историски извори, црквата е подигната врз постаро култно место во византискиот период кога Лешок бил градска населба. Била приклучена кон
Охридската архиепископија во
1019 година од страна на Василије, заедно со градот Леаскумцосу, како што тогаш го нарекувале Лешок. Црквата се споменува и во
1326 година, а била возобновена во
1641 година и живописана во
1646 година. Постојат сведоштва за нејзино повторно и делумно обновување во
1879 година. Со изградбата на новата манастирска црква Св. Атанасиј и нејзино осветување во
1936 година, оваа црква повеќе не се користела за богослужби и почнала постепено да се запушта, па во 50-тите години на
20 век е извршена градежна интервенција за да не дојде до поголеми оштетувања. Западниот ѕид е ѕидан со разновидни камења. Над влезната врата има мермерна овална розетка, релјефно декорирана, на јужната страна има четири квадратни прозорци и еден над влезната врата. На јужната страна од
олтарот има врата. Црквата се наоѓа 80 см во земја.
Параклисот во манастирот посветен на светите
Кирил и Методиј е изграден од
игуменот Езекил. Се наоѓа во самите манастирски конаци, во посебна просторија.
Вниманието на посетителите го привлекува и старата градба на Св. Атанасие лоцирана над селото, локално позната под името Стар манастир. Се наоѓа на половина час одење од
Лешок покрај патот што води кон селото
Брезно. Црквата е изградена во
14 век, денес е во многу лоша состојба. Некогаш оваа главна манастирска црква била духовен, правен и културен центар во долнополошкиот крај.
Историјата бележи дека манастирскиот комплекс бил повеќе пати разурнуван. Во македонската култура се користи терминот „сардисување“ и тоа е опеано во песната „
Сардисале Лешочкиот манастир“. Првото сардисување се случило во
1710 година, кога турски
јаничари го нападнале манастирот. Монасите се разбегале и манастирот останал напуштен и празен сè до доаѓањето на
Кирил Пејчиновиќ. Второто сардисување се случило во август
1905 година, кога за време на празникот во манастирот биле присутни 3000 верници. Цел била фаќање на група комити за кои се мислело дека се кријат во манастирот. Благодарение на големата присебност и на мудроста на тогашниот игумен
јеремонах Еротеј во тие критични моменти сардисувањето не завршило трагично. Трето сардисување се случило за време на
воениот конфликт во тетовско на
21 август 2001 година, но во 2006 година манастирскиот комплекс бил реконструиран со истиот камен кој бил користен во првичната изградба.
Доколку сте љубител на манастирскиот туризам, на располагање ви се реновираните манастирски конаци каде што можете да престојувате во летниот период, да ги наполните батериите со свеж воздух и мир.