Фармацевти
Контакт

<< Назад

Куманово и манастирот Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане

март 1, 2018

Во близина на Куманово се наоѓа селото Старо Нагоричане и во него манастирот посветен на свети Ѓорѓи. Ви предлагаме да го посетите, да се воодушевите на фрескоживописот, ремек-дело на зографите Михаил и Ефтихиј, со колорит што не ја изгубил свежината и интензитетот во изминатите векови

Ивана Коцевска

Во североисточниот дел на Република Македонија, во средишниот дел на Кумановско Поле, на надморска височина од 340 метри, распространет од двете страни на реките Липковка и Кумановка, се наоѓа градот Куманово. Според легендата, името на населбата потекнува од воинственото племе Кумани, дојдени од Кавказ (реката Кума), кои во 1094 година навлегле во овој крај и извесно време се задржале на територијата на денешната кумановска општина и пошироко.

Куманово се наоѓа на главната сообраќајна артерија по Вардарско-моравската долина и има мошне добра сообраќајно-географска положба. Низ градот минуваат патишта кои на исток водат за Крива Паланка и Кратово, на југоисток за Свети Николе, на север за долината на Јужна Морава и на југозапад за Скопје.

Како градска населба почнал да се развила во XVII век. Најопширни и најзначајни податоци дава Евлија Челебија во 1660 година, кој напишал: „Населбата Куманово се наоѓа на територијата на Скопскиот санџак и претставува едно војводство. Градот е украсен со многу реки, закитен со 600 куќи, покриени со керамиди.“

Во 1689 год. при продирањето на Австријците на Балканот, водачот на востаниците од северниот дел на Македонија, Карпош, бил прогласен за „крал од Куманово“, што покажува дека Куманово како населба била на добар глас.

Во XIX век Куманово интензивно се развива. Во исто време значително напредувало и угостителството кое главно го воделе Грци од Јанина и Власи од Крушево, а еден кварт е наречен Велешки по доселениците од Велес. Денес градот спаѓа меѓу водечките стопански центри во државата.

Во близина на Куманово на 23 октомври 1912 година се одиграл еден од најжестоките судири во Првата балканска војна. Тое е прочуената  Кумановска битка во која турските сили биле поразени од српската војска и биле натерани на повлекување. Во нивна чест на локалитетот Зебрњак е подигната спомен-костурница во која се сместени коските на загинатите српски војници.

Куманово е град каде на 11 октомври 1941 година започнала антифашистичката борба на македонското население. Во Куманово може да се посетат Народниот музеј, Меморијалниот музеј Христијан Тодоровски Карпош, Уметничката галерија, Спомен-костурницата од НОБ.

Кумановчани важат за весели луѓе, шегаџии. На Градскиот плоштад пред повеќе години „никна“ споменик во чест на Батко Ѓорѓија, најпознат лик од Куманово, за кого е испеана песната „Умреја Батко Ѓорѓија“. Овој со години негуван и користен лик во разни видови творештва стана омилен јунак, синоним и препознатлив белег на Куманово. Иако постојат различни мислења за неговиот лик, дали навистина постоел таков човек или ликот произлегол од народот, славејќи го духот негов, шегата и ведрината во него може да се препознае секој од нас, бидејќи шегата, смеата, мајтапот, песната и ведрината се универзални, а пороците човечки.

Манастирот во Старо Нагоричане

Во селото Старо Нагоричане, на 13 километри источно од Куманово, во историската област Средорек, на падините на планината Козјак, се наоѓа еден од најзначајните споменици на културата во Македонија. Тоа е црквата посветена на свети Ѓорѓи, чија посебност и убавина, како во однос на архитектурата така и во однос на сликарството, посебно фрескоживописот, ја прават да биде еден од бисерите на христијанските градби на овие простори.

Првобитната црква потекнува од 1071 година и ја изградил византискиот цар Роман IV Диоген, а во спомен на пустиножителот Прохор Пчински, кој живеел во една мала пештера во непосредна близина на местото на кое подоцна била изградена црквата. Имено, во подоцна настанатиот препис на житието на свети Прохор Пчински се говори како пустиножителот, во текот на своето самување во близина на ова место, го среќава овој иден византиски цар на кој му прорекол стекнување на царско достоинство. Кога пророштвото се исполнило, Роман Диоген од благодарност на тоа место подигнува храм. Во времето кога територијата била под  српска власт црквата била во урнатини, а манастирот згаснат.

Приземниот дел од храмот бил сочуван и во голема мера е искористен при изградба на новото здание, така што сочуваниот дел влијаел на конечниот облик на градбата. Во 1313 година кралот Милутин ја обновил црквата целосно, во слава на својата голема победа над Турците, за што сведочи врежаниот натпис над западната влезна врата.

При градбата, стариот облик на црквата е зарамнет на половина од денешната висина, по што на таа основа е подигната нова црква со наизменично редење на цигла и камен. Во поглед на архитектурата, црквата е трикорабна со форма на издолжен впишан крст, а над неа се издигаат 5 куполи. Се претпоставува дека сводната партија на старата црква се урнала од посилен земјотрес.

Неодминливото значење на овој културен и духовен споменик лежи и во сочуваниот фрескоживопис, изработен од познатите зографи Михаил и Ефтихиј, кои се автори и во други цркви и манастири во земјава, но и надвор од неа, на територијата на соседните балкански земји. Целата внатрешност по ѕидовите, столбовите и сводовите е исполнета со добро зачуван живопис. Фрескоживописот бил изведен во 1317-1318 година, за што сведочи  натписот на југозападниот дел од црквата. Според ликовните вредности, фрескоживописот се вбројува меѓу ремек-делата на зографите што работат во Македонија во 14 век и е еден од најдобро зачуваните, со колорит што не ја изгубил свежината и интензитетот во изминатите векови. Впечатливи се портретите на ктиторите на црквата, кралот Милутин и неговата млада жена Симонида, претставени во долната зона од северниот ѕид.

Посебен шарм на манастирската црква даваат иконите на престолот кои се работени со специфична ал фреско техника, директно на малтер, што ја прави единствена.  На тој начин, лево и десно од царските двери, се претставени ликовите на свети Ѓорѓи и Богородица Пелагонитиса.

Ктиторската претстава во Нагоричани го издвојува гестот на патронот на храмот свети Ѓорѓи, кому кралот му ја предава црквата. На една од ктиторските сцени е прикажан патронот свети Ѓорѓи кој се врти кон ктиторот, кралот Милутин, со подигната десница, а во левата рака држи меч и му го предава на кралот. Тој гест се поврзува со победата над Турците во годината кога храмот е изграден, за што говори и натписот на градбата. Било црквата да е подигната како исполнување на завет даден пред битка, било во знак на благодарност поради победата, кралот Милутин овде е прикажан во триумф. Прикажани се и светите војници кои страдале за христијанството. Циклусот претставен во манастирот Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане е најисцрпен сочуван циклус од средниот век.

Црквата изобилува со ликови на светители, сцени од животот, страдањата и чудата на Исус Христос, присутни се илустрации на календари, како и портрети на локални светители, свети Климент Охридски, свети Јоаким Осоговски, свети Прохор Пчински.

Одвојте од своето време и посетете го манастирот во Старо Нагоричане и уживајте во прекрасните дела кои се сведок на минатото.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>