Удобна и шик облека за спиењеМарија Јоксимовиќ
Од едноставни и строги модели закопчани до грло, кои добро го покриваат телото, ноќницата еволуирала во практични, романтични и екстравагантни варијанти, кои модните креатори ги лансираат секоја сезона, а оваа година се носи и верзија за улица, која ја промовира Викторија Бекам
Во царството на пижами, или облека за ноќ и спиење, ноќницата е неприкосновена кралица, која во машка варијанта во текот на историјата се нарекувала „ноќна кошула“ и се носела во комбинација со ноќна капа. Меѓутоа, додека машката верзија на гардероба за одење во кревет од фустан во облик на „вреќа“ еволуирала во удобна, дводелна верзија со ногавици, најчесто со пруги, женската ноќница станала вистински предизвик за модните дизајнери.
Шик модели
Изложбата Undressed: A Brief History Of Underwear, која во лондонскиот музеј Victoria and Albert траела една година (од април 2016 до март 2017 година) и имала огромен број посетители, покажала како ноќниците се менувале со текот на времето, од рачно шиени парчиња на мајката на кралицата Викторија до шик модели во кои спијат Кејт Мос и Ким Кардашијан. Истражувачите на долна облека во таа прилика воделе и дебати за тоа зошто и како ноќниците од секојдневни предмети се претвориле во гламурозни, минијатурни и непрактични парчиња ноќна облека, како и какви причинско-последични врски тоа може да има со здравјето и хигиената. Она што никој не го објаснил е зошто ноќниците вообичаено се категоризираат како „долна облека“, а не се носат под облеката.
Најновата мода на носење пижами и ноќници и за излегување и на улица, која ја промовира екстравагантната Викторија Бекам, ја брише границата помеѓу облека за ден и ноќ, токму како што тоа некогаш го правела славната Коко Шанел, облечена само во пижами со неизбежните бисери. И покрај тоа што во светот на модата ваквиот пресврт се третира као инспиративен тренд, „ослободувањето на ноќницата“ и редизајнот на облеката за спалната соба која ја истакнува женственоста во јавност, забраните за носење ноќна облека на јавно место воопшто не се реткост. Супермаркетот Tesco во Велика Британија им забранил на купувачите вака облечени да влегуваат во продавници, а даблинското одделение за социјална заштита објавило дека клиентите во ноќници и пижами носат несоодветна облека и дека така облечени не се пожелни.
Материјал и дизајн
Во минатото, ноќниците се шиеле дома, и тоа од бело платно, се украсувале со везови и биле дел од чеизот, со тоа што функцијата била да го покријат телото и да го заштитат од студ. И моралот играл важна улога, диктирајќи строгост. На пример, во викторијанско време се сметало дека контурите на женското тело мора да бидат добро покриени и сокриени, дека ноќницата мора да биде затворена и закопчана до грло, а користењето тантела се сметало за непристојно и неприлично за дама. Во половината на 19 век на ноќниците се појавува деколте (овално, квадратно, или во облик на буквата „V“), ракавите често се набрани, а отворот на предниот и задниот дел се украсува со врвци, рачно изработени копчиња и тантела. Во почетокот на 20 век ноќниците почнуваат да ја следат и да ја нагласуваат линијата на телото, стануваат пократки, некои имаат и тенки бретели и сатенски врвци, а Коко Шанел промовира и атрактивни пижами за дами кои може да се носат и на плажа.
Беби дол
Употребата на машини за шиење, како и масовното производство на конфекциски модели, внело во светот на ноќниците голема разновидност. Сошиени од меки природни ткаенини, памук, лен, вискоза, фланел, сатен и свила, но и од полиестер и ликра (што се помалку здрави варијанти), ноќниците во поголем број случаи се синоним за удобна облека која се носи за спиење. Должината им варира, може да бидат до под, половина листови, колена, но и сосема кратки, кога се комбинираат со кратки панталончиња и се нарекуваат „беби дол“. Еден таков беж модел го прославила Ким Бесинџер во филмот Девет и пол недели (9½ Weeks) од 1986 година.
На видот на материјал (подебел или потенок), како и на должината, влијае и климата, годишното време, па дури и тоа дали сме на гости, на патување или дома. Ноќниците може да бидат еднобојни, најчесто со пастелни бои, но и шарени, со пруги, точки, карирани, со цветни, животински и апстрактни мотиви, понекогаш и со шеговити натписи, принтови со јунаци од стрипови, филмови или бајки. Дезени има безброј, од облачиња, месечина, овошје, зеленчук, колачиња, бонбони и балони, до сензуални и спортски. Некогаш се дизајнираат и со дополнителни украси, јаки, карнери, копчиња, врвци, ластик, но генерално се препорачуваат поедноставни варијанти кои не пречат на сонот и лесно се одржуваат.
Иако денес жените за спиење користат и тренерки, стари маици и машки пижами, убаво е и корисно во гардероберот да се имаат и летни и зимски ноќници, пријатни за носење. Во пријатна ноќница убаво се спие, но и се изгледа добро. Таа може да се комбинира со наметка, влечки, па дури и постелнина. Навиката за носење ноќници се стекнува во детството, а се развива во текот на животот, во согласност со личноста и афинитетот за мода. Романтичните жени обично бираат нежни варијанти со бел вез, а спортските типови удобни модели од памук мако. Ноќниците денес ги има за ској вкус и џеб, па оваа женствена ноќна облека никако не треба да се занемари, туку треба да ѝ се посвети внимание какво што заслужува.